Гимназија “Мирче Ацев”: Направивме групна набавка на нафта и дрва за сите училишта, а не само за нашето училиште

На објавата на нашиот портал дека Гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп направила набавка на – Екстра лесно масло Е1 и Дабово гревно дрво во вредност од 333.233 евра, односно 23.000 евра за огревно дрво, пристигна реакција од оваа образовна институција. Иако во нашата објава ние само информиравме дека училиштето извршило ваква јавна набавка, што е точно, и ниту алудиравме на некаква нерегуларност, ниту пак имавме за цел да го нарушиме угледот на гимназијата, реакцијата ја пренесуваме во целост во продолжение:

Прилепчани: “Гимназијата набавила нафта за 333.233 евра и дрва за 23.000 евра?”

“СОУ Гимназија „ Мирче Ацев “ во договор со Локалната самоуправа на Општина Прилеп и со нивна писмена согласност за одобрување на финансиски средства, во месец Август 2019 год. објави огласи за ГРУПНА јавна набавка за набавување на стоки – Екстра лесно масло Е1 и Дабово гревно дрво за учебната 2019/2020 година, за потребите на сите основни и средни учиишта од Општина Прилеп преку електронскиот систем за јавни набавки. Јавната набавка врз основ на чл. 62 од Законот за Јавни набавки („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 24/2019), беше распишана како ГРУПНА јавна набака, што подразбира дека СОУ Гимназија „ Мирче Ацев “ се појавува како Договорен орган во име на повеќе училишта, го распишува и спроведува огласот за потребните количини на сите потписници на Договорот за групна јавна набавка. Тоа значи дека целокупната количина на Екстра лесно масло за горење и огревно дрво не се набавени само за нас како училиште, туку за сите Основни и Средни училишта од Општина Прилеп.

Целокупната документација околу овие две ГРУПНИ јавни набавки ги има во Бирото за Јавни набавки на РСМ, во
архивата на комисијата за јавни набавки во СОУ Гимназија „ Мирче Ацев “, па ако сакате да бидете медиум кој реално и навремено ќе ги информира граѓаните кои Ве следат и читаат, можете да ја добиете целосната документација на увид, а не да пишувате БОМБАСТИЧНИ и непоткрепени текстови со што ги доведувате во заблуда сите оние кои ве читаат, а со
тоа го нарушувате нашиот углед и чест како на иституцијата , така и на вработените кои работат во неа”
, велат од гимназијата.

“Многу подобро за вас ќе биде ако од нас побарате информација и напишете за инвестициите во инфраструктура во СОУ Гимназија „ Мирче Ацев “ како изградба на нова котларница за загревање на објектот која ќе работи на комбиниран систем ( нафта и природен гас ), за промена на целокупната канализациона мрежа во училиштето со што ќе се реши повеќедеценискиот проблем на Гимназијата со отпадните води, за целосната реконструкција на објектот со промена на кровна конструкција, столарија на целиот објект од Гимназијата, изведба на нова енергетски ефикасна фасада со што објектот на Гимназијата ќе добие висока енергетска ефикасност и огромна заштеда на финансиски средства кои до сега се трошеа за загревање. Ова се инвестиции кои во 2019 година изнесуваат околу 900.000 ЕВРА, со средства обезбедени ид Владата на Република Северна Македонија и од Локалната самоуправа на Општина Прилеп. Сигурни сме дека со овие информации ќе бидете почитани како медиум, а ние како едно од најдобрите училишта во Македонија ќе бидеме позитивно промовирани меѓу граѓаните и вашите читатели”, додаваат од Гимназијата “Мирче Ацев”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.