Навивачката група „Мајмуни Прилеп 1997“ преку соопштение објавено на социјалните мрежи информира дека се оградува од новоформираниот клуб ГФК Победа 2026 и дека нема да присуствува на неговите натпревари.
Како што наведуваат од групата, по разгледување на ситуацијата, дошле до сознанија дека и во новиот клуб има вмешаност на луѓе од политичката фела. Од „Мајмуни“ велат дека нивниот став отсекогаш бил дека спортот треба да биде спорт, а не место за политички интереси и влијанија.
Во соопштението посочуваат и дека биле целосно игнорирани во процесот на активирање и формирање на новиот клуб, односно дека не биле информирани, консултирани или прашани за својот став.
„Не бараме никој да одлучува според нашите желби, но не прифаќаме да бидеме игнорирани кога се носат одлуки поврзани со клубот и името за кое сме стоеле со години“, наведуваат од навивачката група.
„Мајмуни“ потсетуваат и на, како што велат, разочарувањата и ситуациите со кои се соочувале во минатото, порачувајќи дека нема повторно да дозволат името, љубовта и вербата кон Победа да бидат искористени за лични или политички интереси.
Во продолжение од групата изразуваат задоволство поради информациите дека „Старата Победа“, клубот со историја и традиција, повторно е вратен и дека би можел да започне со натпревари во Четвртата лига. Сепак, нагласуваат дека ова не можат да го потврдат со сигурност сè додека не биде објавено официјално соопштение.
„Доколку информациите се потврдат, тоа за нас ќе биде голема радост и надеж дека вистинската Победа повторно ќе застане на своите нозе“, стои во соопштението.
Навивачката група дополнително појаснува дека секој нејзин член има право како поединец да присуствува на кој било натпревар и да даде поддршка кому смета дека треба, но без да ја претставува групата или да го користи нејзиното име и обележја без заедничка одлука.
Соопштението го завршуваат со пораката:
„БЕЗ ПОЛИТИКА ВО СПОРТОТ!
ЗА ВИСТИНСКАТА ПОБЕДА!“
























