Сугарески: “Сега се гради најмногу во историјата? Дали е така си знаете вие…”

Фото/vlada.rm

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес-конференција на којашто Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов ги презентираа плановите за изградба на модерна патна инфраструктура за 2019 низ целата територија на Република Македонија.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески зборуваше подетално за плановите за изградба и рехабилитација на патишта во 2019 и во тој правец истакна дека ќе се вложат средства од над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од над 700 км.

„Нашата цел е да нема отсечено населено место во земјава, да имаме добра и квалитетна инфраструктура каде економски бенефит ќе имаме сите ние граѓаните на Македонија. Но она што сакам јас да потенцирам е тоа што Програмата за 2019 година е уште пообемна. Околу четириесетина патни правци со вкупна вредност од преку 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за да се започнат со рехабилитација и реконструкција. Очекуваме со градежната сезона да ги ставиме во погон сите градежни компании и да се отпочне со рехабилитација на голем дел од нив.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов даде осврт на плановите и програмите што ги спроведува ова претпријатие и рече дека ЈПДП има спроведено тендерски постапки за рехабилитација на 39 патни правци кои веднаш во првиот квартал штом дозволат временските услови ќе отпочнат да се градат.

„Во 2019 се продолжува со изградбата на автопатиштата и експресните патишта со вкупна должина од 144 км и вкупна вредност од 770 милиони евра“, соопшти директорот Китанов и информираше дека преку Македонија пат се рехабилитираат уште 41 патен правец со вкупна должина од 93 км во износ од 9 милиони евра.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.