Општина Битола во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола по четврти пат ова лето ја организира универзитетската летна пракса, со што се промовира практикантската работа за студентите.
40 студенти ќе имаат можност да ја спроведуваат праксата во одделенијата на Општина Битола, Советот и јавните претпријатија.
Успешна пракса на студентите денеска им посака градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој пренесе искуства од странски земји, каде студенти реализираат вакви пракси и сакаат да бидат дел од општинската администрација затоа што ја подразбираат како сервис на граѓаните и се одговорни за заедницата во која што живеат, а и дека и други општините од Македонија почнале да го следат овој пример.
Ректорот на универзитетот проф. д-р Игор Неделковски кажа дека она што Општина Битола и УКЛО го прават веќе четири години, деновиве како идеја за реализација почна да се организира од страна на државни институции, што за него, за УКЛО, за Општина Битола и за студентите е гордост што се револуционери во оваа идеја која започна пред четири години.
На денешната средба со идните практиканти присутни беа и дел од ректорската управа на универзитетот како и претседателот на Советот Бојан Бојкоски.
Универзитетската летна пракса се спроведува во летните месеци (јули, август и септември) во секторите на Општина Битола и во јавните претпријатија кои се во надлежност на Општина Битола.
Секој од студентите има можност да изведува практикантска работа во период од еден календарски месец за кој ќе добива месечен надоместок од 10.000 денари во нето износ.




























