ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ? Во сабота Прилеп ќе биде во знакот на велосипедизмот – пријавете се на „Трофеј Прилеп“!

Прилеп во сабота ќе биде во знакот на велосипедизмот! На 12 септември ќе се одржи велосипедската трка „Трофеј Прилеп“, во организација на Велосипедскиот клуб „Херој“ од Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија.

На трката ќе учествуваат велосипедисти во повеќе категории – Сениори, Јуниори, Кадети, Мастерс, Жени, У-15, У-13 и ХОБИ, па на свое место ќе се најдат и искусните натпреварувачи и оние кои велосипедизмот го практикуваат рекреативно.

Трасата е кружна, со старт на Булевар „Гоце Делчев“ кај споменикот Александар III Македонски, а натпреварувачите ќе возат низ градските улици и повторно ќе се враќаат на стартно-целната позиција.

Во зависност од категоријата, ќе се возат од 5 до 20 круга, односно од 12 до 48 километри.

Пријавувањето трае до 11 септември, а заинтересираните можат да се пријават на [email protected].

За оние кои сакаат да се испробаат во велосипедски натпревар, ХОБИ категоријата е одлична можност. Се возат 15 круга, односно 36 километри, а трката е одлична можност за сите рекреативци и љубители на велосипедизмот кои сакаат да бидат дел од натпреварувачката атмосфера.

Стартовите се во 17:30 часот за У-13, У-15 и Кадети, во 18:15 часот за ХОБИ, а во 19:00 часот за Сениори, Јуниори, Мастерс и Жени.

Организаторите најавуваат спорт, дружење и забава за паметење, а најдобрите тројца во секоја категорија ќе бидат наградени.

Пријавете се, подгответе ги велосипедите и бидете дел од „Трофеј Прилеп“!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.