Идеја која почнала со утринско кафе, донесе еден куп насмевки и радост: “Мој Прилеп” го разубави игралиштето во подрачното училиште во Варош

Со донации и волонтерска работа, запуштеното игралиште доби нов изглед и подобри услови за игра на најмладите

Една идеја започната на утринско кафе прерасна во конкретна акција за подобрување на условите за игра и спорт на најмладите прилепчани. Здружението „Мој Прилеп“ го уреди игралиштето во подрачното училиште „Блаже Конески“ во Варош, со цел децата да добијат поубав и пофункционален простор за спорт и рекреација.

Како што информираат од здружението преку објава на социјалните мрежи, идејата се родила откако дознале дека во училишниот двор во текот на целиот ден има деца кои играат, поради што одлучиле, со дозвола и соработка со училиштето, да го освежат игралиштето.

Во рамки на акцијата била заменета старата кошаркарска табла со нова, донирана од ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“. Обрачот бил обоен, а била освежена и бојата на таблата пред нејзиното монтирање.

Дополнително, биле поставени нови фудбалски голчиња, донација од прилепската компанија „Колукс“, која ги изработила во краток рок. Волонтерите го обоиле теренот, ги поставиле мрежите на головите и ја замениле заштитната мрежа на оградата, со што се спречува топките да излегуваат надвор од игралиштето.

Средствата за набавка на мрежите биле обезбедени со поддршка од партнерите на здружението, „Pure Bite“.

Од „Мој Прилеп“ упатуваат благодарност до сите што придонеле за реализација на проектот, меѓу кои Александар, Душко Мургоски, наставникот по физичко образование Методија, директорките на училиштата, како и општествено одговорните компании „Колукс“ и „Pure Bite“.

Иако станува збор за мал проект, од здружението велат дека резултатот е голем, особено кога се гледа радоста кај децата кои секојдневно го користат игралиштето.

По завршувањето на уредувањето, останува заедничка обврска просторот да се чува и одржува, за да им служи на најмладите и во иднина.

Игралиштето во Варош сега е побезбедно и поуредено место за детска игра, спорт и дружење, со поглед кон Марковите Кули што му дава посебен белег.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.