На 21 август 2026г. /петок/ од 20.00 часот во Ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт на класична музика на кој ќе настапи ТРИО ДОЛЧЕ. Концертот е со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Учесници :
Светлана Богданоска Ристеска – флејта,
Андријана Дукоска – виолончело,
Марија Шамоска Буџаковски – пијано
Програма:
1. Astor Piazzolla – Libertango
2. Astor Piazzolla – Oblivion
3. Weber – Trio in G minor – Op. 63 for piano, flute and cello
– Scherzo (Allegro vivace)
– Schäfers Klage ( Andante espressivo)
4. Трајко Прокопиев – Дојранка
5. Philippe Gaubert – Trois Aquarelles
No. III Sérénade
6. P. I. Tchaikovsky – The Seasons Op. 37
– February | Carnival
– April | Snow bell
– Octobre | Chant d’Automne
7. Nelio Milotti – Охридски бисери
Податоци за TRIO DOLCE:
TRIO DOLCE е музички состав кој е формиран во 2016 година. Aктивно концертираат во многу градови низ нашата држава (Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид, Кавадарци, Валандово, Велес) и во странство ( Concerti del tempieto – Рим, Италија). Во изведувачкиот опус може да се најдат и се опфатени композиции од сите стилски епохи. Овој музички состав, во периодот јануари/февруари 2021 год. ја освои Првата награда – LAUREATЕ, на Меѓународниот уметнички фестивал во Италија – Future Stars на фондацијата Sopravista International Festoval – Contest, во категоријата Инструментална музика. Во септември 2021 год. ја освои Втората награда, во категоријата Инструментална музика за камерни состави на Меѓународниот музички натпревар во Москва, Русија – International Moscow Music Online Competition / Second prize winners. Во декември 2021 година, ја освои Првата награда (Laureate) на on line натпреварот “Prometheus”, во категоријата Инструментална музика. TRIO DOLCE го сочинуваат: Светлана Богданоска Ристоски – флејта, Андријана Дукоска – виолончело и Марија Шамоска Буџаковски – пијано.
Податоци за уметниците:
Светлана Богданоска Ристоски е родена во Охрид, каде што го започнува своето музичко образование во О.М.У.,,Методи Патче”(класа: Н.Момировска). Средното образование го завршува во СМУ во Битола (класа: П.Талевски). Дипломира на ФМУ во Скопје(класа: Б.Станковска).Магистрира на Педагошкиот факултет во Битола, на насоката: Образование на надарени и талентирани (под менторство на проф.д-р Љупчо Кеверески).Се усовршува на работилници и мастер-клас семинари кај:Илија Зимбо (со кого има долгогодишна соработка),Луис Меирелес, Елена Стојчевска,Пјер Ив Арто,Гаспар Оџос,Џазмин Чои,Лаура Леваи Аксин,Дамјан Крајачиќ др.Има учествувано на државни и меѓународни натпревари, каде што ги има освоено следниве награди:Втора награда(прва не беше доделена), Јули 2002 год.-“Млади Таленти”-Сан Бартоломео ал Маре, Италија; Прва награда-Државен Натпревар-Април 2003; Прва награда (клавирско трио)- Државен натпревар за камерна музика-Април 2005; Прва Специјална награда-Државен натпревар-Април 2006; Прва награда-“Музички натпревар за млади”-Приштина 2007, Прва награда – LAUREATЕ, на on-line натпреварот “Future Stars” 2021 година (Trio Dolce), Втората награда, во категоријата Инструментална музика за камерни состави (Trio Dolce) “International Moscow Music Online Competition” – 2021 год, Прва награда (Laureate) на on line натпреварот “Prometheus” (Trio Dolce), 2021 год. и други. Член е на Trio Dolce, заедно со Андријана Дукоска-виолончело и Марија Шамоска Буџаковски -пијано, со кои од 2016 година заедно концертираат низ Македонија и странство. Во моментов e професор по флејта во ООМУ во Струга и ДСМУ ,,Тодор Скаловски -Тетоец”-Тетово,паралелка Струга.
*************************
Андријана Дукоска е родена во 1987 година во Прилеп. Средно Музичко училиште завршува во 2006 г. во Битола, во класа на Проф. Панде Тунтевски, како музичар изведувач – Виолончелист. Своето Високо образование го продолжува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класа на Проф. м-р Живко Фирфов, а го завршува во 2010 г. со највисока оцена (10), со што се закитува со титулата Виолончелист. Учествувала на повеќе државни натпревари и е добитник на: втора државна награда за соло виолончело во 2004 г. и прва државна награда за камерна музика во 2005 г. Учествувала на мајсторски часови и семинар кај светски познатиот и маестрален виолончелист Јоханес Мозер – Германија. Настапува на многу значајни и културни манифестации низ државава, соло изведби на свечено отворање изложби и промоции на книги, бројни настапи како член во гудачки квартети, камерни и симфониски оркестри и е добитник на повеќе први меѓународни награди (LAUREATE) во Италија и Русија, како член, виолончелист во пијано-трио „TRIO DOLCE“, со кое реализирале целовечерен концерт на Фестивалот „Festival Musicale delle Nazioni“ во Рим, Италија во Teatro di Marcello. Пее во црковниот хор “Св.Петка” во Прилеп, со кој како активен и долгогодишен член и еден од основачите, оствариле бројни настапи и концерти на духовна музика. Во рамки на меѓународната културна соработка, хорот “Св.Петка” реализирал целовечерен концерт на духовна музика во Капелата Chapelle Saint Vincent de Paul во Париз, Франција, претставувајќи ја македонската духовна и хорска традиција пред меѓународна публика. Работела како Наставник по Музичко образование во повеќе основни училишта во Прилеп. Во моментов работи како образовен асистент на деца со попреченост во развој.
*****************************
Марија Шамоска Буџаковски е родена во Битола,каде го завршува основното и средното музичко училиште. Потоа се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-р Милица Шперовиќ-Рибарски, кај која ги завршува и магистерските студии и се стекнува со звањето Магистер. Учествувала на повеќе државни и меѓународни натпревари и е добитник на повеќе награди. Учествувала на семинари кај познати пијанисти.
Настапувала на повеќе значајни културни манифестации како: ”Денови на македонската музика”, ”Денови на полската култура во Македонија”, ”Ресенско културно лето”, ”Денови на битолска ликовна колонија во Скопје”, ”Музички вторник”, ”Хераклејски вечери”, ”Интерфест”, ”Битолско културно лето”, “Прилепско културно лето”, “Битфест”, “Concerti del Tempietto” и др.
Моментално работи како професор по пијано во Државното музичко училиште во Битола каде како професор по пијано и камерна музика постигнува врвни успеси со своите ученици, како наградуван педагог и успешен пијано соработник.
Во 2013 година со нејзината колешка, челистката Андријана Дукоска, го формираат дуото DUO NUOVO, виолончело и пијано, а во 2016 година, нив им се придружува и флејтистката Светлана Богданоска и го формираат триото TRIO DOLCE со кое активно концертираат низ многу градови низ државава, како и надвор од неа. Дел е од триото за шест раце – Трио Трифоника – трио со кое што настапуваат во повеќе наврати и кое што пред себе има светла иднина на домашната и меѓународната сцена.
Шамоска – Буџаковски одржала сопствени семинари и предавања на теми од областа на пијанизмот и пијанистичката педагогија во склоп на “ЕПТА” пијано –фестивалот и во склоп на културната програма на О.Новаци, како и меѓународни предавања во Србија на значајни меѓународни манифестации. Дел е од основачите на здружението на пијанисти и музички педагози”Пијано”со кое го организира меѓународниот натпревар по пијано “Пијанофест”-Битола и натпреварот “Виена Гала Фест”. Здружението активно организира различни случувања од областа на пијанизмот и класичната музика како : концерти, натпревари, европски проекти, семинари и сл. Во 2023 година Здружението “Пијано” ја доби престижната награда “4ти Ноември” како признание за успешна работа во областа на културата и образованието. Марија Шамоска Буџаковски е дел од многу државни и меѓународни жири комисии на државни натпревари, како и на меѓународни натпревари во Србија, Италија и др. На натпреварот “Euterpe” во Итлија, како и на натпреварот “Slavenski” во Нови Сад, прогласена е за најуспешен професор на натпреварите, со највисоко рангирани ученици кои биле учесници на овие натпревари. Во моментов Шамоска – Буџаковски извршува раководна функција во Државно музичко училиште, во кое реализира активности и проекти кои придонесуваат за напредок на учлиштето и промоција на младите музички таленти.

























