Протоереј Љупче Петрески за глумците кои деновиве се бламираат пред камери

“Јас сум ти друже, страствен љубител на театарот и на седмата уметност. Особено ги ценам глумците.
Глумецот ти е, друже, човек чиешто занимање е да игра, да глуми. Знам дека знаеш која е улогата на глумецот ама тоа ти го потенцирав, за да дојдам до поентата на муабетов.

Добар глумец ти е батка, не оној кој дадената улога ја глуми ами оној кој дадената улога ја „живее“, ако ме разбираш. Лоша или никаква сценографија, лоша костимографија и кореографија се фактори кои придонесуваат за впечатокот на претставата во целина, ама ако глумецот е добар, може да ја „носи“ претставата. И обратно. Џабе ако наведените фактори се добри а глумецот е лош и комплетниот впечаток за претставата ќе биде таков. Затоа, друже, мене ми е битно кој како глуми, односно аплаудирам кога глумецот ја „живее“ улогата.

Тогаш и јас со него се соживувам и учествувам во претставата. Тие глумци за мене не се само глумци ами и уметници. За да ме разбереш подобро, еве ќе ти направам една паралела, можеби не најсоодветна ама мислам оти ќе ти ја доловам суштината на муабетот. Лошиот глумец, друже, ти е како некој оратор, кој пристојно говори, ама не е убедлив оти гледаш дека и самиот не е верува во тоа што го кажува. Говори без жар. Нема бе оган во очите додека зборува!

Е такви ти се батка и глумците. Има глумци на кои дадената улога им „лежи“ и ќе ја „живеат“ додека се на „штиците што ЖИВОТ значат“. Има и такви на кои не им „лежи“ дадената улога и на сцена оставаат слаб впечаток. Ама во некоја наредна претстава се претставуваат во многу подобро светло.

Но има и такви чии глумечки способности се скромни или просечни и на таквите, нормално, ретко која, или никоја, улога им „лежи“ и затоа не добиваат значајни или главни улоги и никогаш не добиваат награди за најдобар глумец.

Таквите глумци, друже, колку пари и да им даваат, не знам какви ветувања за ЖИВОТ, за штогоде, џабе им е друже – не се убедливи. Очигледно е дека глумат. И затоа може и да не ги забележиш кога глумат па макар и да ти ветуваат најразлични нешта само за да ти го скренат вниманието.

Таквите се уште полоши пред камера. А деновиве, без каков годе усул, без ронка намуз, се топорат пред камерине. Брееееј!!!

Кој разбра, разбра!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.