Meѓу Македонците во Мала Преспа: Тука македонскиот дух вирее со векови (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Ако сакате да тихувате и да го почувствувате мирисот на природата, појдете во Мала Преспа и ослободете се од стресот на урбаното живеење и на современата цивилизација.

Областа Преспа во Албанија му припаѓа на Регионот на Корча и сите села во ова област му припаѓаат на општина Пустец.

Општина Пустец се протега на североисточниот дел на околијата на Корча. Нејзината територија се совпаѓа со водната долина на Преспанското Езеро.

Таа се граничи со планинските венци кои ја делат езерската долина од Корчанското поле.

Потоа на запад се граничи од Охридската долина со планината Сува Гора на севeро-запад  и исток се граничи со Македонија и на југ и југо-исток со Грција .

Центарот на општината е одалечен 25 километри од градот Корча . Во општина Пустец живеат 5,200 жители по националност Македонци Територијата на општината се софпаѓа со Националниот Парк Преспа.

Општина Пустец е составена од 9 стари села и едно ново село кое сега се формира. Селата се Пустец, Леска, Зрноско, Церје, Шулин, Глобочени, Долна Горица, Туминец Горна Горица и новото село Нова Горица.

Го посетивме Пустец и се уверивме во дел од убавината на овој предел каде Македонците живеат со векови.

Добрината на нашинците таму е неизмерна, тука живеат домаќини луѓе, трудољубиви, гостопримиви и искрени.

Во Пустец се наоѓа и една од најубавите православни храмови во Албанија, црквата Св. Архангел Михаил.

Внатрешноста на цркавата плени со својот дух и мир, а на средината од подот распространето е 16-кракото македонско сонце од Вергина.

Во околината на Пустец се наоѓаат и неколку пештерни цркви, како: пештерската црква “Св.Никола”, пештерска црква “Архангелот” и пештерска црква “Св.Богородица” која се наоѓа на островот Мал Град.

Посебно задоволство е да ги вкусите производите на Преспа, рибата Крап Мрена и Белвиците, Циронките, зготвени од способните готвачи, кои знаат посебни рецепти.

Рибата Мрена е една посебна риба во Албанија, која што ја има само во Преспанското Езеро и обично се готви пржена.

Во продолжение погледнете ја галеријата која ја подготвивме за вас: