80 години од пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје – Прилепчанец го возел саркофагот, целиот народ бил на нозе

Maкедонија со различна културна програма, иложби и настани, кои започнаа во петокот на 09.10., одбележува 80 години од пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје. Но, дали ги знаете историските податоци, како и кој го извршил пренесувањето на посмртните останки од Софија до Скопје?

По убиството на Делчев на 4 мај 1903 год, во нерамна битка против турскиот аскер во село Баница, според историските податоци, неговите посмртни останки прво се чувале во Баница до 1917 година, кога се пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чува во домот на Михаил Чаков, а на него пишувало:

„Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија. Август 1923, Илинден”.

Заветот е исполнет и на 11 октомври 1946 година се пренесени во Скопје, во црквата Свети Спас. Но малкумина знаат дека во пренесувањето на моштите на револуционерот учествувал прилепчанецот Илија Јованоски – Белото како возач. Според него носењето на саркофагот од Бугарија во Македонија се случило на 31 јануари 1947 година, а не како што се трдело во октомври 1946 година.

Тој, за тогашниот локален прилепски весник Народен глас, раскажал дека секаде колоната со возилото била пречекана од многу народ во сите градови од Пиринска Македонија, а во Струмица, речиси целиот град бил на нозе.

Во текстот од весникот ,, Народен глас”, бр. 222, на стр. 2, издаден во Прилеп, во петок на 11 февруари 1972 година, а на кој в.д. главен и одговорен уредник е Благоја Глигороски, пишува дека заветот на Гоцевите следбеници, коските на овој голем македонски револуционер да бидат пренесени во Скопје, се оствари непосредно по ослободувањето на татковината од фашистичките окупатори.

По една случајност во пренесувањето на саркографот учествувал еден наш сограѓанин. По една исто така случајност деновиве беше пронајдена и една автенична фотографија од овој пренос, што е направена во пиринскиот град Петрич.

Еве што тој раскажува за овој настан:

– Повеќе од една година беше тоа во 1946/47, како возач бев на работа во нашата амбасада во Софија. Кон крајот на јануари 1947 година во Софија дојде другарот Борко Темелковски – Лилјак. Се сеќавам добро утрото на 31 јануари 1947 година ми беше речено дека со придружба треба да појдам на едно место. Во џипот што го возев, беше ставен еден сандак, и заедно со придружбата од Софија веднаш се упативме за Скопје.

Шоферот Илија Иваноски, добро се сеќава на многу детали, од патувањето. Џипот се движел во средината, а напред и назад биле по една кола. Иако зимно време џипот бил отворен во која се наоѓала и голема фотографија на Гоце Делчев.

– Во сите градови од Пиринска Македонија, истакнува Иваноски, побудувавме голем интерес. Маса граѓани се собираа околу нас во Благоевград, Петрич и други градови. Насекаде се собираа граѓани не поздравуваа. Во Благоевград, Градскиот комитет на БКП, организира мала свеченост. Во Струмица, чинам целиот град беше на нозе.

Веста дека низ овој град ќе помине колоната со коските на Гоце Делчев ги воодушеви и толку израдува граѓаните што едвам поминавме низ улиците.

По долго патување, колоната во Скопје пристигна во попладневните часови на 31 јануари.

Славниот резбар Нестор Алексиевски го изработил ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во 1946 година. Го изработил дрвениот ковчег за 21 ден, во што му помагал и неговиот син Миле, пишува Данило Коцевски во колумната на “Слободен печат” на 29/06/2019. Копаничарот потекнувал од една од најпознатите мијачки резбарски тајфи.

Најпрвин изработил цртежи како ќе изгледаат деталите изрезбани на ковчегот, а потоа преминал на нивната реализација во ореово дрво.. Ковчегот бил со димензии 0,6 х 0,6 х 0,75 метри, и лежи на четири лавовски шепи. Изрезбани се разни мотиви од кои главниот е ликот на Гоце Делчев со ловоров венец.

Претставени се и тогашните грбови на Македонија и Југославија. На задната страна стои пораката: „Смрт или слобода – од Револуционерниот комитет”. Во саркофагот била вградена и лимена подлога односно кутија, набавена од лимар во Старата скопска чаршија. Според сведоштвата, коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила како симбол на Илинденското востание.

Пренесувањето на моштите траело три дена, на 7, 8 и 9 октомври 1946 година, а тој чин бил проследен со огромна маса народ што му оддавал почит на великанот и на неговото испраќање од Софија и пристигањето во Скопје. Положувањето на коските во саркофагот во дворот на црквата „Св. Спас” било извршено на 10 октомври.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.