Кузманоска распали: Талогот од општеството е несреќен поради економскиот раст

Економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година е поддржан од силен раст на инвестициите, извозот и градежништвото, оцени пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Биљана Кузманоска.

Според неа, податоците покажуваат дека позитивните економски резултати се темелат на конкретна економска активност, а не само на статистички показатели.

„Економскиот раст од 4,3 проценти е поддржан од силен раст на инвестициите, извозот и градежништвото. Тоа покажува дека позитивните економски резултати се темелат на конкретна економска активност“, истакна Кузманоска.

Таа посочи дека во вториот квартал од 2026 година бруто-инвестициите бележат раст од 16,5 проценти, додека извозот на стоки и услуги е зголемен за 10,4 проценти.

Особено значаен раст, како што нагласи, е забележан во градежништвото, кое бележи раст од 21,9 проценти. Преработувачката индустрија, пак, има раст од 4,1 процент.

„Поголемите инвестиции создаваат основа за ново производство и развој. Растот на извозот значи поголема активност и подобар пласман на македонските компании на странските пазари. Силниот раст на градежништвото покажува зголемена реализација на проекти и економска активност“, рече Кузманоска.

Пратеничката посочи дека целта, според економската политика на власта, не е краткорочен резултат, туку создавање услови за одржлив раст и нова економска вредност.

„За нас ова е особено важно бидејќи целта не е краткорочен резултат, туку одржлив економски раст кој создава нова вредност“, истакна таа.

Кузманоска додаде дека фокусот и во периодот што следи ќе биде ставен на поттикнување на инвестициите, поддршка на компаниите, реализација на капиталните проекти и подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Според неа, крајната цел на ваквите економски движења треба да биде подобрување на секојдневниот живот на граѓаните.

„Следниот чекор е овие позитивни движења да се преточат во она што е најважно за граѓаните, а тоа се повеќе можности за работа, повисоки приходи и подобар животен стандард“, рече Кузманоска.

Во својот настап таа упати и политичка порака до опозицијата, обвинувајќи ја дека не се радува на позитивните економски показатели.

„Додека талогот од општеството ликува на неуспеси и единствено што сака е Македонија да не успее, ние ќе работиме исклучиво на добробитот на граѓаните“, порача Кузманоска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.