Јакимовски е лишен од слобода и се бара притвор за него

Поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски синоќа е приведен и се наоѓа во една од полициските станици во Скопје. До крајот на денот се очекува тој да биде изведен пред судија на претходна постапка.

– Стевчо Јакимовски синоќа околу 23 и 30 минути е лишен од слобода. Согласно Законот за кривична постапка течат роковите и во наредните 24 часа тој треба да биде изведен пред судија на претходна постапка. Дотогаш тој ќе биде во полициска станица. Очекуваме утрово да бидеме повикани пред судија на претходна постапка кога ќе се знае дали ќе има некакви предлог мерки од обвинителството и другите надлежни органи, изјави адвокатот на поранешниот градоначалник Виктор Цветковски.

Според Цветковски, ова е атак врз политичкиот ангажман на Стевчо Јакимовски.

Финансовата полиција вчера влезе во неколку станбени објекти на семејството Јакимовски барајќи документи за одредени случаи.

Засега од финансовата полиција нема официјални информација.

Реакција утрово пристигна и од ВМРО-ДПМНЕ.

За нив приведувањето на екс градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски “е нарачан политички прогон и смета дека на овој начин „СДСМ ги злоупотребува институциите за политичка пресметка со неистомислениците, во обид јавноста да биде исплашена и да не бара одговорност за секојдневните скандали“.

„Македонија е единствената држава во Европа каде се приведуваат и притвораат пратеници, а лидери на парламентарни партии се предмет на нарачан државен политички прогон.

СДСМ ги злоупотребува институциите за политичка пресметка со неистомислениците, во обид јавноста да биде исплашена и да не бара одговорност за секојдневните скандали.

Државата се урнисува и на економски и на политички план. Сведоци сме на невиден грабеж и злоупотреба на државните ресурси кои се покриваат со нарачани конструирани случаи.

СДСМ вчера ги задолжи граѓаните за нови 36.5 милиони евра за четири милиони повеќе од планираните 32.5 милиони евра. СДСМ на чело со црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски итаат кон крајната цел јавниот долг на државата да достигне ниво од над 50 проценти од БДП, што ќе значи должничко ропство за граѓаните на Република Македонија.

Веројатно многу можеше да се направи со десетиците милиони евра ново задолжување само во последниве месеци, но ова е бројка која едвај ги покрива криминалните тендери и грантови преку кои СДСМ се обиде да ги олесни граѓаните во период од само неколку недели. Расипничкото работење е главната одлика на владата на СДСМ.

СДСМ преку фиктивни фирми формирани за само една цел и испумување на парите на граѓаните се обиде да го олесни државниот буџет со грантови и тендери за неверојатни 45 милиони евра. Ова се пари со кои можеа да се изградат болници, училишта, градинки, патишта и други капитални инвестиции кои ќе им служат на граѓаните. Но Заев и СДСМ ги искористија овие пари да ги исплатат државните и партиски функционери, партиските послушници кои во изминатиот период работеа единствено за интересите на партијата.

СДСМ се врати на власт да ја доврши работата која ја започна во криминалната транзиција, а тоа е целосно финансиско уништување на државата. Сликите од мрачните 90-ти кога секојдневно бевме сведоци на компании кои заминуваат во стечај, а работниците остануваат на улица повторно стана реалност во Македонија. Граѓаните секојдневно се борат за гола егзистенција, а животот кој СДСМ го ветуваше се претвори во вистински пекол.

Заев во Македонија паралелно со финансискиот спроведува и идентитетски геноцид врз македонскиот народ со цел да го оттргне вниманието од општиот грабеж кој СДСМ го спроведува во Македонија. Заев ги распродаде националните и државните интереси со цел да ја дефокусира јавноста и да можат тој и неговите сопартијци непречено да се богатат на грбот на граѓаните“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.