Teтово кyпи 5 автобycи 720.000 евpa, Пpилеп 4 за 1.000.000: Диpeктopката потпиша и замина?

Преку Проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка општина Тетово набави пет автобуси за градски превоз во вредност од 720 илјади евра. Со ова општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување на три градски рути. На настанот за примопредвање на автобусите присуствуваа министерот за финанасии Фатмир Бесими и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Министерот за финансии во своето обраќање истакна дека на граѓаните на Тетово им се обезбедува една нова општинска услуга, која ќе придонесе за подобрување на условите за живот во општината.

-Со ова на граѓаните на Тетово ќе им се обезбеди една нова општинска услуга, која ќе придонесе за: прво, безбеден превоз на патници, второ – поефикасен сообраќај во градот и трето, и особено битно, намалување на загадувањето. Исто така, со ова се отвораат и нови работни места за граѓаните во јавното претпријатие за транспорт. За набавката на автобуси преку МСИП-проектот општина Тетово доби 72,6 милиони денари или 1,18 милиони евра. Со реализирање на јавната набавка постигната е пониска цена за автобусите од 44,3 милиони денари или околу 720 илјади евра, додека за останатите средства има можност општината да ги искористи за друг проект, рече Бесими.

Градоначалничката на Тетово Арифи посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие “Тетово транспорт”. Со набавката на овие автобуси градот Тетово за прв пат добива јавен превоз за потребите на жителите на градот и околните населени места.

Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови.

За потсетување, општина Прилеп во 2019 година купи 4 автобуси од истата марка “ИСУЗУ” на метан за 1 милион евра, или по 250.000 евра за еден автобус.

Oд друга страна општина Тетово потроши 720.000 евра и купи 5 автобуси, или по 144.000 евра за еден автобус.

Сумата за купените автобуси во Прилеп беше предмет на долга дискусија и препукување помеѓу власта и опозицијата. Тогашната В.Д. директорка Мери Цветаноска, повеќе не раководи со Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, под чија надлежност е и градскиот превоз.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.