Крушево на 18 и 19 јули ќе биде домаќин на првото издание на саемот „Крушево Отворени Денови – Krushevo Open Days“, настан посветен на промоцијата на туризмот, гастрономијата и креативните индустрии. Во пресрет на манифестацијата, организаторите упатија јавен повик до сите заинтересирани туристички работници, занаетчии, производители, угостители и претставници на креативните индустрии да се пријават и да станат дел од саемот.
Повикот за учество го сподели и градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, кој ги повика сите заинтересирани да ја искористат можноста за промоција на своите производи, услуги и идеи.
„На 18 и 19 јули, Градскиот парк во Крушево ќе биде место каде ќе ги промовираме нашите потенцијали во туризмот, гастрономијата и креативните индустрии. Верувам дека преку вакви настани создаваме нови можности за соработка, развој и промоција на Крушево. Ве очекуваме да бидете дел од оваа заедничка приказна“, порача Чонески.
Саемот ќе се одржи во Градскиот парк во Крушево, а котизацијата за учество изнесува 3.000 денари по штанд. Пријавувањето е отворено до 10 јули.
Организатор на манифестацијата е Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „Културен МаниФест – Крушево“, со поддршка од Општина Крушево.
Целта на „Крушево Отворени Денови – Krushevo Open Days“ е да создаде простор за поврзување на локалните чинители, промоција на туристичката понуда и поттикнување на економскиот и културниот развој на градот преку претставување на неговите автентични вредности.
























