дома блог страница 122

Повеќе од заслужено за Иле! По повеќе од 10 години вработување во прилепскиот театар “Војдан Чернодрински”

Прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” по повеќе од 10 години доби вработување на нов актер.

-Со голема радост и гордост го објавуваме официјалното вработување на актерот Илија Волчески како постојан член на ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп! Илија градеше улога по улога, оставајќи силен впечаток кај публиката и колегите. Од денес, тој е дел од нашиот театар и со срце и со документ. Добредојде дома, Илија – напишаа од театарот на социјалните мрежи.

Дечките од LOCKDOWN вечерва на Камена бина со трибјут на “ЗАНА”

Како дел од проектот “Од 0 до култура” вечерва на Камената бина на плоштадот “Александрија” во Прилеп, свој настап ќе имаат дечките од прилепскиот бенд LOCKDOWN со нивни трибјут на легендарната група “Зана”.

Lockdown е бенд,основан во 2020. Поставата е менувана многу пати, а за оваа сега се вели дека е најдобра, Нена Тодороска на микрофон, Кирил Младеноски на гитара, Михаил Грашкоски на тапани и Димитар Јованоски на клавијатури.

Млади, надежни, талентирани, препознатливи по своите акустични свирки на ex-yu музика, каде можете го слушнете и Здравко Чолиќ, Бјело Дугме,Зана итн. Некои овие хитови ќе ги вратат во младоста, а на некои ќе им бидат одлична можност за да ги слушнат во живо. Добар репертоар, пред се разновиден, кој ќе ве потсети на поголемиот дел на ex-yu хитови, од сите безвременски бендови.

Ве чекаме пред Камена бина, вечерва (07.08) со почеток од 21:00ч.

Битолска кардиологија доби големо засилување: Супспецијалистот кардиолог Др. Игор Спиркоски ќе значи многу за целиот регион

На 6 август 2012, за првпат профункционира салата за инванзивна и интервентна кардиологија во Клиничка Болница ,,Др. Трифун Пановски” – Битола — под раководство на др. Ненси Лозанче и медицинските сестри Валентина Гачевска и Светлана Тодоровска како посветен тим – што значеше нова ера во кардиолошката грижа во Битола и регионот.

-Денес, на истиот овој симболичен датум, со огромно задоволство најавуваме дека тимот на Отсекот на инванзивна и интервентна кардиологија се збогатува со уште еден член – др. Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог – кој заедно со постоечкиот тим составен од др. Ненси Лозанче, др. Емилиа Паришко, медицинските сестри Валентина Гачевска, Светлана Тодоровска и Семра Рустеми – ќе ги спојат искуството и визијата со нова енергија и експертиза – информираат од битолската болница.

• Др. Спироски има повеќе од две децении активно искуство во Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, со бројни успешни интервенции зад себе.

Неговиот придонес како шеф на сала и долгогодишен член на ангио тимот претставува значајна вредност што ја внесуваме во нашиот битолски колектив.

Како главен уредник на South East European Journal of Cardiology, др. Спироски не го запира своето влијание – туку го проширува и во науката и иднината на медицината.

• Ова придружување значи нов импулс во работата на тимот – кој е насочен кон постојано унапредување на здравствените услуги и квалитетна услуга за пациентите.

-Зад секој медицински успех стои тим. Денес нашиот тим е побогат за уште една вредна алка – стои во соопштението од ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола

Прилепчанец го спаси странскиот параглајдерист кој висеше повреден на 30-метарско дрво во Крушево (ВИДЕО)

Доцна попладнево, кај Крушево се одвиваше драматична спасувачка акција, откако странски државјанин што летал со параглајдер завршил закачен на дрво високо над 30 метри. Несреќата се случила по удар во дрвото, при што параглајдеристот се здобил со повреди и останал да виси на голема висина, немоќен сам да се ослободи.

По добиената дојава од полициската станица во Крушево, беше алармиран специјализираниот тим за спасување на планина при Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи локалните служби не успеале да интервенираат поради комплексноста на теренот и висината.

И покрај силниот ветер и тешките услови за работа во текот на ноќта, спасувачкиот тим успеа безбедно да го симне повредениот параглајдерист. Според првичните информации, тој нема сериозни повреди и е пренесен на лекарски преглед.

Оваа акција е уште еден доказ за професионалноста и подготвеноста на македонските спасувачки тимови за дејствување во екстремни услови и навремено реагирање кога е загрозен човечки живот.

Параглајдеристот беше спасен од прилепчанецот Дарко Неданоски, кој е дел од тимот на Дирекцијата за спасување на планина.

Еве како изгледаше спасувачката акција:

Владата донесе одлука! Цените на училишниот прибор ќе бидат со цени од 1. јуни

Министерката Весна Јаневска изјави дека Владата донела одлука цените на училишниот прибор да останат на нивото од 1 јуни годинава, со што се обезбедува поевтина „училишна кошничка“ за сите семејства.

Ова, како што рече Јаневска вечерва во гостувањето во „Вести плус“ на Канал 5 ТВ, значи дека родителите ќе плаќаат околу 10 проценти помалку од актуелните цени за ранци, боички, фломастери, тетратки и друг потребен прибор.

-Вчера донесовме одлука за училишната кошница и еве ги информирам родителите дека ќе бидат цените кои важеле на 1 јуни годинава. Тие цени ќе бидат за целиот училишен прибор, почнувајќи од ранци, боички, фломастери, тертатки, сѐ што е потребно за едно дете да тргне на училиште е опфатено со оваа мерка и веќе е донесено. На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни, тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени, рече министерката во гостување на Канал 5 Телевизија.

Пред два дена премиерот Мицкоски најави дека Владата пред септември ќе воведе таканаречена „Училишна кошничка“ со која ќе се опфати училишниот прибор. Тој во понеделникот рече дека се разгледуваат и неколку концепти за цените во маркетите, како и законските можности да се санкционираат оние субјекти кои во изминатиот период драстично ги зголемиме цените.

“Кларинетска одисеја” со уникатна музичка четворка со светско реноме – Утре на “БИТ ФЕСТ” во Битола (ФОТО)

Како нов начин на меѓуинституционална соработка, поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на повикот за креативни индустрии, публиката во Битола, утревечер во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе има можност да го проследи концертот насловен „Кларинетска одисеја“. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а во својот концепт ќе понуди незаборавна вечер со најуникатната музичка четворка со светско реноме, четворицата мајстори на кларинетот: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов.

„Ова е плод на едногодишно договарање, преговарање, со оглед на тоа дека сите четворица еминентни кларинетисти, имаат свои турнеи, свои аранжмани. Ова е концерт во кој ќе бидат презентирани значењето, можноста и иднината на вакви заеднички концерти во Општина Битола и се надеваме дека БИТ ФЕСТ догодина ќе го претвориме и во фестивал на амбасадори на културата на Македонија и Битола“, рече Благојче Божиновски, директор на ЈОУ КИЦ Битола, на денешната прес конференција.

Градоначалникот Коњановски, ја повика публиката на заедничко уживање во Хераклеја, утревечер од 21.00 часот, нагласувајќи дека, Битола е град кој има публика за вакви манифестации.

„Ова е најава на еден спектакуларен концерт на наши виртуози, наше, а светско, именувано како „Кларинетска одисеја“, настан кој во склоп на Битолското културно лето е продолжение на она што оваа летна сезона го видовме досега. Сеуште сме под импресии на огромниот интерес на концертот на еден друг тип на музика, електронска музика со Армин Ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој се одржа на огромно задоволство на публиката. Она што утревечер ќе го имаме, значи многу за Битола и битолчани, имајќи предвид дека со нас се битолчани и велешанец кои ќе ни презентираат дел од нашето национално богатство и заедно со онаа креативност која ја носат, навистина е гордост да се биде утревечер на Хераклеја“, рече Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.

Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот е Оливер Јосифовски, кој истакна:

„Нивните животи и достигнувања се многу интересни, како и нивните растежи во музиката. И тоа е навистина интересно кога човек ќе биде заедно со бендот. Присуството утревечер на Хераклеја и самите музички теми кои што ги обработувавме овие месеци и последниве седмици посебно, нас ни вродија една нова музичка материја, врзана со времето во кое живееме, но исто овие луѓе носат и една богата музичка традиција и се културни амбасадори, во земјите во кои што се наоѓаат, онаму каде што патуваат, но и кај нас. Заедно со хорот на Марина Коруновска, кој што ќе биде дел од настанот ќе имаме едно спектакуларно доживување за утрешниот концерт“, рече Јосифовски.

„Во Битола навистина имаме една културна револуција во моментот и сите сме вклучени на некаков начин, со што имаме и инспирација да работиме и да соработуваме со вакви уметници кои што ги покажуваат своите квалитети надвор од Македонија и ја претставуваат Македонија во најдобро и најубаво светло преку музиката и она што тие го етаблираат во светот за Македонија, имаме можност сега и ние како хор „Коруновска Арс Нова“ да бидеме дел од овој проект“, рече Марина Коруновска, која најави дека концертот ќе биде спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонска прекрасна музика.

„Многу сум среќен, што во Битола и во Македонија, постојат луѓе кои што ја препознаваат моќта на уметноста. Ние уметниците сме како едно цвеќе, ние зависиме од народот, а народот зависи од нас. Сами не можеме да придонесуваме во општеството, колку што човек може да го направи тоа со заедништво. Македонија има публика која препознава кое цвеќе треба да се вади. Уметноста не е забава, таа е многу повеќе од тоа“, рече Благој Ламњов.

„Годинава доаѓаме тука со веселба, со среќа. Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно“, рече Горан Бојчевски.

„Ова нема да биде само обичен концерт. Ова ќе биде настан кој изобилува со многу емоција, затоа што сите ние кои ќе бидеме како солисти на сцената, имаме многу спомени низ годините наназад, иако доста време не сме се виделе. Сепак растејќи во Битола и преку нашето образование, ние имаме многу спомени, многу приказни за она што сме го доживувале заедно. Затоа овој концерт има една посебна емотивна нишка која што ќе не води низ целиот настан. Пробите поминуваа со солзи, а сигурно и утре ќе има по некоја солза, во чест на сите оние среќни моменти кои сме ги доживеале некогаш и ќе ги доживуваме утре“, рече Благојче Трајковски, нагласувајќи дека БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава и тоа треба да се потенцира и да се означи како еден пример како треба да функционираат општините и сите градски центри во државата.

„Мислев дека немавме толкав капацитет сите овие врвни уметници од светот да дојдат и да се соберат во еден ден. Но, ова е голем и волшебен момент. Кларинетот има сила која што ги поврзува луѓето. Кога ги спојуваме силите, цел свет може да не препознае, затоа што ние имаме традиција за овој инструмент. Ќе биде навистина голем спектакл“, рече Исмаил Лумановски.

Репертоарот на концертот „Кларинетска одисеја“ ќе понуди разновиден музички мозаик составен од традиционални, класични и модерни теми, меѓу кои: „Ако одам во Битола“, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“, како и други композиции кои произлегуваат од македонскиот фолклор..

Покрај четворицата виртуози кои ја водат оваа музичка одисеја со своите кларинети и хорот „Коруновска Арс Нова”, на сцената ќе настапат и врвни музичари кои ќе ја збогатат звучната слика на концертот: Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.

Особено емоционален момент ќе внесе и делот збогатен со поезија насловен „Елегии за кларинетот“, чиј автор е Зоран Пејковски, а ќе бидат изведени од актерката Јулијана Мирчевска.

Koj сака да скокне во тавче, може и од затвор: Свадба во македонски затвор (ФОТО)

Во КПУ Затворот Струмица денес се реализираше значаен и хуман настан – законска регистрација на осудено лице кое моментално издржува казна затвор.

Овој чин беше спроведен под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, во насока на почитување на основните човекови права и обезбедување правна сигурност на сите лица, без исклучок.

-Со регистрацијата, лицето се стекна со правен идентитет, што претставува предуслов за користење здравствени, образовни и социјални права, и значаен чекор кон неговата ресоцијализација.

Овој настан е резултат на успешна координација помеѓу Затвор Струмица , стручните служби и релевантните институции, а претставува и јасен показател дека и во пенитенцијарниот систем постои ангажман за унапредување на хуманоста, инклузивноста и правичноста, информира Управата за извршување на санкции

Брат си го убил брата си во Кавадарци и го закопал во помошен објект во дворот

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.

Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.

Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.

Вистински моден рај за најмалите – Попусти и до -70% во бутикот Republic Kids во Прилеп! (Фото галерија)

Ако барате место каде модата за најмладите се среќава со стил, квалитет и пристапни цени – тогаш Republic Kids е вистинскиот избор за вас!

Во срцето на Прилеп, во шармантната чаршија, се наоѓа бутикот каде децата можат да се облечат од глава до пети – за секоја пригода: родендени, свечености, прошетки или само за секојдневна удобност и стил.

Огромен избор на гардероба за бебиња, деца и тинејџери

Попусти од -20% до -70% на избрани парчиња

Квалитетни материјали, модерни кроеви и брендирана облека

Облека која ги следи потребите и стилот на секое дете – со љубов избрана!

Во продолжение погледнете дел од колекцијата на Republic Kids и побрзајте, посетете ги уште денеска и откријте ја модната бајка што ја заслужуваат вашите најмили, затоа што секое дете заслужува да блеска!

Локација: Прилеп, спроти споменикот на Пеце Атанасовски

Работно време: Понеделник–Сабота,

Гаши со затнати уши…ништо не слушал на фудбал…МВР на потег

Навивачите на Шкендија синоќа во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“, како што објави МИА. Тие и покрај сите апели за фер и спортско навивање, имаа националистичките извикувања.

Натпреварот на трибините на Арената „Тодор Проевески“ го следеа влaдини фунционери, вице премиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за Економија Дурмиши, но и опозиционерите Ахмети и Таравари.

Телма побара став од претседателот на Собранието Африм Гаши кој ги осуди навивачите на Куманово и повика на единство на кошаркарскиот натпревар со Романија. Како сега ги коментира скадирањата на навивачите на Шкендија „Илирида“, тој кажа дека додека бил на натпреварот не слушнал такво нешто, но ако се случило го осудува.

Од друга страна пак тој на својот фејсбук статус пишува дека им честита на навивачите кои според него биле достоинствен пример за националните вредности.

-Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствени примери за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со доверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Спарк ќе се бори до крај, пишува во својот статус Гаши.