За Комуналец само „остен“ требало – браво за екоактивистите од „Мој Прилеп“

Понекогаш за да се направи голема промена е потребна само една иницијатива, една добра идеја и неколку луѓе кои ќе кажат: „Ајде да направиме нешто“.

Токму тоа го направија екоактивистите од „Мој Прилеп“, кои ја започнаа акцијата за расчистување на дворот на Ученичкиот дом „Орде Чопела“ – простор кој со години беше запоставен, обраснат со трева, трње, шипови и наталожен отпад.

Без многу зборови и чекање некој друг да го реши проблемот, тие ги зедоа работите во свои раце. Со сопствен труд и ентузијазам го вратија животот во просторот, а нивниот пример покажа дека кога има волја, можат да се направат конкретни резултати.

По нивната акција, се вклучи и ЈП „Комуналец“, чии екипи со механизација и човечки ресурси го завршија финалното расчистување – собирање и транспорт на отпадот до депонијата во Алинци.

Од „Комуналец“ посочија дека и во иднина ќе продолжат со заеднички акции со екоактивистите, особено за површини кои не се во директна надлежност на претпријатието, но се од интерес за сите граѓани и за подобар изглед на градот.

И тука е најголемата вредност на оваа приказна – не е само исчистен еден двор. Испратена е порака дека граѓанската иницијатива може да биде двигател на промени.

За Комуналец, изгледа, само „остен“ требало. Една мала иницијатива и добар пример беа доволни за да се придвижат работите.

Но најголемото браво оди кај момците и девојките од „Мој Прилеп“ – луѓето кои покажаа дека градот не е само на институциите, туку на сите нас.

Дворот на Ученичкиот дом „Орде Чопела“ денеска е чист и уреден.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.