Tребало да се вика Св. Сава, но прилепчани не попуштиле: Еве како е граден грандиозниот храм познат како ,,параклис”

Храмот Свети Кирил и Методиј, познат и како Параклис и годинава свечено го одбележува својот празник. Светите браќа Кирил и Методиј се познати христијански светители, најмногу за словенските народи. За нив во црковните богослужби
се пее како за рамноапостолни, учители и просветители.

Учители и просветители се затоа што ја создале азбуката, преведувале книги и учеле многу народи на писменост и наука. Рамноапостолни се, оти се еднакви на апостолите. Ширејќи ја писменоста, го ширеле и христијанството. Голема е заслугата на Светите браќа за покрстувањето на словенските народи.

Огромно е почитувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Прилеп и пошироко. Тоа се гледа во тоа што голем број прилепчани ги носат имињата на овие светители и на овој ден слават именден. Има и семејства во кои, ако на едното дете му дале име Кирил, на другото му даваат Методија.

Во почетокот на 20 век во Прилеп е изградена грандиозната црква посветена на Светите браќа Кирил и Методиј. Градена е во време на српската окупација на Македонија.

И постои едно кажување дека властите во тоа време за градба на црквата го определувале местото кај денешната пошта, но црквата да биде посветена на Свети Сава, но иницијативниот одбор и народот не се согласил, па со отстапување на места од имотите на видни прилепски семејства, изградена е црквата на местото каде од порано постоела помала црквичка – Параклис од 1884 година, а која ја паметат постарите дека е урната во средината на 20 век.

Црквата Свети Кирил и Методиј претставува репрезентативно остварувања на познатиот белградски архитект Момир Коруновиќ, чија активност на овие простори во периодот меѓу двете Светски војни резултирала со значајни архитектонски остварувања.

Светиот дом е граден е во непосредна близина на стариот Параклис. Храмот има основа на впишан крст. Се влегува со искачување на неколку скалила, со што започнува градбата на храмови во велелепни стилови. Во подрумот на храмот се наоѓаат гробници од загинати војници од Првата светска војна.

Црквата Свети Кирил и Методиј во Прилеп градена е во периодот од 1926-1936 година, аа на 4 октомври 1926 година, на најсвечен начин, е положен камен темелник.

Првата служба е одржана во ноември 1930 година, веројатно во подрумските простории каде се изградени костурници за коските на оние кои загинале во Прилеп во војните од 1912-1918 година, а во 1936 година црквата ја осветил тогашниот епископ Охридско-битолски Николај (Велимировиќ).

Црквата е висока 23 метра. Покрај костурницата има балкон за жени и посебен балкон за пејачки хор. Храмот има скромен иконостас, кој не е споменик на културата. Во 2006 година довршена е градбата на куполата, која не била крената при градбата на храмот, заради немање на финансии.

Последниве години во црквата се сликаше фрескоживопис во олтарниот дел.

Извор: “Неделник Зенит”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.