дома блог страница 108

Пет први награди за прилепските гимназијалци од Државните натпревари по музичка уметност

Огромни успеси на прилепските гимназијалци на Државните натпревари по музичка уметност

На Државниот натпревар на 11.05.2024 год. во Скопје, со изведбите на „Валцер бр.2″ од Шостакович и „Со маки сум се родила“ (во аранжирани од проф. Татјана Ивановска која воедно е и диригент) училишниот оркестар на прилепската гимназија “Мирче Ацев”, кој брои 21 ученик, освои прво место со единствените 100 бода.

На Државниот натпревар на 14.05.2024 год во Кичево, училишниот бенд во состав Кирил Младеноски, Константин Младеновски, Леонид Насески и Никита Кузманоски освои прва награда со 97 бода.

На натпреварот на 15.05.2024 год. во дисциплината вокална интерпретација гимназијалците и оваа година освоија први државни награди и тоа: Христина Младеновска (95 бода), Софија Настоска (98 бода) и Михаела Наумоска (100 бода)

Менторството за оркестарот, бендот и вокалните интерпретатори е на проф.Татјана Ивановска

БРАВО и за учениците и за менторот!

Новата Влада ќе ги чешла сите дипломи од Универзитетот на струшкиот градоначалник

Универзитетот на Рамиз Мерко, кој е на американската црна листа, доби бакшиш од министерот на Рамиз, Јетон Шаќири, Акредитација за Медицински факултет, реагира Коалицијата Вреди по објавувањето на информацијата дека овој универзитет добил дозвола да отвори медицински студии.

„Овој Универзитет, познат како ‘Универзитетот на Мерко’, кој го води Арменд Кадриовски, е познат по ‘производството’ на итни дипломи, како Универзитет каде што низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ, како и многу членови на семејствата на функционери кои потоа се вработиле на различни работни места. Ова е ДУИ, овие се функционери кои се на црната листа на САД, на кои криминалот им нема граници. За овој скандал министерот Јетон Шаќири мора да даде отчет пред јавноста и да ги покаже сите причини зошто го акредитирал Универзитетот на Мерко за Медицински факултет, да посведочи дали овој Универзитет има соодветни кабинети за изучување на предметите од медицината, но и рамка на академски барања.

Ова дејство на ДУИ на Али Ахмети и Рамиз Мерко, го докажува фактот дека зелените кои станаа Фронт, се главната причина зошто албанскиот мозок ја напушта земјата и работи во Европа и на други места, зошто кај нас вистинските интелектуалци и професионалци ја напуштат државата, а Албанците се претставени со незнаење кое ги осиромашува и ги протерува од татковината. Но, бизнисот на ДУИ и Рамиз, кој функционираше во стилот: земи ја ‘картичката’ на ДУИ, купи диплома од Рамиз и работата ти е сигурна, му доаѓа крајот затоа што новата Влада ќе ги истражи сите случаи на продажба на дипломите и функционирањето на универзитетите како што е Универзитетот ‘Мерко’“, се наведува во реакцијата на Вреди.

МАКЕДОНСКА ГОРДОСТ: Малиот гениј Македон Димитровски освои ЗЛАТО на математичката Олимпијада во САД

Малиот математички генијалец Македон Димитровски освои златен медал на Математичката олимпијада за основни училишта од САД.

Македон на натпреварот учествуваше преку училиштето „НОВА“ каде што доби целосна стипендија за образование обезбедена од компанијата Пантелеон ГС и „НОВА“.

Олимпијадата е основана во 1979 година и е едно од најпознатите натпреварувања од областа на математиката во САД и светот, на која секоја година учествуваат над 120.000 ученици од повеќе од 39 земји.

Изложбата “Испразнето Гнездо” од уметницата Марија Конеска, утре пред прилепчани

На 14 јуни 2024 од 19.00 ч. во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложната „Испразнето Гнездо “ од уметницата Марија Конеска.

Податоци за изложбата

Никој не би заминувал од дома, да не е домот во устата на ламјата“ – Варсан Шире

Oпис на проект

Проектот насловен „Испразнето гнездо“ на Марија Конеска е рефлективно уметничко истражување на влијанието на емиграцијата врз градот Прилеп, Македонија. Проектот е поттикнат од специфичните политички и економски околности во Македонија кои доведоа до зголемено отселување. Уметницата се фокусира на Прилеп, нејзиниот роден град, каде што емиграцијата е особено изразена.

Проектот има за цел да прикаже како заминувањето на луѓето го менува изгледот на градот.

Бидејќи во моментот кога е почнат проектот нема официјални податоци за ова прашање, Конеска собра податоци со посета на домови и разговори со жителите за емиграциските искуства на нивните семејства. Преку овие интеракции, таа го документираше изгледот на домовите, улиците, а понекогаш и на самите луѓе. Забележа распространетост на родители чии деца повеќе не живеат во областа, работодавци кои се борат да најдат работници, полупразни училници и напуштени куќи, на крајот наидувајќи и на целосно напуштени улици.

Проектот отвора потресно прашање не само за емиграцијата, туку и за умирањето на еден град. Конеска го визуелизира тоа создавајќи инсталација на фотографии испечатени на пластика со ласерски исечени силуети поставени пред фотографиите за да се создаде 3Д ефект. Основата на секое парче е 29,7 x 42 cm, испечатенa во боја, додека силуетите се црно-бели.

Оваа инсталација за прв пат беше претставена во КИЦ, Скопје, во 2017 година како дел од програмата CreArt, а оттогаш е изложена во Музејот на град Скопје (Македонија), Белград (Србија), Јужна Дакота (САД) и други места. Дел од овој проект е инсталацијата на јавен простор во Прилеп во 2020 година реализиран во соработка со ДИЈАЛОГ – Центар за делиберативна политика, Прилеп  и книга со  цртежи објавена од КСП Центар Јадро, Скопје, во 2021 година.

Биографија на Марија Конеска

Марија Конеска е визуелна уметница родена во Прилеп, Северна Македонија. Дипломирала во 2008 година на Одделот за графика на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје и магистерски студии по сликарство ги завршила на истиот факултет во 2016 година.

Креативниот процес на Конеска може да се опише како визуелна трансформација на секојдневните искуства. Таа користи различни техники и материјали, вклучувајќи слики, цртежи, фотографии и колажи. Нејзините проекти често вклучуваат интеракции со други, собирање слики и приказни за да се подигне свеста за секојдневните животни прашања.

Конеска има одржано самостојни изложби во Музејот на град Скопје (Северна Македонија, 2018), Прима Центар (Германија, 2015) и Младинскиот културен центар – Скопје (Северна Македонија, 2008). Нејзините дела се претставени и на групни изложби, како што се XII Биенале на млади уметници (Северна Македонија, 2018), Меѓународниот зимски фестивал (Босна и Херцеговина, 2017), АКТО фестивал (Северна Македонија, 2017) и „Das ist Валтер“ (Германија, 2013).

Во нејзиното професионално искуство се вклучува и нејзиниот долгогодишен ангажман како графички уметник во филмската продукција.

Важно предупредување за земјоделците од МЕПСО

АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва, да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа.

-Од исклучително значење е земјоделците да се придржуваат кон следните напаствија: Не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците; Не поставувајте цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далекуводните траси; Не ги кревајте во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далекуводите бидејќи металот е проводник на електрична енергија; Не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далекуводите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далекуводот; Не палете стрништа во близина на далекувод бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем, велат од МЕПСО.

Дополнително апелираат спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далекуводи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далекуводите, под јажињата за пренос на електрична енергија.

-Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствениот живот и за животот на другите! Не загрозувајте ја доверливоста на електропреносниот систем!, порачуваат од МЕПСО.

Прилепските гимназијалци Петар Мирчевски и Георги Николоски најдобри хемичари во Македонија

На 10.06.2024г. во просториите на ПМФ, Институт за Хемија, Скопје, се одржа Државниот натпревар по хемија на кој учениците од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ постигнаа одлични резултати.

Од 6 учениците кои беа пласирани на Државниот натпревар, според освоените бодови и процент на реализација, учениците Петар Мирчевски и Георги Николоски се први на ранг листата на државно ниво во втора и трета категорија, а тројца ученици кои добија пофалници за успешно учество, наградите им побегнаа за 1-3 бода заради високо пласираните соученици.

Под менторство на проф.Блаже Димески учениците од трета година:

-Петар Мирчевски ПРВО место – ДИПЛОМА
-Кристијан Узуноски – ПОФАЛНИЦА за успешно учество

Под менторство на проф.Ружа Ангелеска учениците од втора година:

-Георги Николоски ПРВО место – ДИПЛОМА
-Марија Митреска II (втора) година – ПОФАЛНИЦА за успешно учество

Под менторство на проф.Христина Манческа учениците од прва година:

-Теодора Крстеска – ПОФАЛНИЦА за успешно учество на државниот натпревар и
-Софија Димитриеска – Сертификат за учество

Браво за учениците и менторите!

Православните христијани го празнуваат Вознесението Христово – Спасовден

Православните христијани денес го слават Вознесението Господово или Спасовден. Овој празник се паѓа 40 дена по воскресението Христово. Спасовден секогаш се паѓа во четврток во шестата недела по Велигден и е еден од десетте празници посветени на Христа.

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот.

Според христијанското верување, со воскресението Господ покажал дека е посилен од смртта и 40 дена од воскресението неговите ученици се нашле зад трпезата. Тој ден Христос повторно им се јавил и им рекол:

„Одете по светот и проповедајте го Евангелието на секое суштество. Кој ќе поверува и ќе се крсти, ќе биде спасен, а кој нема да поверува ќе биде осуден“, се наведува во Новиот завет.

На Спасовден не се работи никаква тешка работа, зашто е голем празник кој, според верувањата, може да го спаси домот од неволја, а децата од болест.

Според народното предание, тој ден Бог се спасил од лошите луѓе и заминал – се вознесе – на небото, а останала приказната дека Бог избегал во рајот од злите и непослушни луѓе на Земјата. Ова е многу среќен ден, кога сè треба да се започне зашто ќе роди со успешен плод.

Уште од античко време, Спасовдан, како длабоко вкоренет празник во народот, е пролетен празник на сточарите и земјоделците.

На Спасовден наутро не се јаде ништо додека не се вкусат јагоди.

Според народните верувања, на Спасовдан мажите не треба да се бричат, жените не треба да се мијат, а децата да не се капат.

На Спасовден, сметале нашите прабаби, не треба да спиете преку ден за да не дремете цела година.

Тој ден, по одењето во црква, побогатите канеле гости на ручек, додека посиромашните останувале да се дружат пред црквата каде што народот се собирал и се радувал.

Вообичаено било и на Спасовден да се капе во река, пред да зајде сонцето.

„Диво месо“ на Албанскиот театар, штипската „Лекција“ и „Натчовек“ на Драмски театар од Варна на претпоследниот ден на фестивалот

Три претстави се на програмата на претпоследниот ден на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ денеска. Албанскиот театар од Скопје во 17 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја изведе „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Мартин Кочовски. Улогите ги толкуваат:
Бајруш Мјаку, Амернис Нокшиќи, Џевдет Јашари, Дритеро Аме, Ментор Курти, Сабина Мемиши Асланај, Рахим Рамадани, Арбен Расими, Генци Мирзо и Хетем Етеми. Веднаш по изведбата ќе следуваат разговори на тркалезна маса, на која публиката може да сподели свои мислења за претставата.
Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе следува претставата „Лекција“ во продукција на Motion Network и Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип. Улогите ги толкуваат Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Димитрина Мицкоска Трајкоска и Милорад Ангелов. Претставата е дел од придружната програма на фестивалот.

На полноќ на големата сцена на Центарот за култура ќе гостува Драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија. Претставата е според текст на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев. Олга Панго се погрижи за кореографијата, Филип Коруновски – за сценографијата, а котимограф е Раде Василев.

Во рамкитена дневната програма на фестивалот, во 11 часот ќе биде промовирана книгата „Антигона“ од Славој Жижек во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат режисерот Борис Василески, преведувачот Марио Стојаноски и актерката Ава Хусеини. Веднаш потоа ќе следуваат тркалезни маси за претставите „Едвард Втори“ и „Демонот од Дебар Маало“, што беа изведени синоќа.

Во 15 часот во бифето „Аура“, што е пријател на фестивалот, ќе се одржи промоција на книгите „Сон на јаве/За театарот од овој крај на светот“ од Варја Ѓукиќ и „Нов наратив“ од д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, двете членки на овогодишното жири на фестивалот.
Конструктивни дискусии се случуваат за време на тркалезните маси на фестивалот, каде освен што се разговара за претставите, се зборува и за состојбите во театарот, како да се подобри, што треба да се промени.

На разговорите на тркалезнaта маса за „Ало! Ало!“ според британската ТВ-серија на Џереми Лојд и Дејвид Крофт, беа отворени прашањата за адаптацијата на текстот во наши услови.

Мотото на фестивалот е „Промени се, промени сѐ“, па во тој контекст е прашањето за адаптацијата на текстот и на ликовите во претставата, наспроти познатата британска серија „Ало!Ало!“ Претставата одлично комуницирше со публиката. Внесени се елементи, препознатливи за нас, рече модераторката Сребра Ѓорѓијевска.

За режисерот Синиша Евтимов адаптацијата во наши услови и тоа што е во претставата ние го живееме.

-Колку ситуациите и дејството на сцената да се комични и фантазмагорични, ние сето тоа го живееме. Сакавме да направиме наша, автентична приказна и мислам дека во тоа успеавме. Измените имаат и факти и фикција. Како режисер, мојот повик е на публиката да ѝ овозможам два часа да ужива и да се забавува, рече Евтимов.

Актерот Атанас Атанасовски кој го толкува ликот на Јорго кој води кафеана во центарот на Скопје, но е вовлечен во војната и ситуациите со отпорот, окупаторот и администраторот.

-Со режисерот го оформувавме ликот на Јорго да биде поразличен, да не биде дистанциран како во серијата. Идејата за неговото име е од Гркот Зорба, кој, еве режисерот, бил погребан во Скопје и посетувал конретна кафеана, рече Атанасовски.

Актерот Тони Денковски ја нагласува работата со екипата.

-Супер беше работата со екипата. Не е тешко да се работи со таков тим, туку е креативно, рече Денковски.

На актерот Валентин Костадиновски многу му помогнал колега од Бугарија за креирањето на ликот.

„Дупло дно“ беше уште една претстава од Авторот во фокус, Горан Стефановски. Режисерката Наташа Поплавска се наврати на времето кога била студентка на Горан Стефановски и на советот дека е слободна да прави реконструкција на неговото дело и да го чита текстот во контекст на денешницата.

-Ја режирав и претставата „Фигура, венерис, хисториае“ на оваа сцена на која Горан Стефановски првпат видел како мајка му умира на сцена. За Горан прашањето е кој е жив…Ако со „Дупло дно“ го отвора ова прашање, во „Венерис“ го затворам. И затоа претставата „Дупло дно“ ја завршувам со репликата: Јас сум уметник, не припаѓам никому, стојам на работ на ништо – рече Поплавска, истакнувајќи ја соработката со одличните актери.

Во претставата настапува и композиторот Ристо Вртев, кој ја нагласи лесната соработка со актерскиот тим.
-Мене секоја нова претстава ме допира со уметноста, со автентичноста. Направивме органска целина. Со секоја нова изведба, претставата се обновува, расте. Реакцијата на публика е златната подлога на банкнотата – рече Вртев.

Претставата премиерно беше изведена пред 2 години и во фестивалската изведба, актерите препознаваат дека има основа, стожер.
-Поставеноста на претставата е таква што таа не ми биде досадна. Го кажав тоа што го имав во претставата – рече актерот Зоран Иваноски.
За Димитар Ѓорѓиевски претставата има темел, а текстовите на Горан Стефановски имаат вонвременска димензија.

Селекторката Ана Стојаноска ја објасни причината за селекцијата на претставата, а тоа е читањето на Горан Стефановски на современ начин.
-Важна е енергијата на актерската екипа. Сите ставаат свој печат, но прават мрежа на ликови во селектирани интересни односи.
На средбата со актерите од „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци, модераоторот Милош Б. Андоновски издвои негови согледувања за претставата и сподели дека оваа претстава ја отсликува енергијата на ансамблот што ја носи.

-Таа е многу моќна, јасна и гласна претстава. Радува тоа што применуваат пристап на колективно авторство. Сите актери учествуваат во создавањето на текстот, покрај мотивите од романот на Мери Шели.

Романот комбинира прозен текст и лични приказни – постапка што е покарактеристична за вонинституционална сцена, отколку за националната.
На прашањето како изгледал процесот, режисерот кажа дека на прва проба освен романот, немало ништо друго, само желба да се направи современа модерна претстава, што ќе ја обработува темата на третманот на другиот, различниот инаквиот и начините на кои ги отфрламе поразличните од нас.
Актерите не само што се коавтори на текстот, режисерот истакна дека тие се коавтори и на целата претстава. Актерите не се затскриваат зад текстот, туку преку истражување, доаѓаат до споделување лични искуства и приказни на тема поврзана на чудовишното во нас и околу нас.

Претставата исто така вклучува и рап сонгови изработени од Никола Ристески. Како автори на текстовите повторно се јавуваат актерите. Рап музиката е позната по тоа што се јавува во 80-тиуте години на 20 век како протест на афроамериканците и бунт против занемарувањето од системот.

Рап музиката го има најдено точното место во претставата, зашто самата по себе дава глас на безгласните, посочи Андоновски.
Актерот Никола Наковски сподели дека преку рапот и дијалозите толку многу теми се отвораат против дискриминацијата, што и се прашува колку всушност треба да трае претставата.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера. Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.

Maкедонец уапсен во Виена со 50 кг. дрога

Истрагите на Виенската работна група за борба против уличниот криминал (EGS) доведоа до две апсења и заплени повеќе од 50 килограми дрога.

Уличната вредност би била околу 700.000 евра. 25-годишен Сириец и 30-годишен македонец се осомничени за дилери, информираат од полицијата. Како дел од службениот чин, ископан е таканаречен бункер стан во Отакрин во кој се чувал дел од дрогата.

Дилерското дуо беше разоткриено на крајот на април, беше кажано во вторникот: 25-годишникот е уапсен на улица во квартот Меидлинг, изјави портпаролот на полицијата Маркус Дитрих. Мажот претходно се обидел да избега, ослободувајќи се од две кеси во кои имало околу 30 килограми смола канабис и 94 електронски цигари со THC.

30-годишникот бил фатен во „бункер стан“. Таму била пронајдена и голема количина на супстанци кои создаваат зависност. Вкупно се одземени речиси 52 килограми смола канабис, околу 2,3 килограми марихуана, електронски цигари ТХЦ и речиси 60.000 евра готовина. Двајцата мажи биле одведени во затвор по наредба на јавниот обвинител во Виена. 24-годишен клиент бил пуштен на слобода.

Речиси во исто време, откриено е одгледување на растенија канабис во подрумски ресторан во областа Пензинг. Објектот бил пронајден поради лутиот мирис. Кога службениците на ЕГС извршиле истрага, поддржани од полициската единица за кучиња, откриле 336 растенија канабис. Сопственикот, 30-годишен Србин, се обидел да побегне, но бил уапсен и одведен во затвор.

Пронајдено исчезнатото момчето од Битола

Младото момче Стефан Ангеловски од Битола за кого вчера беше објавено дека му се губи секаква трага е пронајдено.

Момчето било пронајдено синоќа.

Од ЦУК информираат дека полициски службеници го пронашле Стефан околу полноќ, но повеќе детали нема.

Претходно беше објавено дека Стефан е од битолската населба Горно Оризари и беше упатен апел за негово пронаоѓање.