Италија подготвува нови законски ограничувања за користење на социјалните мрежи од страна на малолетници, со кои се предвидува целосна забрана за деца помлади од 13 години, како и дополнителни ограничувања за тинејџерите до 16-годишна возраст.
Според предлогот што се разгледува во италијанскиот парламент, децата под 13 години воопшто нема да смеат да користат социјални мрежи, додека оние на возраст од 13 до 15 години ќе можат да пристапуваат до платформите само преку профили поврзани со родителска сметка.
Тинејџерите кои наполниле 16 години ќе можат самостојно да отвораат и користат профили на социјалните мрежи.
Како што пренесува „Ројтерс“, целта на предложените мерки е поголема заштита на децата од штетните влијанија на интернет, вклучувајќи ја зависноста од социјалните мрежи, изложеноста на несоодветни содржини и ризиците за менталното здравје.
Предлогот предвидува исклучоци за одредени образовни апликации, со цел новите правила да не го ограничат пристапот на децата до дигитални алатки што се користат за учење.
Италијанските власти настојуваат новите правила да бидат усвоени до крајот на 2026 година, но законските измени сè уште не се изгласани.
Со оваа иницијатива Италија се приклучува на растечкиот број држави што разгледуваат построги ограничувања за пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, во услови на зголемена загриженост за нивната безбедност и психолошки развој.
























