Спортист, врвен полицаец, вљубеник во природата и во мисија да изгради шампиони – Интервју со Филип Сливјаноски

Филип Сливјаноски е познато лице меѓу прилепчани. Истакнат спортист, одличен полицаец, вљубеник во природата и риболовот, а во изминатата година и предводник на клубот за кик бокс “Ронин”. Поради една повреда беше спречен да продолжи и понатаму да се натпреварува и да освојува медали, но затоа пред себе има многу поголема задача – од своите ученици да изгради уште поголеми шампиони.

Во продолжение разговараме со него, за неговите спортски почетоци, хобија, интереси и како се снаоѓа во новиот предизвик да биде тренер на голем број млади спортски надежи.

Кажи ни нешто повеќе за тебе. Кој е Филип Сливјаноски, што работи? Кога започнуваш да се занимаваш со спорт и дали боксот и кик боксот одсекогаш биле твој прв избор?

-Филип Сливјаноски е несекојдневна личност во овие тешки и брзи времиња, во модерниов живот. Работам како полицаец. Десет години бев припадник на едниницата за брзо распоредување (ЕБР), но поради тешка повреда бев приморан да го променам работното место и моментално се најдувам на работно место во регионалниот центар југ, поточно во полициската станица Старавина. Со спорт започнав да се занимавам од мојата шеста година, поточно на 1. Септември 1996 година, кога и започнав да одам во предшколска возраст. Боксот и кик бокс не беа мој прв спорт. Моите почетоци и моите најголеми успеси се темелат на каратето. Тоа беше мој прв спорт, а со кик бокс започнав да се занимавам од 2009. година.

Од кога функционира клубот Ронин, каде се наоѓате и какви се вештини може да се стекнат кај вас?

-Клубот Ронин функционира од 15.11.2020 година. Пред неколку дена прославивме една година од нашето постоење. Кај нас во клубот пред се можете да се стекнете со војничка дисциплина, бидејќи за време на нашите тренинзи не сте мамини и татини галеничиња, туку сте РОНИНИ и нема галење. Тогаш сте препуштени на нас. Кога зборувам на нас, станува збор на мене и на мојот помошник Наумче Трајкоски, кој е една многу важна алка во нашиот клуб, бидејќи без него моето отсуство од тренинзите, поради работните обврски, ќе се забележеше многу и немаше да ги имаме овие успеси и напредок.

Што би издвоил како твој најголем личен успех во твојата спортска кариера?

-Хммм… интересно прашање, за најголем спортски успех би го издвоил второто место на Балканското првенство во карате далечната 1999 година, но уште поголем успех за мене е основањето на КБК Ронин.

Дали Филип е се уште активен во спортот како натпреварувач, или сега си исклучиво посветен на тренерската дејност?

-Се уште сум активен како натпреварувач морам да ви признаам. Да правиш спаринг со моите “ронини” треба да си се уште активен борец. Но, не сум повеќе активен во натпреварувачки план, како што кажав погоре, повредата на ногата ме спречи да се натпреварувам. Но и покрај тоа давам максимум за моите ученици да станат големи шампиони.

Има еден интересен чаршиски муабет кога ќе се спомне Филип Сливјано, а тоа е дека со голи раце удираш во дрво. Кажи ни колку е вистина ова и што придонесува ваквиот вид на тренинг?

-Ха, ха.. нека остане на чаршиски муабети, а удирањето во макивара со голи раце придонесува да се зајакне ударот, кога ќе го здрмаш противникот да се замисли што му се случило.

Кажи ни повеќе за вашите моментални активности во клубот. За што се подготвувате во блиска иднина?

-Moментално борците се насочени да бидат во висока физичка подготвеност, бидејќи ни престојат доста тешки предизвици, а јас како тренер сум насочен најмногу да успеам да го внесам клубот во WAKO федерацијата на Македонија.

На твојот профил на Фејсбук можат да се видат фотографии и од планинарење, велосипедизам, риболов …. кое од овие хобија најмногу те исполнува  и што се друго прави Филип во слободно време?

-Точно. Ја сакам природата, а моментално најмногу риболовот.  Ме исполнува мирот кој го нуди ова хоби. Уживам по 2-3 дена и се враќам во реалноста назад. Велосипед возам кога сум во можност, внимавам на повредената нога, а планинарам многу поретко.

Колку е лесно или тешко да се успее на спортски план во Македонија и дали спортистите во Прилеп добиваат доволно поддршка од надлежните?

-Многу е тешко во Македонија да се успее, се додека политиката е во спортот за жал ќе немаме големи успеси. Немаме професионализам, се уште важи поговорката “ако имаш вујко владика ќе бидеш некој и нешто”. Надлежните немаат многу слух, големите фирми речиси да не сакаат да не примат, или да дадат било каков одговор на некои наши писма и барања за помош.

Нешто што не те прашавме, а би сакал да потенцираш…

-Да, не ме прашавте, но сам ќе си кажам J КБК Ронин ќе биде врвен клуб, знам дека ќе успееме сите заедно да се искачиме високо на пиедесталот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.