Забава за првачињата во градскиот парк во Битола – Најмалите ученици се возеа во вовчето “Мечо”, се дружеа со Заги, пееја и уживаа (Фото галерија)

Голема првоодделенска забава денеска се одржа во Градскиот парк во Битола, каде со многу музика, дружење, подароци и забавни активности беше одбележан почетокот на новото училишно патување на првачињата од Општина Битола.

Втора година по ред, Општина Битола ја организира „Училишна приказна“, настан наменет за најмладите ученици, со кој им беше посакана успешна и среќна учебна година.

Возењето со „Мечо“, дружењето со ЗАГИ, училишните точки и подароците беа само дел од содржините кои ги очекуваа првачињата, претворајќи го Градскиот парк во место исполнето со детска смеа, радост и позитивна енергија.

На првачињата, нивните семејства и наставниците, од името на Општина Битола успешна учебна година им посака секретарот Борче Димитровски, кој ја истакна важноста на првите училишни чекори, новите пријателства и желбата за знаење.

„Драги првоодделенци, голема е радоста што денеска заедно со вас сме на оваа училишна приказна, на почетокот на вашето училишно патување кога се отвораат вратите кон светот на знаењето. На ова патување ќе научите и да читате и да пишувате, но и да се дружите со новите пријатели. Знаењето е клуч кој ги отвора големите врати“, порача Димитровски.

Тој нагласи дека Општина Битола продолжува да вложува во подобрување на условите за учење и развој на учениците, вклучително и преку изградба и унапредување на спортската инфраструктура во училиштата.

„Во мое и во име на градоначалникот Тони Коњановски ви посакувам успешна година, радосни, среќни, вредни и упорни да бидете во светот на образованието“, им порача секретарот на Општина Битола.

Димитровски упати честитки и до сите ученици од повисоките одделенија и класови, посакувајќи им успешен и среќен почеток на новата учебна година.

Со „Училишна приказна“, Градскиот парк денеска беше исполнет со детска насмевка и енергија, а пораката од настанот беше едноставна – првиот училишен ден е почеток на едно ново патување исполнето со знаење, нови пријателства и убави спомени.

Настанот го организира Општина Битола во соработка со ЈП „Паркинзи“, а со својата поддршка се вклучија и Зоолошката градина, Културно-информативниот центар, НУУБ „Св. Климент Охридски“, Црвениот крст, АМД „Ѓорѓи Наумов“, „БиМилк“ и „Пелистерка“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.