Клубот за мал фудбал „Победа“ излезе со јавна реакција по објавените резултати од Јавниот повик за финансирање на спортски клубови и здруженија од страна на Општина Прилеп, откако нивното барање за финансиска поддршка било одбиено од Комисијата за финансирање и буџет.
Од клубот велат дека образложението за одбивањето било дека доставената документација била некомплетна, но изразуваат несогласување со ваквата одлука, посочувајќи дека истата документација во претходните години била прифаќана и врз нејзина основа клубот добивал средства.
Во продолжение следува интегралната реакција на КМФ Победа:
„Со жалење ја информираме јавноста дека барањето на нашиот клуб по Јавниот повик за финансирање на спортски клубови и здруженија беше одбиено од страна на Комисијата за финансирање и буџет при Општина Прилеп.
Образложението што беше објавено е дека документацијата била некомплетна. Сепак, останува нејасно како документација која во претходните години била прифатена и врз основа на која на клубот му биле доделувани средства, сега одеднаш претставува причина за одбивање. Дополнително, истата документација е во меѓувреме и дополнета.
Ова остава сериозен сомнеж дека критериумите не се применуваат еднакво за сите учесници на повикот. Како клуб, не можеме да се ослободиме од впечатокот дека одлуката е мотивирана од причини кои не се поврзани со спортот и јавниот интерес, туку со лични и политички несогласувања, насочени кон нашиот претседател Никола Трајкоски.
Особено загрижува фактот што Комисијата, која треба независно и професионално да одлучува, донесе одлука која, според нас, е на штета на спортот во Прилеп.
Со оваа одлука не е оштетен само нашиот клуб. Оштетен е футсалот во Прилеп, но и целиот Пелагониски регион. Во нашиот клуб настапуваа играчи од повеќе општини, а бројни млади и искусни футсалери конечно добија можност да играат за својот град. Денес, поради оваа одлука, Прилеп повторно останува без футсал клуб, а играчите ќе бидат принудени да ја продолжат својата кариера во други градови.
Сметаме дека спортот не смее да биде жртва на селективни одлуки и различни аршини. Институциите имаат обврска да постапуваат транспарентно, еднакво и исклучиво во интерес на спортот и граѓаните.
Затоа бараме јавно и детално образложение за критериумите по кои е донесена оваа одлука, како и еднаков третман за сите спортски клубови.
Со оваа одлука, градоначалникот Дејан Проданоски и мнозинството кое го поддржува во Комисијата, според нас, го покажаа своето вистинско лице. Наместо да бидат партнери на спортот и младите, избраа одлука која го остава Прилеп без футсал клуб и им ја одзема можноста на многу спортисти да настапуваат за својот град. Наместо да застанат зад спортот, младите и интересот на граѓаните, тие избраа политика на селективност и поделби.
Можеби успеаја да го згаснат нашиот клуб на момент, но нема да ја згаснат љубовта кон футсалот, ниту желбата на младите прилепчани да го претставуваат својот град.
Ова не е крај на нашата борба – ова е почеток. Ќе продолжиме да се бориме за правда, за еднаков третман и за враќање на футсалот таму каде што му е местото на Прилеп.
Ќе продолжиме со сите законски и институционални средства да се бориме за вистината, за достоинството на нашиот клуб и за иднината на футсалот во Прилеп.
Историјата ќе покаже кој работел за развојот на спортот, а кој придонел за неговото назадување.
Спортот заслужува поддршка, а не селективност.“
























