“Кога Рацин зборува – зборува Македонија”: Во Прилеп се одржаа вторите Рацинови средби (Фото галерија)

Во организација на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, а со поддршка на Општина Прилеп, успешно се одржаа вторите по ред Рацинови средби, манифестација посветена на ликот и делото на големиот македонски поет и револуционер Кочо Рацин.

Во соработка со училиштата „Кочо Рацин“ од Могила, Дојран, Блатец и Велес, дводневната манифестација беше исполнета со бројни културни, образовни и забавни активности, кои на учениците им овозможија да се запознаат со богатото културно и историско наследство на Прилеп и Македонија.

Програмата започна со полагање цвеќе на Могилата на непобедените, а учесниците ги посетија Меморијалниот музеј „11 Октомври“, Галеријата на икони, Музејот за тутун, манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош и повеќе значајни локалитети во градот.

Во текот на средбите се реализираа драмски изведби, едукативни натпревари, тимски игри, музички настапи и туристички тури низ Прилеп. Преку секоја активност учениците ја оживуваа мислата и делото на Кочо Рацин, потврдувајќи дека неговото творештво и денес претставува силна порака за идните генерации.

Завршната свеченост се одржа во амфитеатарот во Варош, каде преку богата музичко-културна програма, песни и рецитали посветени на Рацин, беше заокружено овогодишното издание на Рациновите средби.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.