дома блог страница 34

Секоја чест! Ротари и Лајонс клубот од Прилеп организираа уште една успешна крводарителска акција (Фото галерија)

На 25.02.2026 година, Ротари клубот и Лајонс клубот од Прилеп, со голем успех заеднички ја реализираа традиционалната КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА.

-Со вкупно 62 дарители на крв, може да се каже дека оваа акција е најуспешната досега. Должиме огромна благодарност до посветениот медицински тим, поддршката од Црвениот крст на Македонија, а најмногу до крводарителите коишто се појавија во толкав голем број и коишто се секогаш тука да помогнат да се спасуваат човечки животи. Благодарност и до спонзорите за обезбедените пригодни подароци за дарителите, како и до Ресторанот „Алтан“ во Прилеп, стои во соопштението од Ротари клуб.

Оваа акција секогаш се организира непосредно после роденденот на Ротари – 23 февруари, денот кога Ротари бил формиран во 1905 година.

-Имајќи го предвид фактот дека една од најважните заложби на Ротари заедницата е обезбедување медицинска грижа за сите и подобрување на здравствените услови и пристапот до медицинска помош, оваа крводарителска акција е целосно на линија со она што е и наша мисија! Ветуваме дека ќе продолжиме со уште посилно темпо да помагаме, ова е само мал придонес кон заедницата, но истовремено претставува и апел до секој граѓанин да дарува од драгоцената течност за да помогне таму кадешто е потребно, се вели во соопштението.

Вака се работи за младите! Спортската сала во ОУ “Елпида Караманди” во Битола ќе биде целосно реконструирана и со фотоволтаици

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска го посети ОУ „Елпида Караманди“ каде се врши реконструкција на дел од спортската сала.

Како што информираше директорката на училиштето Емилија Николовска-Спировски, реконструкцијата подразбира промена на дограмата на целата сала, промена на електричната инсталација, поставање на плочки во ходниците и во соблекувалните, поправање на санитарните јазли со довод и одвод и комплетно опремување на тоалетите и соблекувалните.

Во рамките на овој проект е и поставување на фотоволтаици.

Вкупната сума која се инвестира во реконструкцијата, поставувањето фотоволтаици и опремување со реквизити е 4.481.290 денари. Ова се средства добиени од Mинистетството за образование и наука.

Општина Битола во соработка со центрланата власт вложува максимални напори за модернизација на образовните институции во Битола.

Николоски: Имаме големи планови за изградба на нови експресни патишта

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во поткастот на ТВ Сител ги истакнува инфраструктурните планови на Владата за изградба на нови експресни патишта за поквалитетно регионално поврзување.

Тој во поткастот вели дека плановите опфаќаат изградба на нов експресен пат од Кочани до граница со Бугарија, нов експресен пат од Радовиш до Струмица и нова врска на Коридор 10 со Коридор Струма преку изградба на експресен пат од Смоквица преку Струмица до граница со Бугарија.

За нов експресен пат од Куманово до Страцин вели дека веќе се работи на заеднички постапки со Европска Унија и тој ќе го поврзе делот од Страцин до Крива Паланка кој беше пуштен за сообраќај минатата година.

“ Сега во соработка со ЕУ треба да го изградиме делот од Куманово до Страцин. Експресните патишта ќе бидат различини од досегашните што ги изградивме. Сменивме Закон и Правилник и ќе сега ќе личат на пример на автопатот Тетово -Гостивар каде ќе имаат две плус две летни со ограда на средина, ама оградата нема да биде бетонска, туку класична еластична ограда, таков е потегот на Дреново – Фариш таму имаме две плус две ленито со еластична ограда на средина. На Влада ги поминавме основните документи за експресен пат од Кочани до граница со Бугарија. Клучен проект за мене е експресен пат од Радовиш до Струмица и уште еден експресен пат од Смоквица преку Струмица до граница со Бугарија и Петрич од другата страна” истакна вицепремиерот Николоски.

Во однос на автопатиштата на Коридор 8 и Коридор 10 -д, тој исткана дека тие се работат со потребната динамика и со добро планирање и менаџирање, ќе се завршат во зададените рокови.

Мицкоски до Филипче: Сто пати ви кажав, за ЕУ нема да водиме мекотелна политика

„За ЕУ ние нема да водиме мекотелна политика, сто пати ви кажав“, му рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на лидерот на СДСМ Венко Филипче на денешната седница за поставување на пратенички прашања.

Мицкоски му порача на Филипче дека е мекото ткиво на македонскиот национален идентитет.

-Нема да водиме мекотелна политика. Вие сте мекото ткиво и се додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија кои што ќе знаат дека има меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете ништо со тоа да постигнете. Ќе останете запаметен во историјата како човекот кој што бил мекото ткиво и партијата која што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата од Охрид сте, знаете кој ги предавал и како ги предавал моштите, дециден е Мицкоски.

Имаме план за Победа, рече Рикалоски и УДРИ жестоко по кадрите на СДСМ (ВИДЕО)

Денеска нема да зборуваме „само за спорт“. Ќе зборуваме за симболот на Прилеп, ФК Победа, со факти и докази. Во време кога локалната самоуправа беше предводена од СДСМ, тогашната власт во 2019 година, уверуваше дека преземањето од Општината е „чекор за спас“ и дека ќе следува инвеститор, стабилизација и развој. Денес гледаме што остана од тие ветувања, финансиски хаос и кадровски распад – истакна на денешната прес конференција, советникот во Советот на општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Рикалоски.

Прес конференцијата на Рикалоски во целост ја пренесуваме во продолжение:

Ние во тоа време како опозиција предупредувавме дека моделот што го туркаат е ризичен и нетранспарентен. Денес, за жал, времето покажа дека бевме во право.

Прашањето е едноставно:

Зошто, и покрај предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ управувањето на Акционерското друштво ФК Победа беше препуштено на неадекватни и некомпететни лица, без јасни механизми на контрола и менаџирање со клубот. Кој гарантираше за нив? И врз основа на што?

Дополнително, во јавноста сега со право се поставуваат прашања за однесувањето на одредени советници кои денес глумат загриженост, а истовремено се поврзуваат со судски постапки во минатото и побарувања кон клубот.

Прашуваме, доколку ваква постапка е во тек, дали тужбата ќе биде повлечена поради љубов кон Победа или ќе преовладува финансискиот и личниот интерес?

Да ги расчистиме лагите.

Невистинити се тврдењата дека Општина Прилеп не се грижи за Победа и дека не бара решение за излез од оваа состојба во која се наоѓа фудбалскиот симбол на Прилеп!

Од 2018 година Општина Прилеп до денес исплатила:

– 4.400.000 денари за струја,
– 8.800.000 денари за вода и поправки,
– над 12.000.000 денари директна финансиска поддршка преку јавни повици, дополнително на ова и редовното одржување на стадионот и инфраструктурата.

Ова се факти и реални бројки.

Општината не ја оставила Победа. Некој друг ја доведе во оваа состојба, токму оние на кои СДСМ им ја препушти без сериозна контрола.

Доста е од манипулации! Доста е и од обиди за собирање ситни политички поени на грбот на Победа.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи симболот на градот да биде жртва на туѓи политички експерименти.

Имаме јасен план за стабилизација. ФК Победа ќе се консолидира и ќе се врати каде што припаѓа, во врвот на македонскиот фудбал.

Одговорност мора да има! Доколку има финансиски пропусти и нерегуларности во работењето или било какви манипулации и злоупотреба со финансиите, секој што се огрешил ќе одговара.

Политиката е минлива.
Победа е вечна!
Победа нема да згасне!
Затоа, сега не е време за собирање ситнополитички поени, сега е време за заедништво, за поддршка, за верба и доверба!

82 години од смртта на вториот Гоце Делчев од Прилеп

На денешен ден, 25 февруари, се навршуваат 82 години од загинувањето на Кузман Јосифовски – Питу, еден од најистакнатите организатори на Народноослободителната борба во Македонија и значајна фигура во темелите на современата македонска државност.

Роден во Прилеп во 1915 година, Питу уште како млад се вклучува во револуционерното и студентското движење. Неговата политичка активност започнува во предвоениот период, кога се истакнува како борец за национална и социјална правда. По окупацијата на Македонија во Втората светска војна, станува еден од главните организатори на отпорот против фашистичкиот режим.

Како член на раководството на Комунистичката партија за Македонија, Питу имаше пресудна улога во обединувањето и координацијата на партизанските одреди низ земјата. Неговата визија не беше само воена победа над окупаторот, туку и политичко конституирање на македонската државност врз јасни принципи на самостојност и народен суверенитет.

Питу беше меѓу главните иницијатори за свикување на историското заседание на Антифашистичко собрание за народно ослободување на Македонија (АСНОМ), одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. Иако не го доживеа тој историски момент, неговата идејна и организациска подготовка беше вградена во темелите на одлуките со кои беше поставена основата на македонската државност во рамките на федеративна Југославија.

На 25 февруари 1944 година, во Скопје, Кузман Јосифовски – Питу загина во пресметка со бугарската окупаторска полиција. Неговата смрт претставува тежок удар за македонското ослободително движење, но и дополнителен поттик за борбата што кулминираше со ослободувањето.

По војната, неговото име останува врежано во колективната меморија како симбол на саможртва и државотворна мисла. Во негова чест се именувани улици, училишта и институции, а неговиот лик останува дел од историското наследство на Македонија.

По повод годишнината од неговата смрт, се навраќаме на вистината дека државата не е нешто што се подразбира – таа е создадена преку визија, храброст и жртва. Делото и идеалите на Питу остануваат траен симбол и потсетник дека слободата има своја цена, но и своја длабока историска вредност.

„Еве ти ја вратата, излези“: Кога Трајковски му ја покажа вратата на Солана

Maкедонија денеска одбележува 22 години од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Многумина ја паметат онаа негова легендарна изјава од времето кога беше заменик министер за надворешни работи, од 1999 година за косовските бегалци во Македонија.

Но, ретко кој го знае и моментот кога претседателот Трајковски му ја покажал вратата на високиот претставник Хавиер Солана. За време на неговото гостување во „Еден на Еден“ пред неколку години, тогаш министер за надворешни работи Никола Димитров, првпат откри што се случувало на една од преговарачките средби во 2001 година, кога тој бил дел од тимот на претседателот Трајковски.

Имаше 2001 со претседателот Трајковски едни тешки преговори со Хавиер Солана, кој во тоа време беше висок претставник во ЕУ. Во една ситуација претседателот Трајковски му рече – Еве ти ја вратата, излези! Солана излезе навреден, а минута после тоа претседателот рече излези по него и врати го. Не знам дали тоа беше спремно од претседателот Трајковски, не знам дека тоа го мислел претходно, но во моментот одлучил дека тоа може да биде корисно да покаже дека ова не оди!, рече Димитров.

Од превенција до терапија: Прилепската болница во борба против зависностите од коцкање, отворено советувалиште

ЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп ја информира јавноста дека во рамките на Невропсихијатриското одделение и Кабинетот за медицинска психологија функционира Советувалиште за зависност од коцкање, игри на среќа и интернет.

Станува збор за една од ретките вакви форми на стручна поддршка во државата и во регионот, воспоставена по примерот на Психијатриската клиника „Јанкомир“ од Загреб.

Советувалиштето е отворено пред две години и во него, во услови на целосна дискреција, се спроведува кратка динамичка терапија со лица кои се соочуваат со последици од зависничко однесување поврзано со коцкање, игри на среќа и интернет.

Според искуствата од работата на стручниот тим, оваа појава е сериозен предизвик и на локално ниво, при што се засегнати лица од различна возраст и социјална структура. Токму затоа, покрај третманот, особено внимание се посветува на превенцијата, раната детекција и едукацијата.

Во рамките на редовните активности, Советувалиштето во соработка со средните училишта реализира превентивни едукативни работилници и обуки за волонтери од редовите на учениците и наставниот кадар.

Една од ваквите активности беше реализирана во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, училиште кое образува и медицински кадар. Во реализацијата на работилницата учествуваа Јован Велески и котерапевтот Петре Стеваноски, во соработка со психологот и педагогот од училиштето.

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп упатува апел до граѓаните навремено да побараат стручна помош при појава на проблеми поврзани со зависност од коцкање, игри на среќа и интернет, имајќи предвид дека навремената интервенција значително ги подобрува можностите за надминување на проблемот.

Термини за работа на Советувалиштето:

Советувалиштето работи секој вторник и среда од 15:30 часот, во амбулантата на Невропсихијатриското одделение, со целосна дискреција.

Закажување преглед:

За закажување преглед, граѓаните можат да се јават на телефон: 078 243 501.

Николоски: Очекувам за брзо време да имаме директен лет од Саудиска Арабија до Скопје

Следната недела започнуваме со прва реконструкција на охридскиот аеродром, прва од неговата изградба. За овие година и половина поминавме тежок процес, но успеавме да го легализираме аеродромот. Во меѓувреме работиме на Договор со Саудиска Арабија во делот на ависоообраќајот и очекувам да воспоставиме директна линија меѓу двете земји, вели во поткастот на ТВ Сител, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Веќе поминавме протокол за Договор со Саудиска Арабија, очекуваме во следните месец дена да го преговараме, да го потпишеме и да имaме директен лет од Саудиска Арабија до Скопје од еден од тамошните аеродорми. Следната недела почнуваме со реконструкција на аеродродмот во Охрид, прва реконструкција од тој тип од неговото градење. Инаку до скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата да еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следно е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници и очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис делот да доаѓа во Скопје, истакна вицепремиерот Николоски.

Тој вели дека за овие година и половина значително се развива ависообраќајот и го потенцира фактот што до сега се воспоставија 23 нови дестинации од домашните аеродроми што за Македoнија е огромно достигнување.

Вечна му слава: Дваесет и две години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Пред дваесет и две години на 26 февруари во Ротимље близу Мостар во авионска несреќа животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље.

Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.