дома блог страница 35

Нема повеќе “инфлуенсерство” на диво: Сите кои имаат по олку следбеници мора да се регистрираат

Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.

Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:

-аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
-имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
-остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
-во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
-целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.

Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.

Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.

Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.

За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected].

Дали е строг пост на Водокрст 18. јануари или не, кога истиот се паѓа во недела (или во сабота)?

Пишува: Протоереј Љупче Петрески

Почитувани браќа и сестри,

Во недела, на 18 јануари, Црквата го празнува Водокрст, денот посветен на светите маченици Теопемт и Теона, а воедно тоа е и навечерието на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Во црковната традиција, овој ден обично се пости строго, без масло – пост кој во народот е познат како „нејатка“, како знак на духовна подготовка за празникот на јавувањето на Света Троица на реката Јордан.
Но, оваа година Водокрст паѓа во недела.

Имајќи предвид дека во јавноста, а особено на социјалните мрежи, веќе се појавуваат поуки и објави од поединечни „познавачи“, кои тврдат дека во недела, на Водокрст, треба да се пости строг пост (без масло), со должна почит, мора јасно да се каже дека таквото поучување е канонски неточно и претставува сериозна грешка.

Светите канони на Православната Црква недвосмислено забрануваат строг пост во недела, бидејќи неделата е ден на Воскресението Христово, ден на радост, евхаристиско заедничарење и благодарност, а не ден на аскетска жалост.

Ова е јасно изразено во: 66. Апостолско правило (Толкувањето на епископ Никодим Милаш):
„Ако некој од клирот пости во НЕДЕЛА или во САБОТА, освен една единствена сабота – Велика Сабота, нека биде расчинет; а ако е лаик – нека биде одлачен (исклучен од Црквата).“
Ова апостолско правило: се однесува конкретно на строг пост и важи за сите времиња и сите постови.
Па така, кога Водокрст паѓа во сабота или недела, постот не се укинува, но строг пост (без масло) не е дозволен, туку постот се ублажува (се допушта масло но не и риба), во согласност со канонскиот поредок на Црквата.

Затоа, да внимаваме од површни и самоволни толкувања, колку и да изгледаат „побожни“, и да се држиме до преданието на Црквата, кое не нè води во крајности, туку во вистина.

Нека Воскресението Христово, кое секоја недела го славиме, биде мерка и за нашиот пост и за нашата вера.

Протоереј Љупче Петрески

Над 500 верници на 20 локации во Општина Прилеп ќе се фрлат по светиот крст за Водици!

Над 500 верници ќе учествуваат во традиционалното фрлање по светиот крст на територијата на Општина Прилеп, в понеделник, на големиот христијански празник Богојавление – Водици 2026.
Празнувањето започнува на 19 јануари со утрински богослужби, по што следи чинот на положување на светиот крст во осветените води, со што се одбележува Христовото крштевање, една од светите тајни на христијанството.

Централната манифестација ќе се одржи во 12:00 часот, со положување на светиот крст во базенот на Аква паркот „Салида“ во Прилеп. Покрај централниот настан, светиот крст ќе биде положен и во водите на реките и базените во уште 19 населени места на територијата на Општина Прилеп:

Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Утрото, во црквата „Св. Благовештение“, по традиционалното пуштање на гулабите во 6:30 часот и свечената божествена литургија, симболично ќе се одржи и фрлање на светиот крст во фонтаната (базенчето) во дворот на црквата во 9:30часот. Овој чин е наменет за дечиња, не постари од 13 години, кои ќе го вадат светиот крст од осветените води.

Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации составени од членовите на Советот ќе бидат присутни на сите 20 места, Локалната самоуправа има обезбедено пригодни подароци за сите учесници а исто така и компаниите „Зегин“ и „Евротип“, ќе обезбедат пригодни подароци за оние што први ќе го извадат светиот крст од осветените води во Прилеп.

Богојавление – Водици е празник што го одбележува крштевањето на Исус Христос од Свети Јован Крстител во реката Јордан и симболизира духовно раѓање и почеток на животот во верата.

Средба Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава

Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.

Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата Визер, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.

Вицепремиерот Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.

На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.

Вицепремиерот Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.

Тој упати честитки за избор на Амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.

Во РК Вардар пристигна засилување – Mozzart нов спонзор на клубот!

Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар 1961 во актуелната сезона е лидер во машката ракометна Суперлига. Тимот цели да се врати на тронот во Македонија, а во тоа добива нов партнер – регионалниот лидер во приредување игри на среќа, компанија Mozzart е нов спонзор на црвено-црните!

Логото на компанија Mozzart од оваа година ќе ја краси опремата која тежи две европски титули, освоени во 2017 и 2019 година. Вардар важи за најголем ракометен бренд од Македонија во европски рамки, па со големо задоволство компанија Mozzart која важи за општествено одговорна се приклучи меѓу спонзорите кои ќе му дадат поддршка на 15-кратниот шампион на нашата земја и 17-кратниот освојувач на Купот на Македонија.

„Особено сме среќни што по подолго време на разговори, конечно, со Mozzart Bet се договоривме за едно вакво партнерство. Вардар полека но сигурно повторно се етаблира како еден ракометен бренд не само во Македонија туку и пошироко. Нашите цели за оваа сезона се добро познати, атакуваме на титулата во Домашното првенство, а со самото тоа и да се вратиме во Лигата на Шампионите, што е еден од позначајните сегменти на овој Договор со Mozzart, што значи дека очекуваме целосно да го испочитуваме ова партнерство кое ќе донесе придобивки за двете страни. Уште еднаш сакаме да потенцираме дека навистина сме задоволни и се надеваме дека ова партнество ќе го продолжиме и понатака на уште повисоко ниво.“ – изјави Михајло Михајловски, претседател на РК Вардар 1961.

Договорот за спонзорство меѓу компанијата Mozzart и РК Вардар 1961 стапува на сила веднаш, а ќе трае до крајот на сезоната 2026/27.

„Ни претставува огромно задоволство што станавме партнер и поддршка на најуспешниот македонски клуб по број на трофеи РК Вардар 1961. Се работи за име кое е познато ширум светот, со долга спортска традиција. Веруваме дека ова наше партнерство ќе трае долго и ќе помогнеме во остварување на амбициите на клубот во периодот кој следи.“ – изјави Ивана Ололовска, маркетинг менаџер во Mozzart.

Фатени двајца дрвокрадци кај прилепско Беловодица

-На 15.01.2026 во 17:15 часот во атар на с.Беловодица, прилепско, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Н.Б.(47) и Е.А.(45), двајцата од Прилеп, затоа што кај нив се пронајдени и одземени две моторни пили и бесправно исечени дрва. Пилите и дрвата се предадена на шумска полиција за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава – информираат од СВР Битола.

25-годишник од Прилеп со автомобил излетал од коловозот на патот Прилеп-Битола

-На 15.01.2026 во 23:32 часот во СВР Битола е пријавено дека на регионалниот пат Битола – Прилеп, патничко возило „форд ескорт“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.Б.(25) од Прилеп, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничка болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола, информираат од СВР Битола.

Макрон се појави со црвено и отечено око пред војници

Францускиот претседател го спореди својот проблем со очите со песната „Око на тигарот“, велејќи дека тоа е знак на решителност и предупредување дека Франција може да остане слободна во „брутален свет“ само ако другите се плашат од неа и ако е моќна

За време на неговото годишно обраќање пред француските војници, францускиот претседател се појави со црвено око.Тој се пошегува, користејќи ја можноста да повика на зајакнување на воената моќ на Франција.

Францускиот претседател го спореди својот проблем со очите со песната „Око на тигарот“, велејќи дека тоа е знак на решителност и предупредување дека Франција може да остане слободна во „брутален свет“ само ако другите се плашат од неа и ако е моќна, пренесува Индекс.хр

Споменувањето на името на песната од рок-групата „Роки III“ од 1980-тите години дојде откако Макрон ја прогласи француската армија за „најефикасна“ во Европа, додавајќи дека мора да стане посилна и побрза.

Пред говорот, кој започна со објаснување за неговиот изглед, Макрон носеше очила за сонце додека вршеше инспекција на војниците.

„Ве молам извинете за грдиот изглед на моето око. Тоа е, се разбира, нешто сосема безопасно“, рече Макрон.

„Само сфатете го како ненамерна референца на Око на тигарот… за оние кои ја разбираат референцата, тоа е знак на решителност.“

Во своето новогодишно обраќање до војниците во воената база во Истр на југот на Франција Макрон најави поголеми средства за одбрана.

Во контекст на војната во Украина и тензиите околу арктичкиот регион, тој предупреди дека „нов колонијализам функционира меѓу некои во светот“. „Историјата не простува ниту лоша подготовка ниту слабост“, рече францускиот претседател откако објави дека француски војници ќе бидат испратени во Гренланд за да ја зајакнат безбедноста на Арктикот во заедничка мисија со европските сили.

„Европејците имаат посебна одговорност, бидејќи оваа територија ѝ припаѓа на Европската Унија“, рече Макрон. „Почетен тим воен персонал е веќе на терен и ќе биде зајакнат во наредните денови со копнени, воздушни и поморски средства“.

Макрон ги повтори своите повици до Франција и Европската Унија да ја зајакнат својата способност да дејствуваат независно од Вашингтон и да преземат одговорност за сопствената безбедност. Тој го истакна нуклеарниот арсенал на Франција како „најнезависен“ во Европа бидејќи, за разлика од британскиот систем „Тридент“, не му е потребна поддршка од САД.

“Камен ладно” на крајот на јануари: Поларен студ ќе ја зафати Европа

По декември со претежно стабилно време, јануари донесе студ и снег. Значителен дел од Европа моментално е покриен со снег, што создава услови за развој на ладен континентален антициклон и продолжување на зимските услови. Во исто време, се формира голем сибирски антициклон, кој кон крајот на месецот може да насочи многу студен, па дури и поларен воздух кон југ. Влијанието на атлантските циклони е ослабено, а во блиска иднина не се очекуваат долготрајни јужни ветрови, пишува IstraMet.

Прогнозите укажуваат на постепен развој на нова зимска ситуација. Почнувајќи од недела, температурите ќе се спуштат на просечни нивоа за овој период од годината, со бора и левант ветрови. Ова ќе биде вовед во период на постабилно и посончево време, со утрински минус температури и пријатни дневни температури. Не се очекуваат поголеми метеоролошки нарушувања во наредните денови.

Позначајна промена е можно да се случи кон средината на третиот дел од јануари, под влијание на постојан сибирски антициклон. Тој би можел да го премести поларниот воздух подалеку на југ, можеби дури до Медитеранот, при што дел од студениот воздух ќе стигне и до нашите региони. Сè уште е прерано за подетални прогнози.

Македонските ракометари го почнуваат настапот на ЕП, вечерва на мегдан со домаќинот Данска

Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток во 20:30 часот во Хернинг го игра првиот натпревар на Европското првенство, а противник ни е кодомаќинот Данска.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, веќе неколку денови се во Данска, каде во вторникот го одиграа и последниот контролен дуел што го добија против Митјиланд.

Ова е вторпат на европски шампионат македонските ракометари на стартот да играат во Хернинг против Данска (првиот дуел беше во 2014 година). Ова е дуел од групата Б, а во првиот натпревар од 18 часот играат Португалија и Романија.

Нашите ракометари во недела од 18 часот играат против Португалија, а во вторник во истиот термин противник ни е селекцијата на Романија.

Пласман во следната фаза ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации од групата.