Крушево направи уште еден значаен чекор во унапредувањето и модернизацијата на туристичката понуда. На 14 август беше претставена Experience Krusevo, современа дигитална туристичка и Loyalty платформа која ја обединува туристичката понуда на градот на едно место.
Платформата овозможува на едноставен и модерен начин да се пристапи до информации за атракциите, културно-историските знаменитости, сместувањето, угостителските објекти, активностите, настаните и останатите туристички услуги кои ги нуди Крушево.
Особено значајно е што преку платформата се овозможува и директно вклучување на локалните туристички чинители, кои можат да креираат свои профили и да ја претстават понудата пред посетителите. Со тоа се зголемува дигиталната видливост на локалните бизниси и се олеснува пристапот на туристите до информациите што им се потребни.
Паралелно со дигиталната платформа, Крушево доби и нов Туристички информативен центар, кој ќе биде физичка точка каде туристите ќе можат да добијат информации и препораки за туристичката понуда на градот, да се информираат за активности и настани, како и за организирани адреналински тури и други можности за престој.
Во рамки на унапредувањето на услугите, Туристичкиот информативен центар ќе организира и Open Day, наменет за локалните туристички чинители и сите заинтересирани лица, со цел подобро запознавање со можностите што ги нуди платформата и нивно активно вклучување.
Создавањето на Experience Krusevo и отворањето на Туристичкиот информативен центар се резултат на соработката помеѓу Општина Крушево и бизнис секторот, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија и Increasing Market Employability (IME), додека техничката имплементација е реализирана од Innofeit EDIH, во соработка со „Крушево Грин“ и останатите партнери.
„Денес го претставивме Experience Krusevo – современа дигитална и Loyalty платформа која ја обединува туристичката понуда на Крушево на едно место. Воедно, го отворивме и Туристичкиот инфо центар, како нова точка за информации, препораки и подобро туристичко искуство“, истакна градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, заблагодарувајќи им се на сите партнери кои придонесоа идејата да стане реалност.
Experience Krusevo има амбиција да стане дигитална мапа на туристичкиот Крушево, поврзувајќи ги на едно место атракциите, сместувањето, настаните, активностите и гастрономската понуда на градот.
Новата платформа е достапна на www.experiencekrusevo.mk, со што туристите и посетителите добиваат уште еден едноставен начин да го планираат својот престој и да го запознаат Крушево.
Со спојувањето на дигиталната платформа и физичкиот Туристички информативен центар, Крушево создава современ систем за информирање и промоција на туристичката понуда, со цел посетителите да добијат подобро, полесно и поквалитетно туристичко искуство.





























