КУД „Мирче Ацев“ е организатор на новата културна манифестација која ќе обедини фолклорни ансамбли од Македонија и странство.
Прилеп на 14 и 15 август 2026 година ќе биде домаќин на првото издание на Меѓународниот фестивал „Итар Пејо“, нова културна манифестација која преку фолклорот, музиката и културната размена ќе ги поврзе традицијата и современиот дух.
Организатор на фестивалот е КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, кое стои зад идејата градот да добие нова фестивалска традиција посветена на македонското културно наследство, меѓународното пријателство и народната песна и игра.
Во текот на двата фестивалски дена посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата програма исполнета со свечено дефиле, фестивалски концерти, креативни работилници, детски активности и други културни содржини. Настаните ќе се одржуваат во Прилеп, како и на уште една локација која организаторите најавуваат дека наскоро ќе биде откриена.
На фестивалот ќе настапат ансамбли и гости од Македонија и од повеќе странски држави, што ќе придонесе за вистинска атмосфера на културна размена и дружење.
Од КУД „Мирче Ацев“ најавуваат дека во наредните денови ќе бидат објавени и покровителите и спонзорите кои ја препознале и ја поддржале идејата за организирање на фестивалот.
Со оваа манифестација Прилеп добива уште еден значаен културен настан, кој има амбиција да прерасне во традиционален меѓународен фестивал и да стане препознатлив белег на градот.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на фолклорот, музиката и македонската традиција да ги резервираат датумите – 14 и 15 август – и да бидат дел од првото издание на Меѓународниот фестивал „Итар Пејо“.


























