дома блог страница 149

Вака правилно се воспитуваат деца! Моќни велигденски пораки од второодделенци од ООУ “Блаже Конески” Прилеп (ВИДЕО)

Во пресрет на Велигденските празници, учениците од II-3 одд и наставничката Весна Арсиќ од ОOУ “Блаже Конески”, го посетија храмoт Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп, и преку видео, направено од одличните KL Production, испратија поука како треба да се празнува Велигден и испратија искрени и моќни велигденски пораки.

Секоја чест за за малите ангели и нивната наставничка!

Во Ликовната галерија на ЦК “Марко Цепенков”, отворена изложбата “Моменти низ времето” од уметницата Моника Десоска (ФОТО)

Синоќа, 2 мај, во Ликовната галерија на ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп беше отворена изложбата “Моменти низ времето” од Моника Десоска,
која се претставува со 50 дела.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека Моника Десоска создала комплексни апстрактни интервенции со многубројни ликовни морфеми и автентичен сликарски јазик.

-Апстрактните колоритни композиции изработени во комбинирана техника пренесуваат богата емотивна содржина. Преку разните сликарски и колажни инструкции уметницата раскажува визуелно сложен наратив, вгнезден во средишноста на композицијата, применувајќи црно бели фотографски исечоци и алудирајќи на осамени спомени во заборавените мисловни лавиринти…Во раскошните асоцијативни апстракции Десоска открива тајни сеќавања и евоцира чувства, при тоа конструирајќи неповторлив автономен ликовен јазик со сложена симболика сочувана во спомените обоени со многубројни соништа и надежи – рече на отворањето на изложбата Димеска.

На Моника Десоска во родниот Прилеп и е петта самостојна изложба.

Автомобил удри во двајца малолетници на електричен тротинет во долненско Црнилиште

На 02.05.2024 во 11.50 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека во с.Црнилиште, прилепско, патничко возило „цитроен“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од М.А.(48) од с.Црнилиште, удрило во електричен тротинет управуван од малолетник од с.Црнилиште, прилепско.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, а неговиот малолетен сопатник се здобил со телесни повреди констатирани во Општа болница Прилеп.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

Денеска е Велики Петок – нajтaжниот ден во xpиcтиjaнcтовото

Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи.

Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“.

Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје. На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб.

Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Возен ред на автобусите од Јавниот градски превоз – Прилеп, за престојните Велигденски празници

Јавниот Градски Превоз при ЈП за ПУП на сите граѓани им го честита големиот христијански празник Велигден, а воедно ги информира граѓаните дека:

Автобусите на Јавниот Градски Превоз ќе го имаат следниот возен ред на сите линии за време на престојниот празник Велигден.

-03.05(Петок) – Неделна (вонредна) линија од 6.30 h до 12.30 h од (Н.Гробишта)
-04.05(Сабота) – Сите три линии од 6.30 h до 15.30 h
-05.05(Недела) – Неделна (вонредна) линија од 6.30 h до 13.30 h од (Н.Гробишта) со зголемен број на автобуси.
-06.05(Понеделник) – Неделна (вонредна) линија од 6.30 h до 13.30 h од (Н.Гробишта) со зголемен број на автобуси.

На скопјанка и’ го украле автомобилот кај манастирот Св. Преображение во Зрзе

-На 30.04.2024, во 17:20часот, во Полициското одделение Ропотово, Е.Т. (66) од Скопје, пријавила дека во близина на манастирот Свето Преображение кај село Зрзе, долненско, и’ било одземено патничко возило марка “сеат ибица”, со скопски регистарски ознаки.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Нема цена за малата Искра од Прилеп да земе здив! Благодарение на сите хумани граѓани, респираторот за рекордно време стигна во нејзиниот дом

Малата Искра од Прилеп е 18 месечно детенце кое е родено со спинална мускулна атрофија – Тип 1. Искра не знае што значи да дишеш слободно, со полни гради бидејќи е на респиратор од раѓање, и не може да живее без него. Искра никогаш во животот нема вкусено храна, бидејќи се храни со назогастрична сонда која и влегува преку носето.

Нејзината приказна ќе го скрши и најтврдокорното срце: имала 6 операции на нејзиното мало срценце досега, една од нив и на дијафрагмата, со цел да се дијагностицира состојбата, но оваа болест е толку ретка, што ваквите генетски тестови кај нас ги има само во МАНУ, но проблемот со ретките болести е што треба некој да ги препознае за да знае да упати каков тест да се направи.

Малата Искра имала среќа, во белградскиот педијатар кој работел во Систина и кој во неможноста Искра да ги движи рачињата ја препознал болеста и ги упатил на тестирање.

Неодамна целата македонска јавност и сите хумани граѓани се обединија и се собраа пари за да се купи респиратот кој чинеше 600.000 денари.

Најголема заслуга за тоа имаше тимот на ecrowd.mk, мрежа за прибирање на донации, луѓе кои досега помогнаа на голем број лица со тешки и ретки заболувања.

Потребната сума се собра речиси преку ноќ, а денеска респираторот е предаден на малата Искра.

-Респираторот денеска го предадовме на малата Искра, и тоа благодарение на сите вас! Нема цена за Искра да земе здив! Не сте повеќе сами – напишаа од ECROWD на социјалните мрежи.

Донесете ги децата! На прв ден Велигден, втора година по ред света литургија и причесна за најмладите во храмот Св. Петка во Прилеп

Почитувани верни прилепчани, од најмлади до највозрасни, драги родители, баби и дедовци,

во пресрет на најголемиот христијански празник, „Празникот над празниците“ – Велигден со голема радост ве исвестуваме дека, поради големиот интерес кој го покажавте, огромната посетеност и стотиците верници, во најголем број деца, кои се причестија (повеќе од 300-ни причесници) на ланската Велигденска Литургија, и оваа година со благослов на нашиот епархиски архиереј и духовен татко, Неговото високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во храмот „Св. Петка Римјанка“ во нас. Точила во Прилеп, покрај полноќната воскресенска богослужба и Божествената Литургија која ќе се отслужи после полноќ, ќе се отслужи Божествена Литургија и утрото, на ПРВ ДЕН Велигден, во неделата (05.05.2024) со почеток во 9:00 часот, а со цел сите оние верни прилепчани, кои не можеле да присуствуваат на полноќната Литургија, особено дечињата, и тие да ја почувствуваат воскресенската радост со присуство на Божествена Литургија и соединувајќи се преку причесната со Христа воскреснатиот!

Ова особено се однесува на најмладите, па затоа препорачуваме и советуваме децата и да се причестат. Во однос на подготовката за причест, според учењето на Црквата се препорачува децата од мали нозе да се учат на пост но, во случајов, барем последните неколку дена пред Велигден.

Ова не е задолжително за децата до седумгодишна возраст. Тие не мора да постат ниту, пак, некој друг (родител, баба, дедо…) треба да пости за нив.

За повозрасните деца се препорачува, поучно да постат, како што рековме, барем последните два-три дена пред Велигден. Утрото пред богослужбата младите треба да бидат гладни и жедни, освен бебињата до едногодишна возраст.

За сите дечиња кои ќе присуствуваат на богослужбата, храмот „Св. Петка“ подготви велигденски подароци!

Доколку дозволат временските услови, планирано е Божествената Литургија да биде отслужена под отворено небо, на платото пред храмот!

Од в.д. старешината протоереј Љупче Петрески со управата и вработените при храмот!

Да им посакаме среќа на Балканско: 20 медали за каратистите од “Бонсаи” Прилеп од Државното првенство, следна дестинација Истанбул

На 27.04. во Гевгелија се одржа Државното карате првенство за деца од 10 до 14 годишна возраст.

На првенството учество зеде и прилепскиот карате клуб “Бонсаи”, од каде се пофалија со освоени 20 медали, во кати и борби.

-Речиси сите наши натпреварувачи се пласираа за Балканското првенство, кое ќе се одржи во Истанбул, Турција на крајот од мај месец. Натпреварувачи од нашиот клуб кои зедоа медали и се пласираа: Бонита Велкоска, Теодор Стојановски, Алексеј Петрески, Софија Димеска, Благица Јошеска, Сара Спиркоска, Христијан Димески, Максим Петрески, Јована Маркоска, Габриел Ламбевски, Иринеј Дурланов, Патриција Наумоска, Анастасија Ангелеска, Софија Крстевска, Цвете Миланоска, Марио Ангелески, Иво Качаков и Леонид Белески – информираат од клубот.

Со овие резултати инструкторите на карате клуб ,,Бонсаи”, Валентина Пурдеска и Дамјан Ристески, се задоволни и веруваат дека на одличен начин ќе ги претстават Прилеп и Македонија на престојното Балканско првенство.

ДЕНОТ НА ТАГАТА И РАДОСТА – ВЕЛИКИ ПЕТОК – Да се поклониме пред оној кој беше распнат заради нас грешните!

Соопштение до верниците од црковниот храм Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп:

Почитувани верници, во пресрет на Велики Петок, храмот Св. Петка широко ги отвора портите а свештенството, црковниот одбор и вработените при храмот ве покануваат заеднички да се присетиме, визулено да ги пресоздадеме и преживееме настаните што се случиле пред повеќе од две илјади години преку богослужбата која ќе ги следи тие траорни моменти кои му претходеле на Христовото погребение.

Со симнувањето од Крстот, погребението и изнесувањето на Плаштаницата, пак и пак, да ги восприемиме најтажните мигови од овоземниот живот на Христа Спасителот. Во атмосфера на плачно расположение, да го симнеме Христос од Крстот, да го повиеме во чиста плаштаница и да го положиме во гробот, во овој ден на универзална жалост – Велики Петок.

Зошто ќе го правиме тоа? Зошто е потребно да се присетуваме на тие тажни моменти и болни настани? Одговорот е едноставен: Најпрво, за подлабоко да ја сфатиме смислата и значењето на Христовите страдања и, второ, да разбереме дека Исусовата смрт е добра и воедно претставува светол настан. Да, токму така! Не чудете се! Зашто ако не се случеше смртта, немаше да се случи и најважното – воскресението! А ако не се случеше воскресението, залудна ќе беше нашата вера, како што вели ап. Павле. Па така, славејќи ја смртта Христова, го славиме Животот што го имаме денес, односно фактот дека сега имаме пристап до рајот. Велики Петок е можеби единствениот ден во годината кога се сплотени тагата и радоста.

Затоа, драги наши верни прилепчани, ве покануваме заедно да оддадеме почит пред Христовиот гроб, бакнувајќи ја плаштаницата на која е изобразено починатото тело Христово. Да се поклониме пред оној кој беше распнат заради нас грешните; да ги целиваме со љубов и солзи Неговите рани и, со радоста која ќе ја потисне тагата, да Го прославиме Неговото свето име!

Нека е за многу години!