Битола повторно во знакот на адреналинот: Одржано 14-тото издание на „Pelister Downhill Cup“

Битола повторно беше центар на спортот, младоста и адреналинот со одржувањето на 14-тото издание на „Pelister Downhill Cup“, традиционалниот натпревар во планински велосипедизам на падините на Пелистер.

На годинешното издание учествуваа 63 натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Кипар и Албанија, кои пред публиката и љубителите на овој спорт демонстрираа врвни вештини, брзина и спортски дух.

Пелистер и годинава беше вистинска сцена за адреналински спустови, а натпреварот уште еднаш покажа дека „Pelister Downhill Cup“ прераснува во препознатлив спортски настан кој ги поврзува љубителите на планинскиот велосипедизам од регионот.

На доделувањето на признанијата присуствуваше претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, кој им ги врачи наградите на дел од најуспешните учесници.

„Општина Битола продолжува да стои зад спортските настани и иницијативите кои ја промовираат нашата општина“, истакна Бојкоски, нагласувајќи ја поддршката за спортот и организирањето настани кои ја збогатуваат понудата и ја промовираат Битола како спортски центар.

Со учеството на натпреварувачи од шест земји и со уште едно успешно издание, „Pelister Downhill Cup“ ја продолжува својата традиција и го потврдува Пелистер како атрактивна дестинација за развој и промоција на планинскиот велосипедизам.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.