СВ. ПЕТКА ВЕ ПОВИКУВА: „Дојдете сите верни да се поклониме пред Успението на Богомајката”

Почитувани верни прилепчани,

Празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица има посебно место во срцата на нашите верници.

Пресветата Богородица нé учи на трпение, љубов, добрина, а воедно нé исполнува со вера во подобро утре и почит кон нашите ближни. Славејќи го нејзиниот лик и дело, повикувајќи ја во нашите животи, таа ни дава мудрост во моментите при соочувањето со искушенијата со кои се среќаваме во нашите животи но, истовремено ни дава сила и вера нам, на нашите семејства и на сите оние на кои им е потребна утеха и надеж.

Успението на Пресвета Богородица е радосен празник и значаен настан за сите нас кои чекориме по патот на христијанскиот „аџилак“. Во Богородичното Успение ние ја читаме сопствената биографија и житие, зашто Марија е нишката која дното на земјата и врвот на небото ги спојува во едно.

Во заедништвото и радоста на денешното празнување, храмот „Св. Петка“ во Точила, срдечно Ве поздравува, сите Вас православни браќа и сестри, деца и младинци, возрасни и во поодминати години, односно сите Вас кои носени од искрена љубов, директно или индиректно, ќе земете учество во овој голем празник.

Љубовта и радоста на Небесната Мајка ги опфаќа луѓето од сите генерации. Таа е Мајка, член на нашите семејства, сеќавање на нашата историја. Нејзиниот лик е трајно присутен во нашите домови. И покрај многуте драги семејни фотографии, Нејзината икона зазема најзначајно место.

Останува со нас и тогаш кога не и’ оддаваме почит, ја забораваме и ја навредуваме со нашето однесување. Не нé напушта, затоа што во својот Син, Господ Исус Христос, нé прифатила со сите наши радости и надежи, маки и јадови. Богородица е навистина споменот на нашето минато, придружник на нашата сегашноста и застапник за нашата иднина.

Почитувани дедовци и баби, татковци и мајки, Ве повикувам оваа вековна почит која ѝ ја оддаваме на Пресветата Богородица, да ја посведочиме како најголемо богатство и да ја предадеме на нашите деца и внуци, зашто тие нема да не паметат по ништо друго освен по ова човечко и христијанско сведоштво кое длабоко се впишува во нивните срца.

Како народ кој, столетија наназад, со големо возљубение и неизмерна почит, го слави овој голем христијански празник, денес истовремено ги славиме и традиционалните вредности на нашето општество и на нашите семејства.

Вредности кои не движеле низ вековите и кои треба да ни бидат пример за потребното човечко функционирање и во иднина, бидејќи само така ќе се задржиме на вистинскиот пат.

Почитуванио верници, во духот на вековната почит која ја имале нашите предци кон Мајката Божја, Ве поканувам во храмот „Св. Петка“ во населбата Точила, заедно да ѝ оддадеме почит и со Вашето учество во Божествената Литургија торжествено да го прославиме овој празник.

Славејќи го денешниот голем празник Ве повикувам заедно да ѝ се помолиме на Пресвета Богородица да ги благослови нашите семејства, особено оние кои се соочуваат со тешкотии во материјалната сиромаштија и кои се обележани со драмите на животот.

Да ѝ се помолиме нашите семејства да ги откријат убавините и богатството на животот, и да бидат темел за здравје, мир, спокој, меѓусебна љубов, благодети и успеси во секое семејство и во нашата држава.

Да благослови нашите семејства да бидат извор на живот и радост, предвкус на Христовото Воскресение и да ја споделат радоста на Нејзиното Вознесение. Да измолиме да погледне кон нас со Нејзините милостиви очи и да ни помогнеме на нашиот пат на помирување и простување. Да ја благослови нашата Македонија да расте во правда, вистина, мир и слобода.

Нека ни е честит и за многу години големиот празник Успение на Пресвета Богородица!

в.д. старешина на храм „Св. Петка“ – Точила
протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.