дома блог страница 89

На втор ден Божик во Прилеп се пpaзнyва и Cветецот чија икона стана чyдо пред 9 години

Денеска православните христијани го празнуваат вториот ден од Христовото раѓање – Божиќ. Денеска исто така православната црква го слави и Соборот на Пресвета Богородица како и споменот на Свети Никодим Прилепски и Тисмански.

Пред 8 години, на 31 март 2015 година во Прилеп, според православната црква, токму во храмот „Св. Благовештение“, се случи чудо, бидејќи иконата на Св. Никодим Прилепски, која сега стои во средината на црквата започна да мироточи.

Капките од мироточењето и денес се познаваат на иконата.

Коњановски на терен – големи поплавувања вечерва во Битола и битолско (ФОТО)

По обилните врнежи од дожд кои деновиве, а особено попладневно го зафатија и битолскиот регион дојде до поплавување на дел од селото Кравари од каналската мрежа.

-На лице место сум со директорот на јавното претпријатие „Водовод“ Битола, Андреј Гинов, каде ја следиме состојбата. Битолски „Водовод“ во Кравари интервенира со механизација, а станува збор за проблем со каналската мрежа која не може да ја прими големата количина на вода. Заради ова екипите на „Водовод“ работат на лоцирање на најкритичните точки, со цел што поскоро санирање на состојбата. Се сретнав и разговарав со жители од ова населено место и заеднички се обидуваме што поскоро да ја ставиме состојбата под контрола – информира на социјалните мрежи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Во интервенцијата се приклучија и екипи со механизацијата од водостопанското претпријатие „Битолско Поле“.

Kлуч на врата за маркетите кои претеруваат со цените – Мицкоски најавува казни и засилени контроли

Годишната инфлација за минатата 2025 година ќе биде околу 4 отсто, имаме засилени контроли на Државниот пазарен инспекторт и на Комисијата за заштита на конкуренцијата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе Владата ако продолжи растот на цените.

– Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат Законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата – рече премиерот Мицкоски.

Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија

По обилните врнежи од дожд кои вечерва предизвикаа поплавувања на повеќе улици низ Битола, екипите на ЈП „Нискоградба“ заедно со другите јавни претпријатија започнаа итни интервенции за санирање на состојбата.

Најкритична е ситуацијата кај стариот „Прогрес“, во близина на каналот од реката „Курделес“, кој се излеа и го отежна сообраќајот на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) во правец кон Железничката станица.

Интервенции се спроведуваат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“, каде е забележано задржување на вода и отежнато движење.

Екипите остануваат на терен и продолжуваат со работа, имајќи ги предвид најавите за продолжување на врнежите. Во акцијата се мобилизирани служби од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, со најави за интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж коритото на реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.

Надлежните апелираат на зголемена внимателност и почитување на привремените сообраќајни ограничувања сè додека траат интервенциите.

Поради поплави се евакуираат жителите од улицата „Прилепска“, одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче

По обилните дождови во делови од земјата се пријавени поплави и одрони на патиштата. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поплави се пријавени во Кичево, каде се евакуираат жители од повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања и на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда – струшко.

Како што информираше Центарот за управување со кризи, во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на ул. „Прилепска“. Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Во Струга по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација.

Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

По пријави преку 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени Општина Гостивар, ДЗС, ЈКП „Комуналец“, ПС Гостивар, како и ХЕЦ Маврово, каде е преземено намалување на производството на електрична енергија.

Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште. Директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и координира активности со надлежните институции.

Кај селото Сирхан, битолско, е саниран одрон, додека во с. Дрмени поплавени се два двора, за што се известени Општина Ресен и ДЗС Ресен.

Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.

Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.

Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту евидентирани последици од врнежите. Надлежните општински служби ја следат состојбата.

Во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип исто така не се пријавени поплави или одрони, состојбата е стабилна и под контрола.

500 деца од различни религии и групи по 20.пат го празнуваа Христовото раѓање со Божиќен ручек во Прилеп (Фото галерија)

По 20-ти јубилеен пат, традиционално, во организација на Детската амбасада, во Прилеп се одржa традиционалниот свечен Божиќен ручек на кој учествуваа 500 деца од целата држава. Настанот оваа година се реализираше во свечената сала „Симфонија“ во Прилеп, каде децата заеднички го прославија Христовото раѓање.

На свеченоста беше доделено најпрестижното признание за општествена одговорност – Орден за носител на мирот, кој годинава ѝ беше врачен на Амбасадорката на сите деца во светот, Н.Е. г-ѓа Гордана Нацева.

На заедничката божиќна трпеза седнаа деца од различни целни групи и средини, како и истакнати членови на Детската амбасада, од Прилеп, Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип и од други градови и општини ширум државата. Во духот на мотото „Едно небо за сите деца“, на настанот учествуваа и деца од различни верски заедници – православна, исламска, католичка, еврејска и евангелско-методистичка, испраќајќи силна порака за еднаквост, толеранција и мир.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, г. Петар, Божиќниот ручек го благослови Неговото Преосвештенство, викарниот архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, г. Никола.

На сите деца ќе им бидат доделени празнични пакетчиња, обезбедени со поддршка од градоначалникот на Општина Прилеп. За културно-забавниот дел се погрижија од Танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп, младата музичка ѕвезда Димитар Иваноски, како и македонската музичка ѕвезда Христијан Настески – Пајак.

Покрај Орденот за носител на мирот, организаторите доделија и Плакети за пријател на децата на: ЈП Македонска радио телевизија, Канал 5 Телевизија, Наша ТВ, ТВ Тера, Радио Пела, Радио Холидеј, како и порталите Инфокомпас, Маркукуле и Шеталиште – медиуми кои две децении континуирано го поддржуваат овој настан.

Организацијата на јубилејниот Божиќен ручек се реализираше со поддршка на бројни пријатели на децата и општествено одговорни компании, како и со поддршка од Општина Прилеп.

МВР отвори истрага по фотографиите со осветување на полициските возила со свештеник

Министерството за внатрешни работи отвори истрага по фотографиите што се појавија на социјалните мрежи, на кои се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени полициски возила во кругот на Министерството.

Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди презема активности за целосно утврдување на околностите и дека јавноста ќе биде дополнително информирана по завршување на постапката.

Фотографиите предизвикаа бурни реакции во јавноста. Дел од граѓаните го оправдуваат чинот како дел од верската традиција, додека други сметаат дека ваквата практика е спротивна на принципот на секуларност и верска неутралност на државните институции.

Македонија отпатува за Винтертур – силите пред Европското ќе ги мериме со Бахреин, Украина и домаќинот Швајцарија

Машката македонска ракометна репрезентација во раните утрински часови отпатува за Швајцарија, каде од утре до сабота ќе учествува на „52.то издание на Јелоу куп“ во Винтертур. Со ова почнува нова фаза од подготовките на македонските ракометари за настапот на претстојното Европско првенство.

Турнирот ќе се игра во швајцарскиот град Винтертур, а покрај домаќинот Швајцарија ривали на нашите ракометари сè уште селекциите на Украина и на Бахреин. Селекторот Кирил Лазаров како и што беше најавено за Швајцарија, но и за шампионатот и дуелите од групата во Данска повика 19 ракометари.

Нашиот национален тим вечерва ќе одржи и еден тренинг во Винтертур, а првиот противник на турнирот во четврток од 20:30 часот ни е селекцијата на Бахреин. Во петок од 17:45 часот играме против Украина, а во последното коло в сабота од 18 часот ќе играме против Швајцарија.

Македонските ракометари на Европското првенство ќе настапуваат во Хернинг, а противници им се селекциите на Данска, Португалија и Романија.

Христос се роди! Се што треба да знаете за Христовото раѓање – Божик

Кого и што славиме на Божиќ?

На Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме Неговиот роденден.

Бог постанал човек. Бог дошол на земјава. Христос е Син Божји Којшто е роден како човек од Дева Марија. Он е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот – нема грев, безгрешен е.

Каде се родил Исус и зошто?

Една ноќ, во градот Витлеем – во пештера, се родил Господ Исус Христос. Он е Спасител. Дошол за да нè спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како Него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог – добри секогаш, со секого и секаде.

Раѓањето на Господ Исус Христос

Богородица живеела со Јосиф во Назарет. Таа година, дошла наредба од римскиот цар Август да се изврши попис на населението. Според законот за пописот, требало секој да отиде во родното место на неговите родители и дедовци, од каде што потекнувал, и таму да се попише. Потеклото на Јосиф и Марија било од Витлеем, од родното место на царот Давид, бидејќи и тие биле од неговиот род.

Уште во Назарет Јосиф знаел дека Марија ќе постане мајка. Нему му се јавил ангел Господов и му кажал дека зачнатото во неа е од Светиот Дух. Му го кажал и тоа дека таа ќе роди Син и му рекол: – Ќе Му ставиш име Исус, што значи Спасител, бидејќи Он ќе го спаси народот.

Сето тоа било предвидено и претскажано со векови порано. Во Библијата било запишано тоа што го рекол пророкот Исаија и се исполнило. А тој рекол: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!

Тие тргнале кон Витлеем. Патот бил долг и тежок. Многуброен народ одел кон царскиот град – кон градот Давидов. Кога стигнале таму, веќе немало место каде да ноќеваат. Затоа се сместиле во една пештера, близу до градот. Таму пастирите, во невреме, ги засолнувале своите стада.

Во таа ноќ се случил најзначајниот настан во животот на човештвото. Таа света ноќ, пресветата Дева Марија Го роди Богочовекот, Спасителот на светот, Го роди Христа Господа. Таму, в пештера, Го роди Богомладенецот. Самата Го пови и Го стави во јаслите, како во лулка. А таму се става храната – слама или сено, за да се нахранат кравата, магаренцето, јагнето. Синот Божји не се роди во царска палата, туку во пештера.

Кој прв ја дозна веста за раѓањето?

Пораката до пастирите ја открива важноста на Христовото раѓање за сите луѓе

Ноќта таму, на падините крај пештерата, пастирите ги чувале своите стада. Наеднаш, ги осветлила силна небесна светлина и ангел Божји им рекол: Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.

Потоа, веднаш, на небеската бесконечност се појавиле безброј ангели и сите, гласно, како најдобар хор запеале:

Слава на Бога во висините,
а на земјата мир
и меѓу луѓето добра волја!

Во овие три пораки е содржана целата порака за спасение на луѓето:

Слава на Бога во висините, значи: Бог не е од овој свет и не Го барајте Бога меѓу созданијата. Ништо одовде и никого не обожувајте (а до доаѓањето на Христа, луѓето сметале дека се богови некои природни појави, па имале „богови“ животни од сите видови и „богови“ луѓе). Бог е дух и во духовните сфери, во висините. Тој Бог прославувајте Го, а не лажните богови. Имајте вистинска вера во вистинскиот Бог, за да се спасите!
А на земјата мир градете со сите и со сè. Прво, бидете во мир со себеси, внатре имајте мир, бидете смирени, а не вознемирени; а потоа, ширете го тој мир, па бидете во мир и со природата и не се однесувајте како злосторници кон неа, оти од неа живееме; и трето, бидете во мир со луѓето, за да бидете измирени и со Бога и да има мир на земјава.

И тогаш, меѓу луѓето ќе има постојано добра волја – секој секому ќе му прави добро. Тоа е почеток на рајот на земјава. Такво е спасението. Само толку е потребно!

Пастирите – први очевидци и први гости кај Господа

Пастирите, не чекале многу. Светлината ја виделе и гласот го чуле. Разбрале сè. Сè им било јасно. Во нивната пештера се случило најважното чудо Божјо – Бог станал Човек. Бог дошол на земјава, меѓу нас луѓето, за да биде со нас, та и ние да бидеме со Бога.

Пастирите први отишле кај Господа. Отрчале во пештерата и таму Го нашле Спасителот.  Му се поклониле. Тие биле први посетители – првите Негови гости.

Гледате, за Христа не дознале први големите и силните од овој свет, туку безначајните пастири. Зошто? Затоа што тие биле луѓе смирени и кротки, луѓе со добра душа и со чисто срце. Таквите ќе Го видат Бога!

Потоа, тие кажувале на секого и секаде, за тоа што го виделе и чуле.

Истрајноста на мудреците да го најдат новородениот Спасител.

Но, не биле само пастирите што посакале да Го видат Господа. И други луѓе, од далечни земји, добиле знак за раѓањето на Спасителот на светот, и веднаш тргнале да Го видат Бога.  Од далечниот Исток, пристигнале тројца мудреци коишто на небото забележале нова и многу сјајна ѕвезда. Тие биле многу учени луѓе – мудреци, важни научници и проучувачи на пројавите на земајава и на небото. Луѓе што ги проучувале и ѕвездите на небото. На тој начин дознаеле дека една необична ѕвезда го најавила раѓањето на Спасителот. И не чекале, туку тргнале по ѕвездата, од нивната далечна земја – од Персија и дошле да Му се поклонат на Богомладенецот. Ѕвездата ги водела до таму: таа светела и дење и ноќе и ги довела до пештерата. Тројцата мудреци Му подариле на Господа три дара: злато – како на Цар; ливан (темјан) – како Бог и смирна – како човек, Којшто ќе пострада и ќе умре на крст, заради нас и заради нашето спесение.

Ѕвездата значи дека Христос е светлина на светот. Светлина којашто никогаш нема да престане.

Радост заради Божјата близина

Како што тогаш се радувале пастирите, мудреците и сите луѓе, затоа што се родил Спасителот на светот, така и ние се радуваме секој Бадник и Божик, прославувајќи го Христовото раѓање. Тоа е празник на целото христијанско семејство. На Бадник сите заедно вечераме, а утредента – на Божик, одиме в црква. Најмногу се радуваат децата, со најискрена радост за новороденото Дете – Богомладенецот Христос. И Бог најмногу ги сака децата, бидејќи се најчисти и безгрешни. Затоа рекол дека треба да станеме како деца, за да влеземе во царството небесно, а децата се: добри, незлобиви, радосни, чесни, чисти и полни со љубов. Тоа ја прави голема Божикната радост во семејствата.

Честит Божиќ и од Бога благословено Новото Лето Господово.

Христос се роди! Вистина се роди!

Огромен број дечиња со бадникова поворка низ Широк Сокак го најавија Христовото раѓање во Битола (Фото галерија)

Бадник, ден пред Божик…денот кога ја чекаме радосната вест за Христовото раѓање…

Овој празник не потсетува на важноста на заедништвото, љубовта и споделувањето – вредности што нè обединуваат и нè прават посилни како заедница.

Денес ја славиме традицијата, но и нашите семејни и духовни врски што ја одржуваат жива, искрата на празникот.

Традиционално и годинава во Битола се одржа Бадниковата поворка. Младите бадникари со своите најблиски од плоштадот „Магнолија“, го исполниот соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а од таму низ Широк сокак пеејќи ја песната „Вечниот бог“ до Офицерскиот дом каде се наоѓаше големата пештара, а беа пречекани и од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им го честиташе Бадник и Божиќните празници, дарувајќи ги со Бадникови подароци.

„Вербата во Бога и традицијата се вредностите на кои почива нашето самобитие. Општина Битола и годинава покажа дека оваа традиција е блиска до народот, особено до најмилите и најмладите, кои од мали ги учат вредностите и тие ќе ги запазуваат и применуваат во иднина“, вели градоначалникот на Битола.

На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, деновиве им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Инаку ѕвездичките ја симболизираат Витлеемската ѕвезда која се појавила на небото кога се родил спасителот на светот и дека децата ја претставуваат ангелската војска која со песна ја најавува радосната вест.