Системот „Safe City“ наскоро треба да биде проширен и на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, а во проектот ќе биде опфатен и Прилеп.
Информацијата ја соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при посетата на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.
Во моментов се подготвува проектната документација, а според најавите, во наредните месеци треба да започне имплементацијата на системот на подрачјето на СВР Битола.
Проектот предвидува поставување на системот на повеќе од 40 точки во регионот, меѓу кои ќе има и локации во Прилеп. Целта е со помош на современа технологија да се овозможи поефикасно следење на сообраќајот, навремено регистрирање на прекршувањата и побрза реакција на надлежните институции.
Но, примената на „Safe City“ нема да биде ограничена само на сообраќајот. Системот, како што посочи Јанев, може да има значајна улога и во полициското работење, превенцијата, утврдувањето на факти и обезбедувањето докази во постапки, како и во одржувањето на јавниот ред и мир.
Еден од главните показатели за успешноста на системот, според Јанев, ќе биде намалувањето на бројот на жртви во сообраќајот, но и постепеното подобрување на сообраќајната култура кај граѓаните.
Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци и велосипедисти – доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, сообраќајната сигнализација и останатите прописи.
Најавата е дека „Safe City“ во иднина дополнително ќе се надградува со нови технолошки алатки, со што полицијата би требало да има подобар увид на терен и да може побрзо и поефикасно да реагира во различни ситуации.
























