дома блог страница 113

Покана до прилепчани: Во недела, 20:30ч сите кај СААТОТ, да одбележиме заедно 200 години од изградбата на првата Саат кула во Македонија

Оваа недела (17.08.) со почеток од 20:30часот, Winter Apricots и “Јавен Простор Прилеп”, ги канат прилепчани на тематска вечер насловена како “Музика и филм кај Саатот”, со која ќе се одбележи 200-годишнината од изградбата на Саат кулата во градот под Марковите Кули.

Во поканата на социјалните мрежи стои:

-Саатот во Прилеп не е само стара кула во срцето на градот – тој е сведок, симбол и простор што ги поврзува генерациите и културите.

Последниве неколку години, Саатот прерасна во место за средби, идеи, пријателства, иницијативи, дебати, музика и игранки…

Оваа недела, заедно со Winter Apricots, повторно ве покануваме да се собереме „Kај Саатот – за Саатот“. Да го оживееме со присуство, музика, танц и заедничко сеќавање. Да го одбележиме неговото значење, не само низ бројки и датуми, туку преку дружење и културна меморија што ја градиме заедно.

Придружете ни се симболично да одбележиме 200 години од изградбата на првата Саат-кула и градската чешма.

Денешната кула, изградена во 1858 од мајсторите Коста Лауц и Ристе Тасламиче, стои на местото на постара дрвена кула од 1825/26, изгорена во големиот пожар од 1854 год.

Под неа се наоѓала и градската чешма, изградена во 1826, која за жал повеќе ја немаме.

За отчукувањето на Саатот, до својата смрт се грижел Димко Граше, а денес таа посебна задача ја врши Димитар Чучуроски.
Во текот на вечерта, во 20:30 и 21:30 часот, ќе проследиме краток филм за настанувањето, симболиката и значењето на Саат-кулата. Во монтирањето на овој краток филм користени се архивски снимки и материјали на наши пријатели.

Потоа ве покануваме на заедничка забава и дружба со RobbieRay LedRobot и неговите ласери, тематските пијалоци на нашите пријатели од Кафе Чоше и Кафе Носталгија, како и неколку други пријатни изненадувања (изложба, разгледници), кои ќе ги најавиме во текот на следниве денови.

Недела, 17.08., 20Ч30 ч. Придружете ни се!

Да се видиме, да се пошегуваме, да се сеќаваме и да танцуваме заедно.

Промовирани новите 29 американски оклопни возила на Армијата (Фото галерија)

Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип беа промовирани новите 29 JLTV оклопни возила, со што бројот на овој тип на возила кои ги поседува Армијата се зголеми на 67.

“Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани, нераскинлива алка се разбира од овие амбиции е и македонската Армија”, рече премиерот Мицкоски.

Денеска, додаде тој, присуствуваме на овој настан којшто е продолжение би рекол на настанот што се случи пред една година за којшто зборуваше почитуваната амбасадорка на САД и јас сум навистина горд што ете полека но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму, порача премиерот.

Министерот Мисајловски истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.

„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство”, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.

Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.

Амбасадорката Агелер подвлече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден “силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина.”

Нови инвестиции во средното економско училиште “Јане Сандански” во Битола (ФОТО)

Општина Битола продолжува да инвестира во подобрување на условите во општинските училишта. Денес секретарот на Општина Битола Борче Димитровски, заедно со директорката на СОЕУ „Јане Сандански“, Билјана Јанкуловска, извршија увид во реализираните проекти со финансиски
средства издвоени од буџетот на Општина Битола, а тоа вклучува реконструкција на училници во подрумскиот простор, опремување на училниците со школски клупи и столчиња, мебел за кабинети и опремување на центарот за професионален развој и обука.

Вкупната вредност на реализираните средства е во износ од 1.722.600,00 денари.

Гимназиските матуранти со дипломи во рацете зачекорија кон новите животни предизвици (Фото галерија)

Матуранти, со среќа, направете ги најдобрите животни одлуки, продолжете да учите, да се градите во успешни личности!

Фотографија: Евгенија Димитриовска

Откриена бактерија во популарен гел за туширање, итно се повлекува од пазарот

Компанијата Kneipp повлекува неколку серии од својот популарен гел за туширање Aroma-Pflegedusche Lebensfreude откако бактеријата Burkholderia cepacia беше откриена во некои од производите.

Сериите означени со 2506917, 2506918 и 2506919 се засегнати, а ознаката на серијата се наоѓа на горниот дел од пакувањето. Станува збор за гел за туширање од 200 мл, со EAN код 4008233114781. Бактеријата е откриена за време на рутинска контрола на квалитетот.

Според соопштението на компанијата, бактеријата Burkholderia cepacia може да претставува ризик за лицата со ослабен имунолошки систем, потенцијално предизвикувајќи инфекции. Затоа Kneipp препорачува да не се користат засегнатите производи.

– За здрави луѓе, ризикот е минимален, но од безбедносни причини, ја запревме продажбата и дистрибуцијата на засегнатите серии – се наведува во соопштението.

Купувачите кои поседуваат производ од овие серии можат да го вратат на местото на купување или да контактираат со Kneipp за дополнителни упатства.

Беше гордост да си варошанец! Амфитеатарот, црквите, улиците, туризмот, спортот… Како се развиваше најстарата прилепска населба, а како е денеска?!

Најстарата населба во Прилеп, населбата од која започнал и се развивал градот под “Марковите Кули” – прилепски Варош, населба во која каде да се завртиш секој камен има своја историја, во која каде да ископаш ќе најдеш траги и остатоци од било кое историско доба.

Во 2005 година оваа населба, од која потекнува целата култура, традиција, историја и воопшто живот во градот, беше целосно запоставена со само неколку асфалтирани улици, без грижа за културното наследство, без пристапни патеки до вековните светилишта, кои патем ги има на секој чекор, без осветлување, без секакви пристојни услови за живеење…

Тогаш работите почнаа да се менуваат…

-за прв пат во историјата се изгради комплетна канализација во целата населба;
-се промени целокупната водоводна мрежа;
-за прв пат беа асфалтирани калливите варошки улици;
-се изгради амфитеатар во средновековен стил;
-се изгради туристичка камена патека- “Крал Марко” долга 2 км. која ги повразуваше: амфитеатарот, црквите со манастирот;
-комплетно се реконструира манастирот “Св.Архангел Михаил” и се возобнови со нов конак;
-за прв пат Варош доби комплетно ново осветлување, посебно на патеката “Крал Марко”, црквите и манастирот;
-после еден век комплетно се реконструираше и основното училиште во Варош со комплетно уреден двор, ограда и игралиште за кошарка;
-се изгради за прв пат детско игралиште;
-комплетно се урбанизира долната населба т.н. Козле;
-се одржуваа бројни културни и спортски манифестации во текот на годината, кои ѝ дадоа посебна популаризација на оваа стара населба.

Kaко е денеска и дали постои континуитет на овие проекти и подобрување на условите за живеење во оваа населба, најдобро знаат варошани. Сепак, факт е дека малку кој после 2017 год. направи Варош да продолжи да се развива во истиот правец. Идејата претходно беше благородна – оваа прилепска населба да стане симбол на културата во Прилеп, да носи илијадници туристи годишно, бенефит да имаат сите прилепчани.

Денеска на прв поглед паѓа амфитеатарот, кој веќе го има изгубено својот сјај. Таму ретко кога се одржуваат културни и други забавни манифестации…намерно или ненамерно некој заборави дека го имаме и можеме да го користиме.

Патеката на “Крали Марко” на некои места воопшто ја нема, а ги нема ниту бројните спортски манифестации кои собираа параглајдеристи, болдери, велосипедисти и авантуристи од цела Европа, па и пошироко.

Варошани често се жалат и на недоволно одржување на улиците, чистотата и осветлувањето….

Како ќе се движат работите во иднина и дали некој може да го врати одново периодот од 2005-2017 година, останува да видиме…

Презентација на нови 29 лесни оклопни возила за Армијата

Во касарна „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе бидат презентирани нови 29 лесни оклопни возила JLTV од Соединетите Американски Држави.

Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, како што е најавено, ќе ги посетат припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група и ќе присуствуваат на презентацијата на новите возила.

За прв пат во Прилеп – Денеска GARAGE SALE кај Сатот

За прв пат во Прилеп, денеска (15.08.) од 16-20 часот на платото пред Саат кулата, ќе се одржи Garage Sale. Настанот го организира иницијативата посветена на оживувањето на културата во Прилеп и регионот – “ГУНГУЛА” и е несекојдневно случување воопшто во Македонија, за разлика од земјите од Западот.

Изложувачите на своите тезги ќе понудат:

-алишта, рачни изработки, плочи, цедиња, предмети што долго не се користени, а некому можат да му се најдат и слично.

Една одлична прилика пред се’ за дружење, а секако и да пронајдете нешто што би ви било корисно.

Велосипедизам, планинарство, параглајдинг, забава во крушевската корија – Викендов по 11-ти пат ќе се одржи фестивалот “Крушево низ корија”

Викендов, на 16. и 17. август, во Крушево по единаесетти пат ќе се одржи фестивалот на отворено „Крушево низ корија“, кој во своите содржини ќе опфати: кампување на Мечкин Камен со сите придружни содржини: планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија, тандем летови со параглајдер, дегустација на крушевски специјалитети подготвени од здружението “СЛОУ ФУД – Прилеп” и голема журка во крушевската корија, низ која ќе не’ водат DJ OLDSCHOOL SELECTOR и групата “РОМАНСА”.

Фестивалот е во организација на Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) од Прилеп во соработка со Општина Крушево.

Велосипедската тура ќе се вози на 17.08.2025г(недела) на три патеки :

Мала МТБ тура „Крушево низ корија„

Турата е со должина од 15км и елевација од околу 300 метри…. категоризирана е како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност препорачлива за секој рекреативец.

Средна МТБ тура „Крушево низ корија“

Турата е со должина од 30 км и елевација од 700 метри… категоризирана како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност.

Голема МТБ тура „Крушево низ корија“

Турата е со должина од 40 км и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура.

Тандем летови со параглајдер ќе има во сабота и недела , 16/17.08.25г , од 10.00ч – 19.30ч .

Планинарска тура во недела на 17 август 25г со почеток во 10.00ч

Планинарската тура ќе се одвива на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 км. Истата би ја класифицирале како средно тешка тура која може да ја изоди секој од 7 до 77 години. Во 80% од патеката се движиме низ крушевската корија која изобилува со сенка, што е мошне пријатно за топлите августовски денови. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири св. Василиј и св. Спас (каде што ќе има пункт со освежување). Во текот на патеката има пивка вода за пиење.

Турата завршува во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости.

Повелете заедно да уживаме во убавините што ги нудат Крушево и Крушевската корија!

ВОЗНЕМИРУВАЧКО: Пожарникари од Крива Паланка спасиле куче влечено од автомобил, па фрлено во речно корито (ФОТО)

Пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Крива Паланка вчера извлекле куче што било фрлено во бездна.

Кучето, како што велат пожарникарите, претходно било малтретирано, па фрлено во коритото на Крива Река.

„По добиена дојава за фрлено куче во бездна, со тим од двајца пожарникари излеговме на лице место и пристапивме со негово извлекување и предавање на надлежните институции, а кое по претходно малтретирање било фрлено во коритото на Крива Река. За жал уште една немила ситуација на изживување и измачување на животните“, велат од ТППЕ Крива Паланка.

Претходно на социјалните мрежи се ширеше објава на која се гледа како кучето е врзано за автомобил со регистарски таблички од Крива Паланка, а кој се движи по пат.

Во објавата се вели дека благодарение на брзата интервенција на полицијата и на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кучето е најдено, одземено, згрижено и е во стабилна состојба.

„Доколку некој сака да го вдоми, може да се отпочне со процедура следната недела додека да закрепне од траумата“, се вели во објавата на Фејсбук.

Исто така, се додава дека наводно лицето кое го извршило ова дело е идентификувано и против него ќе бидат преземени соодветни постапки и од страна на АХВ и на МВР.