Со полагање свежо цвеќе и пригодна културно-уметничка програма, во Битола беше одбележана 82-годишнината од формирањето на Првата егејска македонска ударна бригада.
Комеморативниот настан се одржа пред спомен-плочата кај Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола, каде по интонирањето на македонската химна и освртот на историскиот пат и значењето на бригадата, присутните ѝ оддадоа почит на нејзината историска улога.
Во име на Општина Битола, свежо цвеќе положија советници од Советот на Општината, а почит оддадоа и претставници на други делегации и здруженија.
Комеморацијата беше организирана од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН и Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, со поддршка од Општина Битола.
Во рамки на одбележувањето беше приредена и културно-уметничка програма, во која членовите на Ансамблот за народни игри и песни „Гоце Делчев“ изведоа сплет песни и ора од егејскиот дел на Македонија, давајќи му на настанот посебна емоција и потсетувајќи на богатото културно наследство на Македонците од овој крај.
































