дома блог страница 114

Ристески: Утре започнува втората „Училишна кошница“, семејствата ќе заштедат од 800 до 2.000 денари за секој ученик

Од утре стапува на сила Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која од 15 август до 15 септември ќе ги опфати трговците на мало и на големо кои продаваат училишен прибор.

– Станува збор за мерката позната како „Училишна кошница“ која се спроведуваме втора година по ред и нејзина цел е заштита на животниот стандард, посебно на граѓаните кои имаат деца кои се ученици и студенти. Со оваа одлука цените на производите кои ги користат учениците (тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали) се враќаат на нивото од 1 јуни и на истите се дава попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало – кажа заменик-министерот Ристески во изјавата за медиумите во Прилеп.

Ристески напомена дека мерката се спроведува втора година по ред, истата дала добри резултати минатата година и дека очекува слични резулатати и годинава.

– Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари по ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, каде граѓаните се соочуваат со трошоци за припреми за зимници, огрев… – додаде Ристески.

Тој ги потсети трговците на нивните обврски за обезбедување на навремена информираност на потрошувачите за малопродажните цени на артиклите преку јасно означување на истите со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, како и со јасно означување на старата цена која важела на 01.06.2025 година и истакнување на новата цена со попуст.

За контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и ќе делуваат согласно нивните законски надлежности.

Oд денеска во функција е клучката што ги поврзува Охрид со Струга и Македонија со Албанија (ФОТО)

Вицепремиерот Александар Николоски денеска беше кај клучката Подмоље на автопатот Охрид-Кичево, која, како што истакна, претставува значаен инфраструктурен објект што ги поврзува Охрид и Струга, но и Македонија со Албанија.

„Еве денеска решаваме уште една горлива работа, уште еден горлив проблем на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, а тоа е пуштањето во употреба на оваа клучка“, изјави Николоски.

Тој додаде дека претходната власт ја срушила клучката без да бидат решени имотноправните односи и експропријацијата. Затоа со години клучката останала нефункционална. Забрзано се гради автопатот Охрид-Кичево, работната механизација е на терен и наскоро се очекува уште една делница да биде пуштена.

Тој нагласи дека со промена на владата биле надминати сите административни и правни пречки.

„Ги решивме имотно-правните односи, ги решивме сите административни проблеми кои што ни стоеја на патот. И веќе од денеска е функционална, што значи многу побрз проток на луѓе и патници од Струга и од соседна Албанија кон Скопје, но исто така и многу побезбеден сообраќај“, истакна Николоски.

Во однос на динамиката на изградба на автопатот, вицепремиерот потенцира дека работите се одвиваат со засилено темпо и секојдневна координација со надлежните.

„Напредокот е добар, задоволни сме, имајќи ги предвид годините на застој, и за брзо време ќе имаме уште добри вести“, рече тој.

Во продолжение може да погледнете повеќе фотографии од настанот:

Дечките од No Cigarettes вечерва на Камена бина со трибјут на “Дивље јагоде”

Како дел од проектот “Од 0 до култура” вечерва на Камената бина на плоштадот “Александрија” во Прилеп, свој настап ќе имаат дечките од бендот NO CIGARETTES со нивни трибјут на “Дивље jагоде”.

Бендот ,,No Cigarettes” е формиран во декември, 2020 година во Прилеп. И денес брои 4 члена: Дамјан Димкоски (тапани) , Вања Младеновски (бас гитара и back вокал), Филип Силјаноски (соло гитара и back вокал) и Лука Маркоски (вокал). Бендот започнува од ,,ритам секцијата” плус Филип, а пред скоро година дена ѝм се приклучува и Лука, која ја фасцинира публиката со неговиот глас.

Репертоарот на ,,No Cigarettes” постојано се проширува и обновува, исто така имаат и одредени песни преработени во нивни стил. Музичкиот жанр кон кој бендот е насочен, главно е рок, но пропратно и поп-рок, метал, fusion, blues и funk.

Нивниот опус содржи: англиски rock’n’roll и hard рок, ex yu рок, македонски рок хитови и повиртуозна музика, како што се одредени инструментали. Пред неколку месеци, светлото на денот го здогледа нивната прва авторска песна која го носи името ,,Безнадежна”. А, на овогодинешниот проект, ќе Ве остават да уживате во tribute на Дивље Јагоде и нивните безвременски хитови.

21.00чaсот, бидете пред Камена бина!

Момчето со ангелски глас од Прилеп во петок и популарно дуо во сабота – овој викенд на најдобрата Terasa во Прилеп

Подгответе се за викенд исполнет со незаборавна атмосфера, одлична музика и многу позитивна енергија – само во Pub Club Terasa во Прилеп!

Овој викенд тимот на најдобара Terasa во градот ви закажува ново одлично дружење со момчето со ангелски глас од Прилеп – Алекса Петрески, кој ќе ве забавува во петок (15.08.) со почеток од 21:00часот.

Во истиот термин во сабота (16.08.) настапуваат веќе добро познатите Боби и Никола.

Ваше е да соберете убава екипа, да резервирате навреме на телефонскиот број: 070-304-967 и да уживате во прекрасниот амбиент кој го пружа Pub Club Terasa.

Ве очекуваат со огромен избор на закуски и мезлаци, над 30 видови на пиво и секакви освежителни пијалоци.

Наздравје!

(ФОТО) Во прилепските црковни храмови утрово се изврши водосвет за почеток на Богородичниот пост

Во спомен на Светите седуммина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар; спомен на изнесувањето на Чесниот Крст и за почеток на Богородичниот (успенски) пост, утрово во прилепските црковни храмови се изврши водосвет.

-Достојно да си го дочекаме празникот на Мајката Божја и да ја молиме за нејзиното застапништво пред Бога. Лесни и богоугодни пости, стои во пораката од прилепското црковно намесништво до верниците.

Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). Успенскиот пост трае две седмици, од 14/1 август, до 27/14 август.

За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во кој било ден од седмицата. Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост.

Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод.

На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.

Марјан Ристески – секогаш со младите и за културата во Прилеп (ФОТО)

Синоќа, во магичната атмосфера на прилепската Стара чаршија, познатиот рок бенд THE HOUNDS го прослави својот 17-ти роденден со спектакуларен концерт пред многубројната публика.

Настанот традиционално се одржа во клубот „Калинка“, а прилепските рокери заедно со DJ Neox, DJ Jove, Cyrillic, Љупчо Мирчески и Дамјан Пејчиноски создадоа вечер што ќе се прераскажува уште долго.

Меѓу гостите беше и Марјан Ристески, човек кој отсекогаш бил близок со младите, поддржувач на уметниците и голем љубител на културните настани. Во својата објава на Фејсбук, Ристески напиша:

„Познатиот бенд ‘The Hounds’ вечерва го прославува 17-тиот роденден со спектакуларен концерт пред многубројната публика! Во клубот ‘Калинка’ во прилепската чаршија, заедно со Dj Neox, Dj Jove, Cyrillic, Љупчо Мирчески и Дамјан Пејчиноски направија настан кој ќе се прераскажува! Среќен роденден ‘The Hounds’ и уште многу успешни настапи, родендени за паметење и песни кои ќе се пеат со фановите во еден глас!“

Како градоначалник, Ристески го направи Прилеп културно жариште на Македонија и Балканот, со бројни фестивали, концерти и манифестации што го збогатија културниот живот на градот. Денес, тој останува верен на таа мисија – секогаш присутен таму каде што се создава уметност и се негува духот на заедништвото.

Немаше каде игла да се фрли! The Hounds прославија 17 години постоење во срцето на прилепската Стара чаршија (ФОТО/ВИДЕО)

Со спектакуларен концерт синоќа, веќе традиционално во клуб “Калинка”, најпознатиот прилепски бенд THE HOUNDS, прослави 17-години постоење.

Во срцето на градот, во Старата прилепска чаршија, повторно вриеше како во кошница. Буквално немаше игла каде да се фрли. Прилепчани уживаа со своите миленици и пееја во еден глас.

Својата роденденска забава од THE HOUNDS ја збогатија со прилепското диџеј дуо Cyrillic, DJ NEOX, DJ JOVE, eден од најпознатите македонски гитаристи, Дамјан Пејчиновски и изненадување на вечерта беше заедничкиот настап со маестро Љупчо Мирчески.

За Златко, Крсте, Јане и Илија не беше потребна посебна најава. Со самата појава како и секогаш предизвикаа мал земјотрес и ја разиграа целата чаршија.

Дечки среќен роденден! Да си дочекате и “златна свадба” заедно, а ние да играме и уживаме заедно со вас!

Во продолжение ви пренесуваме само мал дел од атмосферата:

Десетина активисти од ВЛЕН од денеска вработени во социјално и земјоделие во Прилеп?!

Десетина членови и активисти на политичката партија ВЛЕН од денеска се вработени во две институции во Прилеп – Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп и подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, потврдуваат извори за Маркукуле.

Информацијата веќе предизвика револт и негодување во прилепската Стара чаршија, не поради тоа што се работи за лица од други етникуми, туку поради тоа што вработувањата мора да им припаднат токму на членови на ВЛЕН.

Институциите не се ниту на Македонците, ниту на Албанците, ниту на било кои други етнички заедници, институциите се на сите, и конечно треба да се разграничи што е стручност и способност, а што припадност на политичка партија.

Прашањето кое го поставуваат прилепчани, особено младите, е зошто некој се отчестува со работни места за ВЛЕН во Прилеп? Градот секојдневно го напуштаат млади луѓе кои бараат спас и надеж во некоја странска држава, најчесто тоа е Германија, но во последниве години и Хрватска.

Како медиум им честитаме на нововработените во овие институции и се надеваме дека ја поседуваат потребната стручна подготовка и соодветно образование за работните места.

Тешко повpeден параглајдерист кај Мечкин Камен со хеликоптер пренесен на клиниките во Скопје (ФОТО)

Вчера (13.08.2025), по добиена дојава од ЦУК за повреден параглајдерист во близина на месноста Мечкин Камен, Крушево, Министерството за внатрешни работи веднаш интервенираше со ангажирање на полициски хеликоптер од Хеликоптерската единица при Одделот за воздухопловни единици, кој претходно учествуваше во акција за гаснење на пожар во реонот на Јасен.

Хеликоптерот итно се пренасочи кон локацијата и успешно го пренесе повредениот параглајдерист, кој имаше сериозни телесни повреди и активно крварење, до соодветна здравствена установа на понатамошен лекарски третман.

Оваа акција уште еднаш ја потврдува подготвеноста, професионалноста и посветеноста на припадниците на МВР за брза реакција во животозагрозувачки ситуации.

Неколку улици и градинка денеска неколку часа без струја во Прилеп

Денеска од 09:00 до 14:00 часот, поради технички зафати на ниско напонска мрежа исклучен ќе биде извод од трафостаница на детска градинка “Бончејца”, дел од ул. “Тале Христов”, ул. “Зеленик”, ул.”Браќа Бешироски”, ул.”Браќа Нунески” и ул.”Киро Нацески Фетак”, информираат од ЕВН.