дома блог страница 125

Утре конститутивна седница на Собранието – новите пратеници почнуваат со работа

Во Собранието се вршат последните подготовки пред утрешната конститутивна седница на Собранието по парламентарните избори на 8 мај.

Собранието ќе брои 120 пратеници, но на утрешната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Конститутивната седница ја свика претседателот на Собранието Јован Митрески.

До изборот на претседател на Собранието со конститутивната седница ќе претседава најстариот пратеник по години. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.

Дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.

Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за конституирањето на Собранието и за изборот на претседателот на Собранието.

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници, кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата. Претседавачот со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници.

Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието. Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија која се избира по предлог од претседавачот.

Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.

Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. За извештајот на Верификационата комисија се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето по извештајот се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој предлог за одложување на верификацијата на мандат на пратеник, Собранието во рокот расправа и одлучува одделно.

Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.

До добивањето на известувањето на Државната изборна комисија, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.

Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Со верификацијата на мандатот пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, закон и со овој деловник.

Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку 10 пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. По предлогот за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на Комисијата се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.

Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието. За избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.

Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието.

Предлогот за кандидат за претседател на Собранието се поднесува во писмена форма на седницата на Собранието и содржи име и презиме на кандидатот со биографски податоци и образложение, како и имињата и презимињата на пратениците кои го поднесуваат предлогот и нивни своерачни потписи.

Доколку се поднесени два или повеќе предлози за кандидат за претседател на Собранието, редоследот на кандидатите за претседател на Собранието се утврдува според азбучниот ред на нивните презимиња.

Со гласањето за избор на претседател на Собранието раководи претседавачот. Ако Собранието одлучи претседателот на Собранието да се избира со тајно гласање, на претседавачот при изборот му помагаат генералниот секретар на Собранието и тројца пратеници, кои ги избира Собранието на предлог на претседавачот од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Пратеникот има право да гласа само за еден од предложените кандидати за претседател на Собранието. Ако пратеникот гласа за повеќе кандидати за претседател на Собранието, неговото гласање се смета за неважечко.

За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ако за претседател се предложени двајца кандидати и ако на првото гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, гласањето се повторува.

Ако за претседател на Собранието се предложени тројца или повеќе кандидати, гласањето се повторува за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови на првото гласање.

Ако меѓу кандидатите со најголем број гласови има кандидати со ист број гласови, гласањето се повторува за сите кандидати со најголем број гласови. Ако и на повторното гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Секоја чест! Општина Кисела Вода и оваа година ќе обезбеди бесплатни униформи за сите основци и бесплатни ранци за првачињата

Општина Кисела Вода и во новата учебна година ја продолжува мерката за бесплатни униформи за сите 5600 основци и бесплатно ранче со училишен прибор за секое прваче. Како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, овие два проекти освен што го олеснуваат финасискиот товар за семејствата, значително ги намалуваат нееднаквостите во училиштата.

-Првиот училишен ден за првачињата, но и за сите ученици од основните училишта воопшто, значи голема возбуда за нив и за нивните родители. Водени од тоа дека сѐ поскапиот живот во Македонија носи големи грижи и финансиски товар за семејството, посебно кога има еден или повеќе ученици на кои треба да им се обезбеди чанта, прибор и сѐ она што е неопходно за наставниот процес, го продолжуваме проектот ,,Ранче за секое прваче”. Сите над 600 првачиња од основните училишта на територијата на општина Кисела Вода ќе добијат бесплатно ранче, тетратки и прибор на првиот училишен ден. Драго ми е што овој проект кој изворно започна од Кисела Вода, силно оддекна низ целата држава и го препознаа и другите колеги градоначалници со што и тие се одлучија првиот училишен ден да биде запометен по убави спомени и радост. Бесплатни униформи ќе добијат и сите над 5600 ученици од основните училишта од Кисела Вода.

Ова е исто така значаен проект, посебно во услови кога социјалните разлики се доста изразени, а огромните разлики во финансиската моќ на родителите знаат да бидар извор на поделби, па дури и булинг. За таа цел, и оваа година ја продолжуваме мерката за бесплатни униформи која искуството од лани покажа дека значително се намалуваат нееднаквостите во училиштата. Ова исто така значи и стандардизација во кодексот ја облекување, што е и пример во високоразвиените земји. Секој ученик од прво до деветто одделение во новата учебна година повторно ќе добие бесплатна униформа бидејќи единственото поле за натпревар на децата треба да биде знаењето, а не финансиската моќ. Креираме средина врз база на кариерен напредок за сите дечиња, тоа е нашата цел.

Влогот во најмладите е влог во иднината-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Амбасадорот на Полска и неговата сопруга донираа литература од полски автори во прилепската библиотека “Борка Талески” (ФОТО)

Н.Е. амбасадорот Кшиштоф Гжелчик и неговата сопруга Јоланта Гжелчик, денеска на прилепската библиотека “Борка Талески” и’ донираа 50 наслови на книги од полски автори, преведени на македонски јазик!

Од денеска тие се почесни членови на нашата библиотека!

-Во установата отворивме поставка на фотографии од полски книжевници, добитници на Нобелова награда. За читателите презентиравме и дел од збирката книги од полски автори, со кои располага установата! Воедно, за нашите гости презентиравме и дел од збирката фотографии и реквизи на (Да ги зачуваме старите занаети во прилепската чаршија) „Старите занаети од Прилеп“, како и трајната поставка на уметнички дела од прилепски и истакнати македонски автори – велат од прилепската библиотека.

Со овие активности, библиотеката се вклучува во проектот „Полски полици. Книги од полски автори на полиците на македонските библиотеки“, чиј координатор е г-ѓа Јоланта Гжелчик.

Во рамките на воспоставената соработка библиотеката ги поканува сите љубители на книжевноста-наши актуелни и потенцијални членови, да ја посетат поставката, да изберат дел од книгите од полски автори.

Сите овие активности на установата се поддржани и од градоначалникот Борче Јовчески, кој што на средбата со амбасадорот Гжелчик и неговата сопруга, во Општина Прилеп, ги промовираше економските, културни и туристички потенцијали, капацитети и ресурси на градот и општината.

Kaко се решава за шампион во македонска четврта лига – Полицијата со полни раце работа (ВИДЕО)

ФК Ржаничино и ФК Гоце Делчев се две екипи во македонската четврта фудбалска лига, а викендов играле меѓусебна пресметка која била одлучувачка за пласман еден ранг погоре.

Гостите имале водство од 0:1, но домаќините направиле пресврт и сега токму тие ќе одат во Трета лига. Пресвртот секако ги загреал страстите, па имало работа и за полицијата.

Николоски шеф на дипломатијата, Муцунски за одбрана, Таравари во здравство… – МКД.МК го открива составот на новата Влада

Според упатени во преговори кои брифираат за МКД.мк, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ постигнале согласност Движењето за наша Македонија да го добие Mинистерството за правда, како и уште едно министерство кое уште не е дефинирано.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое досега го раководеа кадри од ДУИ, oдносно Албанци, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ го довери на Демократската партија на Србите во Македонија, односно министер ќе биде лидерот Иван Стоилковиќ.

Министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршува функцијата технички министер во ова министерство. Министер за надворешни работи, според досегашниот тек на преговорите, ќе биде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Министер за одбрана е дефинирано да биде Тимчо Муцунски кој поради тоа ќе се збогува од градоначалничката функција во Аеродром. Министерството за транспорт и врски ќе го раководи функционерот на идната владејачка партија Владо Мисајловски.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Бензините поевтинуваат, дизелот поскапува: Ова се новите цени на горивата во Македонија

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 % во однос на одлуката од 20.5.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,492%, кај дизелот има зголемување за 0,845%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,513% и кај мазутот намалувањето е за 0,164%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,333%

Од 28.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 42,453 (денари/килограм)

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,176 ден/кг и сега изнесува 42,453 ден/кг.

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

Приведен домар во бугарско училиште – ги повикувал децата да скандираат „Да живее Македонија“ (Видео)

Бугарските медиуми информираат дека „за антибугарски скандирања и коментари“ бил приведен домар од средното училиште „Никола Војводов“ во бугарскиот град Враца.

Како што објавува тамошната „BTV“, на видеото кое кружи на социјалните мрежи, се гледа како лицето Данаил Петков ги снимало учениците и ги повикувало да скандираат „Да живее Македонија“. Кога едно од деца ќе му возвратело „Да живее Бугарија“, домарот му одговорал со зборовите „Ќе те претепам“.

Според објавеното, домарот се снимал во живо на ТикТок, фотографирајќи ги учениците, како и училишниот персонал. Од „BTV“ известуваат дека лицето користело квалификации како „турко-монголци“ и „бугарофашисти“.

Богат шаховски викенд во Прилеп – три турнири и три шампиони (ФОТО)

Изминатиот викенд во Прилеп се одржаа три шаховски турнири, на кој учество зедоја трите прилепски шаховски клубови: ШК Прилеп, ШК Пелагон и ЖШК Прилеп.

На пионерското првенство учествуваа 14 деца од сите основни училишта од Прилеп, каде победи Андреј Печијарески, пред Дорјан Темелкоски и Давид Долгоски, кои имаа половина поен помалку.

На четвртиот аматерски турнир, најуспешен беше Стефан Јакопетрески, пред Никола Павлески и Михаил Маркушески.

Додека пак, на најсилниот “ГРАНД ПРИ ПРИЛЕП” играа 27 шахисти, при што ИМ Тони Кироски го освои победничкиот трофеј, пред клубските другари Дејан Ѓорѓиески и Мартин Николовски со половина поен помалку.

Награди освоија и Никола Павлески од ЖШК Прилеп-од младинците, Андреј Неделкоски oд Битола и Симон Пазевски-во сениори.

Дури 197 казни изминатиот викенд на подрачјето на СВР Битола: Се возело брзо, под дејство на алкохол и без возачки дозволи

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на викендот (24/25/26.05.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.

На територија на СВР Битола изречени се вкупно 197 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 73 санкции, 13 мерки за возење под дејство на алкохол, 29 мерки за возење без возачка дозвола, изречени 15 мерки за непрописно паркирани возила, 27 мерки за непрописно престигнување.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

Познат идентитетот на пејачот кој беше убиен во Скопје, имаше само 29 години

29-годишниот Амар Исмани од Скопје популарен пејач е жртвата по синоќешното пукање на Пластичарска улица, дознава ТВ21.

Првично избувнала тепачка меѓу неколкумина млади луѓе, а потоа дошло до пукање.

Амар Исмани беше пејач со многу популарни видеа, поставени на видео-платформата јутуб.

Инцидентот започнал со расправии, па прераснал во физичка пресметка со употреба на огнено оружје. Вкупно три лица биле хоспирализирани.