Прилеп, зелена оаза на која другите градови можат да позавидат: Изградени 200.000 метри квадратни паркови површини (ГАЛЕРИЈА+ВИДЕО)

BeFunky Collage12

Во последните 12 години во Општина Прилеп се изградени рекордни 200.000 м2 парковски површини. Градот доби еден современ и урбан лик каков што немал досега во историјата на неговото постоење.

Со напорната работа на локалната самоуправа на Прилеп во соработка со ЈКП „Комуналец“, центарот на градот, секоја населба и маало, добија разни парковски површи и детски игралишта кои се место каде сега граѓаните го поминуваат своето слободно време.

Комплетно се средија парковските површини во центарот на градот и зелените површини на плоштадите „Методија Андонов Ченто„, „Александрија“ и „Цветните патеки околу Градскиот Часовник. Во 2006 и 2007 година се реконструираше комплетно Паркот на Револуцијата – Могилата кој сега претставува вистинска гордост на Прилеп. Инвестицијата тогаш чинеше 15 милиони денари.

Претходно овој парк беше едно од најзапуштените и најруинирани места во градот, а денес тој претставува вистински симбол на убавина и амблем на градот. По целата должина на улицата „Петта Прилепска Бригада“, од околу 1 км, се изгради парк со површина од 10.000 м2, а таму се поставија и оградија 12 детски игралишта со урбана опрема.

Инвестицијата за овој парк чинеше 9 милиони денари, а оваа улица прерасна во прекрасна авенија. Во населбата Бончејца се изгради еден од најубавите паркови во Прилеп и Македонија. Паркот кај Основниот суд се простира на површина од 3.000 м2, каде се изгради детско игралиште, езерца, мостови, куќарки со скали поставени на дрвја, летниковци, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. Изградбата на паркот чинеше 3 милиони денари.

Во периодот од 2010 година до 2013 во населбата Димо Наредникот се изградија три големи парка кои се простираат на површина од 11.000 м2. На парковските површини покрај зеленило и пешачки патеки се изградија и детски игралишта со нишалки, клупи и корпи за отпадоци, кошаркарско игралиште, фонтани, водоскоци и друга урбана опрема.

Инвестицијата за изградба на трите парка беше вредна околу 10 милиони денари. На површина од 2.500 м2, во 2011 година наспроти хотелот Липа се озгради парк со 3 детски игралишта, инвестиција од 1.200.000 денари. Во населбата Точила 1, во 2013 година, се изгради еден од најголемите паркови во Македонија кој се простира на површина од скоро 25.000 м2.

Инвестиција за изградбата на овој парк чинеше 14 милиони денари. Паркот опфаќа спортско рекреативни терени за кошарка, одбојка и мал фудбал. Направени се водени површини, фонтани и чешми. Има 8 отворени детски игралишта и едно оградено детско игралиште со базени за игра со вода и песок, нишалки, лизгалки, вртелешки, клупи и корпи за отпадоци. Зелените површини во Паркот се полеваат со технолошка вода за што е ископан бунар и поставена комплетна водоводна инсталација.

Во населбата пак Точила 2 се изгради парк со површина од 15.000 м2, Паркот сеуште треба да се надогради, досегашната инвестиција е 5 милиони денари.

Современ парк доби и „Типската населба“ со оградени спортски игралишта за мал фудбал и кошарка и детски игралишта со поставени нишалки, лизгалки, вртелешки, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. Паркот чинеше 1 милион денари Нов парк се изгради и кај зградите под касарни со површина од 1.500 м2, инвестиција тешка 1.500.000 денари.

Лани, населбата Бончејца доби уште еден парк, кој се простира на површина од 2.000 м2, а изградба беше вредна околу 2 милиони денари. Вкупните инвестиции за сите овие паркови во Прилеп во периодот од 2005 до 2016 година изнесуваат 61.700.000 денари или околу 1 милион евра.

Освен овие големи, помали парковски површини беа изградени во буквално секоја населба и маало во Прилеп. Исто така треба да се потенцира дека освен во градот паркови беа изградени и во повеќе населени места како : Чепигово – парк со мал базен, парк со детско игралиште доби Беровци, а паркови се изградија и во Подмол, Лагово, Мажучиште.

Паркови со детски игралишта исто така добија Селце, Радобил и Мало Коњари. Два парка се изградија во Канатларци, а паркови се градат и во Кадино село, Галичани и Лагово и тие се во завршна фаза.

Во 2017 година планирано е да се изградат 15.000 м2 парковски површини, инвестиција која ќе чини 10 милиони денари. Тоа ќе бидат следните парковски површини :

– Доградба на парк – комплекс Точила 2, со површина од 8.000 м2

– Изградба на парк Тoчила 3, со површина од 5.000 м2

– Изградба на мали паркови во Урбани заедници по барање на жителите, со површина од 2.000 м2

За реализација и изведба на парковските површини финасиите ги обезбедува локалната самоуправа и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп. Кога станува збор за парковите, како новина, која ја немаат други градови во Македонија, треба да се нагласи и тоа дека во периодот од 2007 до 2014 година беа избушени 23 бунари со инсталирани системи и спроведена линија за технолошка вода, за полевање на парковите, инвестиција која чинеше 20 милиони денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.