Голем успех за прилепското ООУ „Гоце Делчев“ – ученичките од училиштето го освоија првото место на државното финале во мал фудбал, кое се одржа на 30 јуни во Скопје, во рамки на Плазма Спортските игри на младите.
Со оваа победа, младите фудбалерки се закитија со титулата државни шампионки, а воедно обезбедија пласман на Балканското првенство, кое ќе се одржи од 17 до 22 август во Сплит, Хрватска, каде ќе ја претставуваат Македонија.
Шампионската екипа ја сочинуваат Ања, Елена, Ангелина, Лина, Јана, Клара, Ана Марија, Мелани и Лана. Со голема борбеност, дисциплина и тимски дух тие успеаја да стигнат до највисокото место на победничкиот пиедестал, испишувајќи нова страница во спортската историја на училиштето.
Значајна улога во овој успех има наставникот и ментор Игор Чадамов, чија посветеност, професионална работа и поддршка кон учениците беа препознаени како важен фактор во создавањето на шампионскиот тим.
Покрај златниот медал во мал фудбал, ООУ „Гоце Делчев“ оствари уште два значајни резултати на државното финале. Тимот предводен од наставникот Мартин Митрески го освои второто место во одбојка на песок, додека екипата предводена од наставникот Влатко Тошески се закити со третото место во народна игра.
Од училиштето упатија честитки до сите ученици и наставници кои беа дел од овие успеси, истакнувајќи дека постигнатите резултати се доказ дека трудот, посветеноста и заедничката работа носат врвни достигнувања.



























