Интересот на прилепчани за владините мерки за самовработување и поддршка на претприемништвото и оваа година е на високо ниво. Заклучно со вчерашниот ден, во Агенцијата за вработување во Прилеп се поднесени 311 апликации, што претставува силен показател за желбата на граѓаните да започнат сопствен бизнис и да ги реализираат своите претприемачки идеи.
Ова го соопшти заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој заедно со директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска, го посети Центарот за вработување во Прилеп.
„И оваа година има голем интерес во Прилеп. До вчера се пристигнати 311 апликации. Ова е потврда дека нашите граѓани сакаат да работат, сакаат да имаат сопствен бизнис и имаат одлични и иновативни идеи“, истакна Ристески.
Владините мерки за самовработување имаат за цел да поттикнат отворање нови бизниси, развој на претприемништвото и создавање нови работни места, а бројот на поднесени апликации во Прилеп покажува дека интересот за овие можности останува значителен.

























