Македонската песна и фолклор одекнаа во Крушево – иселеници од Австралија приредија незаборавна вечер (Фото галерија)

Градскиот плоштад во Крушево синоќа беше исполнет со звуците на македонската песна, ората и богатата фолклорна традиција, благодарение на концертот на македонските културно-уметнички друштва од Австралија – МКУД „Светлост“ од Мелбурн и МКУД „Македонски бисери“ од Волонгонг.

Бројните посетители имаа можност да уживаат во автентични македонски народни песни и игри, кои членовите на двете друштва со голема љубов и посветеност ги негуваат и ги пренесуваат низ генерациите, иако живеат илјадници километри далеку од својата татковина.

Гостите од Австралија беа пречекани со топло добредојде, а беше истакнато дека нивната посветеност кон зачувувањето на македонскиот јазик, култура и традиција претставува вистински пример за силната поврзаност на иселениците со Македонија.

Концертот донесе прекрасна атмосфера во Крушево, исполнета со емоции, аплаузи и заедничко славење на македонскиот фолклор, уште еднаш потврдувајќи дека традицијата не познава граници и дека љубовта кон татковината живее и далеку од неа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.