Во Прилеп отворен нов Центар за услуги – граѓаните на едно место ќе можат да ги добијат сите потребни документи

Прилеп доби нов Центар за услуги, кој е резултат на соработката помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп, а неговата цел е да им овозможи на граѓаните побрз и полесен пристап до електронските и административните услуги.

Новиот Центар кој е сместен во Даночното одделение на општина Прилеп, денеска го посети министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Андоновски истакна дека со отворањето на Центарот е исполнето ветувањето што го дал при неговата претходна посета на Прилеп, кога најавил отворање канцеларија преку која институционалните услуги ќе им бидат поблиску на граѓаните.

Во Центарот, граѓаните од Прилеп и околните населени места ќе можат на едно место да добијат информации, стручна поддршка и помош при користењето на електронските услуги што се достапни преку Националниот портал за услуги, односно преку еден шалтер да ги извадат сите документи и услуги кои ги нуди порталот www.uslugi.gov.mk.

„Нашата цел е граѓаните да не одат од институција до институција, туку услугите да ги добиваат побрзо, полесно и поблиску до местото во кое живеат“, истакна министерот Андоновски.

Тој додаде дека Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со отворање вакви Центри за услуги и во други градови низ државата, со цел електронските и административните услуги да станат подостапни за сите граѓани и компании.

Со отворањето на Центарот за услуги во Прилеп, се очекува значително да се олесни пристапот до дигиталните јавни услуги и да се намали потребата граѓаните да посетуваат повеќе институции за остварување на своите права и услуги.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.