дома блог страница 42

За многу години Петковден: Денес се празнува најголемата заштитничка кај народот

Денеска на 27 октомври се празнува света Петка. Православните верници ја слават Преподобна Параскева или Петковден.

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост.

Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“

Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век.

Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, која што чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Совршено печено, крцкаво и сочно – роловано прасе на “Илиевски Компани”, за два дена од фарма до трпеза во Прилеп (ФОТО)

Кога љубовта кон земјата, трудот и семејната традиција се спојат – резултатот е сигурен успех кој не може, а да остане незабележан. Така започнува приказната на браќата Илиевски од Куманово, млади луѓе кои со посветеност, знаење и визија ја продолжуваат повеќе од дваесетгодишната семејна традиција во сточарството и производството на свинско месо. Под брендот „Илиевски Компани“, тие денес произведуваат висококвалитетно свежо месо, печени и димени производи, меѓу кои вистинска специјалност е ролованото печено прасе – обескостен, совршено зачинет и крцкав деликатес што стана препознатлив симбол на нивниот квалитет. Она што ги издвојува е фактот што зад целиот процес – од фармата до готовиот производ – стои едно семејство, кое со труд и љубов создава бренд што ужива доверба кај потрошувачите низ цела држава. А најдобрата вест? Производите на „Илиевски Компани“ се достапни за сите, со достава до секој град во Македонија, вклучувајќи го секако и Прилеп.

Во продолжение разговараме со еден од браќата, Марио, кој детално ни опишува како почнало нивното семејно производство, какви им се плановите и што се’ има во нивниот асортиман на производи

Како започна вашата семејна приказна со сточарството и што ве мотивираше вие, како млади луѓе, да ја продолжите традицијата?

-Се започна пред повеќе од 20 години, татко ми Небојша почнал со помала фарма и со тек на време напредувал. Мене ме мотивира што со приватен бизнис како што го имаме ние од производство до готов производ, може да се живее добро и да се фунционира.

Марио, веќе менаџирате со фармата – колку е тешко да се води ваков бизнис во Македонија денес?

-Да, ние сме тројца браќа (Марио, Даниел, Ален) и сите сме вклучени во работава, не е тешко да се води ваков бизнис, затоа што го работиме со љубов и ги имаме сите услови што ни ја олеснува работата.

Колку прасиња моментално брои вашата фарма?

-Нашата фарма брои моментално околу 150 маторици, во план сме да го зголемиме капацитетот.

Што произведува “ИЛИЕВСКИ КОМПАНИ” освен свежо свинско месо?

-“Илиевски Компани” произведува свежо свинско месо, имаме печени прасиња, свежи прасиња, имаме и димени производи: димено месо, домашен димен колбас, ролована димена сланина.

Покрај фармата, имате и сопствена фурна за печени прасиња, а кој пробал вели дека специјалност на вашата компанија е роловано печено прасе, што се крие зад вака приготвениот деликатес?

-Имаме сопствена фурна на дрва, која ја работи мојата мајка Смиља, која е со капацитет од 24 прасиња во една смена. Работиме константно во 3 смени, и да точно е тоа дека специјалност е ролованото печено прасе. Тоа е обескостено прасе, зачинето и завиткано како ролат. Од внатре е сочно, а од надвор крцкаво.

Вршите ли дистрибуција низ останатите градови и колку време е потребно нарачката да стигне еве да речиме во Прилеп?

-Да имаме достава низ цела Македонија, нарачка во Прилеп стига за од прилика 2-3 дена, имаме точни денови кои одиме, така полесно функционира, купувачите си прецизираат, се трудиме купувачите да бидат задоволни.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во производството и пласманот на свинското месо?

-Па ние немаме предизвици за производство и пласманот, затоа што фармите се по ХАСАП, имаме одлични услови за исполнување на стандардите за благосостојба на животните. Немаме ни предизвици за пласманот, затоа што имаме соработка со повеќе ресторани низ цела Македонија, а и приватно имаме голем број на купувачи.

Колку е важно тоа што зад брендот стои семејство кое самостојно го произведува месото, без прекупци?

-Тоа е најважно, затоа што ние со години имаме ист квалитет, константно се трудиме се да биде исто, или евентуално ако може да се подобри, ако за нешто има простор.

Какви се вашите планови за иднината – дали размислувате за проширување или за нови производи под брендот „Илиовски Компани“?

-Па да, за иднина имаме план капацитетот на фармите да го зголемиме, исто така имаме во план да вклучиме нови производи за да купувачите имаат поголем избор.

Која би била вашата порака до младите во Македонија кои размислуваат да започнат сопствен бизнис во земјоделството или сточарството?

-Порака до младите е да се трудат да инвестираат во Македонија, оваа држава е прекрасна за тие што имаат јасна визија и воља за работа, овој бизнис бара напор но и дава резултати.

Како можат да ве добијат сите оние кои сакаат да ги пробаат вашите производи и да вкусат од најдоброто свинско месо во Македонија?

-Можат да не добијат на телефонски број 077/518-505 или на нашата фб страница: ИЛИЕВСКИ КОМПАНИ.
Не чекајте, побрзајте со вашата нарачка, вкусете од нашите прекрасни производи.

Започнува остварување на сонот на генерации битолчани – Потпишан договорот за физибилити студија за изградба на гондола од Дихово до Пелистер (ВИДЕО)

Со зголемен интерес за природните убавини и авантуристичките можности, Општина Битола активно инвестира во развој на инфраструктурата и модерни содржини кои ја зголемуваат туристичката понуда и го претвораат Потпелистерието во дестинација за доживување во сите четири сезони.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, го потпиша договорот за почеток на изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на потегот од селото Дихово до врвот Пелистер. Студијата опфаќа детална анализа на теренот, технички спецификации, можности за летни и зимски активности, како и планирање на инфраструктурата со цел развој на Пелистер како дестинација за сите четири сезони.

Општина Битола обезбеди поддршка и за дополнителни содржини во рамки на Националниот парк, меѓу кои изградбата на Авантуристички парк на Пелистер. Паралелно со тоа, продолжува реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, еден од симболите на битолското планинарство, кој со своето обновување повторно ќе стане омилено собиралиште на љубителите на планината.

Во насока на подобрување на пристапноста и инфраструктурата во Потпелистерието, реализирани се повеќе активности, меѓу кои и реконструкција на локалниот пат во село Цапари, изградба на колекторски систем и пречистителна станица во Националниот парк Пелистер, реконструкција на патот од село Трново до границата со паркот, како и инфраструктурни зафати во село Брусник, каде што е изведен колектор за фекална канализација и реконструкција на коловозот. Овие инвестиции овозможуваат подобра поврзаност, почиста животна средина и повисок квалитет на престој за туристите и локалното население.

Во текот на зимскиот период, Општината во соработка со ЈП „Пелалинк“ овозможи бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, кој го искористија над 600 граѓани, најмногу млади љубители на зимските спортови.

Општина Битола продолжува да инвестира во инфраструктурата, туризмот и животната средина, создавајќи предуслови Пелистер да стане дестинација која инспирира и привлекува посетители во текот на целата година.

Николоски: Од утре нови 11 директни летови од скопскиот и охридскиот аеродром (ВИДЕО)

Политиките на Владата за привлекување на авиолинии на скопскиот и охридскиот аеродром ги даваат своите резултати. Единеаест нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродрoм почуваат веќе од утре. Сo зимскиот распоред на летање веќе од утре 27 октомври од Охрид ќе се лета кон Базел-исклучително важна дестинација бидејќи Охрид го отвораме не само за туристите од Швајцарија туку и за туристите од Франција и Германија, затоа што ова е таканаречениот европски аеродром што ги спојува овие три држави, истакнува преку видео обраќање министерот за транспорт Александар Николоски.

Додава дека од Скопје ќе се лета кон Стокхолм на главниот аеродром, ќе се лета за Штутгарт, за Бари, Ларнака-Кипар и сето тоа започнува од утре 27 октомври.

-А веќе од следниот понеделник од 3 ноември, ќе се лета кон Женева, исклучително значајна дестинација која покрај за туристи, сметам дека ќе донесе и многу бизнисмени во Скопје, понатаму Мадрид, а од 15 декември и кон Прага и Келн.

Ако на ова додадеме дека од април ќе се лета кон Будимпешта и Неапол, ова е целосната слика што ја прави Владата за да привлече нови авиолинии кои што се субвенционирани за оние кои што доаѓаат во Охрид и Скопје, затоа што субвенциите се наменети за патник во доаѓање. Ваква револуција во авиосообраќајот не е видена со децении и затоа ова е најдобар поттик да работиме во следниот период. Расте бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром, расте бројот на туристи во Македонија и вака ќе продолиме да ја развиваме Македонија

Нека е со лесно, добредојде на сите кои ќе слетаат во Охрид и Скопје и пријатно патување, нагласува Николоски.

Не дилаат само мажи! По извршен претрес во домот уапсена 33-годишна битолчанка

-На 25.10.2025 во 11:20 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола извршија претрес во дом и простории, кои ги користела М.В.(33) од Битола. При претресот, извршен по судска наредба од Основен суд Битола, пронајдени се марихуана, дигитални ваги, метална дробилка и други предмети со остатоци од кокаин, бела материја, како и други предмети кои потекнуваат од кривично дело. М.В. е лишена од слобода и против неа е поднесена кривична пријава по чл.215 од КЗ – информираат од МВР.

Изборите во Битола завршија и почна исполнувањето на ветеното – Се асфалтира улицата “16-та” (ФОТО)

Во текот на вчерашниот ден се асфалтираше ул. „16-та“ во Битола.

-Завршните активности се изведуваат во должина од околу 100 метри, а општина Битола за реализација на овој проект издвои 1.400.000 денари. Покрај реконструкцијата на коловозот, претходно беше поставена нова водоводна мрежа за подобро водоснабдување со санација на постојната мешовита канализација – информираат од општината.

Две бронзи и едно сребро за прилепските борачи и борачки од Третиот Меморијален турнир “Тони Танчев” (ФОТО)

Во општина Конче вчера (сабота, 25.10.) се одржа третиот Меморијален турнир во борење “Тони Танчев”, каде свој настап имаа и борачите и борачките од прилепскиот клуб 7-ми Мај.

Освоени се две трети и едно второ место:

Анастасија Карапејоска и Јована Миновска се закитија со бронзени медали, а Стефан Аризанкоски во Прилеп се врати со сребро.

Честитки за прилепските борачи кои без исклучок на секое натпреварување се качуваат на пиедесталот.

Лишен од слобода крушевчанец – го фатиле додека незаконски ловел животни

-На 24.10.2025 околу 23:00 часот, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода А.З.(60) од Крушево. Претходно, во атарот на кичевското село Староец, ловочувар од ловечко здружение „Елен“ од Кичево го затекнал А.З. при незаконит лов и додека пукал кон диво животно од пушка „Маузер“, калибар 7,9 милиметри.

По насоки на јавен обвинител, одземена му е пушката и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 228 од кривичниот законик – „незаконит лов“ – информираат од МВР.

Битола загуби голем човек – Почина Зоран Петковски, поранешен кошаркарски репрезентативец, спортски работник и советник од ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот македонски кошаркар и тренер, Зоран Петковски од Битола, почина денеска по подолго боледување на 47-годишна возраст.

Петковски ги започна кошаркарските чекори во Битола и беше дел од младинската репрезентација на Македонија, во генерацијата предводена од Митко Луковски. Во својата играчка кариера настапуваше за Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, повторно Пелистер и Радовиш.

Особено ќе биде запамтен по својот ангажман во КК Пелистер, со кој обезбеди промоција во Првата македонска кошаркарска лига. Подоцна, тој беше дел и од управата на тимот, оставајќи неизбришлив белег во клубот.

Петковски беше советник во Советот на општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години, а во неделата беше избран за нов мандат.

Пријателите, колегите, спортските работници и голем број граѓани на социјалните мрежи денеска се простуваат од него.

-Со длабока тага и почит ја примивме веста за прераната смрт на Зоран Петковски, советник во Советот на општина Битола, човек кој со својата посветеност, енергија и љубов кон спортот остави неизбришлива трага во спортскиот живот на Битола. Неговата поддршка на спортските иницијативи и неговиот несебичен дух ќе останат запаметени како пример за вистински битолски патриот и спортски ентузијаст. Нека му е светол патот. Почивај во мир – напишаа од општина Битола.

-Битола загуби спортска легенда, сочувство до семејството, објавија од КК Пелистер Битола.

Сочувство до семејството испрати и ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.

-Со голема тага ја примивме веста за прераното заминување од овоземниот свет на Зоран Петковски, човек кој остави длабока трага во спортскиот живот на Битола. Како борец за спортот и активен поддржувач на многу спортски иницијативи, Зоран ќе остане запаметен по својата енергија, љубов и посветеност кон градот. Во име на ВМРО ДПМНЕ Битола изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што го познаваа. Нека ти е светол патот, почивај во мир добар човеку, објавија од ВМРО ДПМНЕ Битола

Ноќеска почнува зимското сметање на времето

Ноќеска во 03:00 часот по полноќ завршува летното, а почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.

Промена на времето во земјава е врз основа на годишната практика за регулирање на сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа област.

Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.

Промената на времето практично значи дека наредната ноќ ќе спиеме еден час подолго, а носи и подолгорочни промени: ќе се разденува порано, но исто така и ќе стемнува порано.

Освен кај нас, зимското сметање на времето го применуваат и поголем дел од државите на европскиот континент, освен Исланд, Русија и Белорусија. Европскиот парламент на 4 март 2019 година изгласа да биде укинато сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука.

Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.