Прилепчанец пијан превезувал дигалка на автопатот Велес–Скопје

Професионален возач од Прилеп е лишен од слобода откако на автопатот Велес–Скопје бил затекнат како управува товарно возило, вршејќи вонгабаритен превоз без потребното одобрение, а притоа бил и под дејство на алкохол.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, денеска во 08:40 часот, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи го лишиле од слобода возачот К.З. (62) од Прилеп.

Тој управувал товарно возило „Волво“ со прилепски регистарски ознаки и вршел вонгабаритен превоз на работна машина – дигалка со ширина од 275 сантиметри, без да поседува одобрение за вонреден превоз. При извршениот алкотест, кај возачот биле измерени 1,81 промили алкохол во крвта.

Против него се преземени соодветни мерки и ќе се соочи со кривична одговорност за безобѕирно управување со моторно возило согласно член 297-А од Кривичниот законик, како и со прекршочни санкции за вршење вонгабаритен превоз без одобрение. Ќе биде поднесено и барање за поведување прекршочна постапка против правното лице и одговорното лице во правното лице.

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период низ целата држава, со цел санкционирање на несовесните возачи, зголемување на безбедноста и заштита на сите учесници во сообраќајот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.