Младите ентузијасти зад иницијативата „Мој Прилеп“ повторно покажуваат дека со визија, знаење и желба за промени може да се создадат решенија кои ќе им го олеснат секојдневието на граѓаните.
Иако летниот период е време на високи температури и годишни одмори, за тимот на иницијативата „Мој Прилеп“ нема пауза кога станува збор за развојот на идеи кои можат да донесат вистински промени во градот.
По бројните активности на терен, младите ентузијасти сега се во завршна фаза од развојот на, како што велат, првата мобилна апликација од ваков тип во Македонија, па и пошироко, која ќе ги обедини најважните информации и услуги за граѓаните на едно место.
Новата апликација ќе претставува вистинска дигитална платформа за Прилеп, каде што секој граѓанин ќе може едноставно да пријави проблем или недостаток во градот, да го следи градскиот превоз, да ја пронајде најблиската локација за рециклирање, да биде информиран за културни, спортски и забавни настани, како и да користи уште многу дополнителни функции кои ќе бидат достапни во иднина.
Според информациите од тимот, апликацијата ќе биде достапна и за Android и за iOS уредите. Во моментов се наоѓа во фаза на одобрување и финално тестирање, по што ќе биде официјално пуштена во употреба за сите граѓани.
Од „Мој Прилеп“ најавуваат дека ова е само почеток и дека платформата постојано ќе се надградува со нови функционалности, со цел да стане корисна алатка за секој прилепчанец.
Со вакви современи решенија, иницијативата уште еднаш покажува дека младите луѓе, кога имаат визија и желба да придонесат, можат да креираат проекти кои не само што го подобруваат секојдневниот живот, туку го прават Прилеп попаметен, подостапен и подобро поврзан град.
























