Интервју со актерот Марјан Чакмакоски – Човекот кој цели 33 години ги собира аплаузите на театарските штици

Марјан Чакмакоски е една од многуте легенди на прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”. Тоа е актерот кој секогаш инспирирал со својот талент, човек полн со енергија, актер кој секоја улога знаел и знае да ја долови на вистински начин и со неговата игра да постави граница, која идните актери ќе треба да ја следат за да бидат исто толку успешни. Во своите 33 години стаж на штиците кои живот значат има одиграно се’ и сешто, улоги кои ќе се паметат и уште долго ќе одѕвонуваат од ѕидовите на театарот во Прилеп. За него вели дека најголема награда е аплаузот на публиката и дека тоа е најголемото одликување за секој актер. Во интервјуто подолу разговараме за целата негова кариера, омилените улоги, за театарот некогаш и сега….

Кога се роди кај вас првата љубов кон театарот, на која годишна возраст и како на кратко стигнавте до “штиците што живот значат” во театарот “Војдан Чернодрински”?

– Многу одамна беше. Бев прва година гимназија и ме побараа да статираме во “Бегалка” од Васил Иљоски. Појдовме една група деца, имаше аудиција за ликот Бошко. “Ленче” ја имаа веќе тогаш најдено, го најдоа и Бошко, меѓутоа и другите ликови му требаа. Се сеќавам, игравме оро и имав задача после орото да преминам од едниот до дригот крај на сцената. Ми се чинеше дека сум најголемата ѕвезда на планетава. Потоа започнаа некои нови претстави за деца. Истата оваа група. Па почнавме да работиме во еден поеткси клуб, се викаше “Никола Јонков Вапцаров”. Одевме таму, се дружевме, пишувавме поезија, правевме литературни читања, но меѓу другото оформивме и театарска група. Направивме две претстави кои се одиграа и во нашиот театар, но одевме и на неколку аматерски фестивали во Струга, во Кочани и толку требаше. Се инфицирав и не се одделив од театарот. Следеа потоа други професионални претстави во кои статиравме некои помали улоги. Потоа заминав на Академија, па се вработив и еве веќе 33 години сум во театарот.

Дали доколку би можеле да се вратите назад нешто би промениле?

Па сигурно дека би променил нешто. Веројатно нема да донесувам толку наивно некои одлуки. Би бил повешт, би се менаџирал веројатно многу подобро. Не би ја сменил професијата за ништо на светот, меѓутоа, некои одлуки сигурно би ги донел поинаку.

Каков беше театарот во Прилеп пред 30 години, а каков е сега, во што се разликува оваа култура споредбено со денешно време?

– Театарот е како животот, како оди се’ напред, во смисла на технологија, нови сознанија, така се променува и театарот. Театарот постои неколку илјади години и до сега во суштина ништо не се променило, меѓутоа се експериментира. Иди некој нов бран од некаде, па се испробува, меѓутоа секогаш се враќаме на почеток. Суштината си останува иста.

Имате ли некоја омилена улога и претстава во која сте глумеле низ годините?

– Во секој случај да. Некои од мноштвото претстави и улоги мора да се издвојат. Се сеќавам на првите улоги, никогаш нема да ги заборавам. Тоа се “Сотка Пискулот” во “Солунски патрдии”, која беше исклучително успешна претстава. Тоа ми беше и прва улога како професионалец. Ја одигравме над 100 пати пред полна сала. Со една, две проби и сега би ја вратил и би ја играл пак. Потоа следуваа други претстави кои не можам да ги заборавам како “Полковникот птица”, “Крчма крај патот”, да не ја изоставам и “Од кол на кол”, која беше навистина успешна. Во секој случај има многу, бидејќи имам одиграно од 120 до 130 улоги.

Кои награди и одликувања ги имате освоено во вашата кариера и имате ли некоја која ви е омилена и ве прави особено горд?

Аплаузот на публиката е најголемата награда и одликување кои можеме да ги добиеме ние актерите. Останатите награди не ги негирам, да не бидам погрeшно разбран, но постојат многу фактори за добивање на таква награда. За да се добие награда треба да се има добра улога. Еден период во прилепскиот театар ни критичар не идеше да го одбележи тоа. Еднаш годишно одевме на игрите и прашање е дали си имал улога во таа година. Некоја година не си учествувал во претставата која одела на театарски игри. И така годините врвеле, те одминувале. Потоа имаше период во прилепскиот театар кога имаше многу гости. Па секогаш тие ги понесуваа “ловориките”. И да имаш улога, добро направена, и да заминеш на фестивал, многу е важно кој ја оценува таа претстава. Зависи од вкусот на жирито. Зависи од конкуренцијата. Може да се случи таа година на фестивалот да има 5 добри улоги кои конкурираат за награда. За жал немам добиено. Но тоа не влијаело врз мојата кариера. Се надевам дека наградата за “животно дело” нема наскоро да ја добијам, оти се знае, нема јас лично да ја земам.

Вашата ќерка Катерина Чакмакоска е исто така врвен актер. Дали токму вие бевте пресудни што и таа започна да се занимава со актерство и што значи кога детето на еден родител ќе започне да оди по истите стапки?

Не, напротив. Јас бев против , меѓутоа, виновен сум зашто уште додека имаше 2 години ја носев во театар да гледа претстави. Потоа започна да игра во некои детски претстави и немаше спас.

На што работи моментално Марјан Чакмакоски, кој е новиот проект на театарот каде ќе се појавите вие?

Моментално одмарам. Последната претстава во која играв беше “Демократија” пред два месеци. Најверојатно ќе започнам во периодот пред Нова година во претстава од Коле Ангелоски. Се надевам дека нема да биде последна претстава. Би требало во февруари наредната година да излези премиерата.

Претставата “Од кол на кол” е нешто во што се ожива да се гледа одново и одново. Каде се имате настапувано со оваа претстава и дали сеуште истата се игра?

Во Македонија нема место на кое не сме ја одиграле. Исклучително успешна претстава. Се сеќавам дека ја одигравме и на фудбалски стадион во Лисиче. Река од народ, можеби имаше 5.000 публика. Сите останаа до крајот и беа задоволни. Ја игравме на плоштади, некогаш и во несоодветни услови, но секогаш беше прифатена од луѓето.

Во последните неколку години се зборува за изградба на нова театарска зграда во Прилеп. Верувате ли дека прилепчани ќе дочекаат да се случи тоа во догледно време?

Воопшто не верувам. Барем јас нема да одиграм во неа и доколку се изгради. Наводно има некои напори да се направи нешто, во секој случај наскоро треба да се знае.

За крај една ваша порака до младите актери во прилепскиот театар и до сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со актерство..

Нека веруваат во себе толку колку што треба, не премногу , не помалце. Нека бидат упорни, нека работат, се друго само ќе си дојде.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.