NO FUN BEND со најголемите хитови на Пинк Флојд oвој четврток на Камена бина во центарот на Прилеп

Охридскиот бенд NO FUN BEND е следниот музички состав кој ќе биде претставен во рамките на проектот „Од 0 до КултурА“, носејќи го пред публиката звукот на една од највлијателните музички групи на сите времиња – Пинк Флојд.

Бендот е формиран во 2006 година, уште во средношколските денови, а членовите и денес се во истата постава. Христијан Бујароски, Ристе Гашоски и Дарко Бујароски низ годините ја граделе својата музичка приказна, љубовта кон музиката и препознатливиот стил.

Од 2008 година составот настапува во денешната форма: Христијан Бујароски на гитара и вокал, Ристе Гашоски на тапани и вокал и Дарко Бујароски на бас гитара и вокал.

Зад нив стојат две децении исполнети со настапи на различни локации, во локали, на натпревари, хуманитарни акции и бројни забави на отворено. Патот, како што велат самите членови, не бил секогаш лесен, особено на почетокот кога се соочувале со недостаток на соодветна музичка опрема.

„Имавме опрема за почеток, но беше многу стара и за денешно време несоодветна, особено разгласот. Но, со многу труд стигнавме до овие појачала, тапани, гитари итн. Интересот да се има бенд беше пред сè“, велат од NO FUN BEND.

Токму љубовта кон музиката и истрајноста ги одржале заедно низ годините, а сега нивното искуство и енергија ќе бидат претставени преку специјална изведба на најголемите хитови на Пинк Флојд.

Публиката ја очекува музичко патување низ безвременските композиции на легендарниот британски бенд, во изведба на охридските музичари кои речиси две децении ја живеат својата музичка приказна.

Проектот „Од 0 до КултурА“ продолжува да ја промовира локалната музичка сцена и луѓето кои со години создаваат, настапуваат и ја збогатуваат културната понуда.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.