Мајорка се сели на Пелистер! Светски познатиот DJ Kiko Navarro доаѓа на „Ski You Later Vol. 02“

Пелистер на 27 декември ќе биде домаќин на вистински музички спектакл! Project 7000 ја најави втората фестивалска вечер „Ski You Later“, а главна ѕвезда на настанот ќе биде светски познатиот DJ и продуцент Kiko Navarro од Мајорка.

Овојпат, неговото доаѓање нема да биде заради скијање, туку за да го донесе препознатливиот балеарски house звук на Пелистер, со длабоки house, афро и латино ритми, електронска музика со душа и атмосфера по која е познат на светската клупска сцена.

Kiko Navarro зад себе има повеќе од три децении музичка кариера, настапи во легендарните клубови Pacha и Space Ibiza, како и на фестивали и музички настани ширум светот. Соработувал со Buika, објавувал музика за реномирани издавачки куќи како Yoruba Records, King Street Sounds и Freerange, а неговата музика ја поддржуваат светски познати имиња како Gilles Peterson, Louie Vega и Black Coffee.

Неговата работа доби дополнително признание во 2024 година, кога ја освои наградата за Best House DJ на Mallorca Electronic Awards.

Настанот ќе се одржи на 27 декември 2026 година, во Ski Center Niže Pole, под името „Ski You Later · Vol. 02“, а Kiko Navarro е најавен како главен артист на вечерта. Останатите имиња од музичката програма организаторите ќе ги откријат наскоро.

Со овој настан, Project 7000 ја продолжува приказната започната минатиот декември со првото издание на „Ski You Later“, по кое следуваа пролетната „Дива Ботаника“, јунскиот „Протокол Мираж“ и есенскиот „Harvest of Sound“.

Сега повторно се враќаат на планината, со нова енергија, нов музички звук и идеја за поинакво фестивалско доживување, далеку од вообичаените клубски и фестивалски простори.

На 27 декември Пелистер ќе биде место за средба на планинската зима и балеарските ритми. А ако се суди според најавениот главен артист, забавата сигурно нема да ја сопрат ниту ниските температури!

The mountain is calling. The Balearic sound is answering.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.