Прилепчанецот Кирил Тодороски, жари на сцените во далечната Русија

Кирил Тодороски е наш Прилепчанец, кој живее и студира во градот Казан во Русија. Неговиот пат започнал едноставно како и на секој тинејџер, но желбата во него била сосем друга. Кирил мечтаел за нови предизвици, авантури, нови искуства, достигнување на нови светови. Веќе две години е во Русија и е првиот студент од Македонија на Казанската ветеринарна академија. Покрај љувовта кон животните што ја има, Кирил Тодороски умее и одлично да пее. Тој е нашиот амбасадор, кој настапува со државното знаме, и ја претставува Република Македонија, ширум сцените во Русија.


За маркукуле.мк, Кирил ја раскажа својата приказна и својот пат кон успехот.

Кирил Тодороски – Прилеп, Македонија. 11.02.1996

Кирил кажи ни нешто повеќе за тебе, твојот училишен пат, желби и за обврските кои ги имаше додека престојуваше во твојот роден град?

Основното образование го завршив во ОУ„Кочо Рацин“, а поради големата љубов кон животните моето образование го продолжив во СОУ„Орде Чопела“ на профилот ветеринарен техничар. Бев одличен и наградуван ученик. Претседател на училиштето и на младинската организација. Работата за моето училиште ме правеше среќен и исполнет. Последните две години работев во ветеринарна амбуланта. Секојдневно се среќавав со домашни животни на кои им беше потребна лекарска грижа и нега. Немав слободно време, работев и само работев.

Што те наведе да трагаш по нови предизвици?

Отсекогаш мечтаев за поинаков живот. Едноставно сакав да го променам местото на живеење. Како? Кога? Каде? Не знаев. Минуваа и последните месеци од средното образование. Секојдневно размислував за тоа како да излезам надвор од Македонија, и каде да го продолжам моето образование. Почнав да истражувам на интернет. Барав стипендии. Пронајдов многу конкурси, некои беа во тек, а некои завршени.
Таму беше и конкурсот за доделување на стипендии од страна на Владата на Руската Федерација. Никогаш не помислив дека моето образование можам да го продолжам во Русија. Ги подготвив потребните документи и аплицирав. Гласот во мене ми кажуваше дека тоа е најдоброто што можам да го направам. Бидејќи ги исполнував сите услови, бев сигурен во тоа дека ќе ја добијам таа стипендија.

Лесно беше ли да се донесе таква одлука, да се замине толку далеку од твоите најблиски, пријателите, и што најмногу те грижеше во тие моменти на неизвесност?

Времето минуваше, а неизвеснота секојдневно беше сè поголема и поголема. Во еден момент дојде и крајот на неизвесноста. Ја добив таа стипендија. На среќата и немаше крај. Откако ја добив визата, потребно беше само да резервирам билет и да заминам. Не беше и така лесно. Размислував што оставам зад себе, каде одам, што понатаму? Разделбата со семејството и не е баш лесна. Другарите и пријателите не се веќе тука. Едноставно си сам, и сам ги донесуваш сите одлуки. Знаеш дека не можеш кога ќе посакаш да се вратиш и да ги видиш твоите најблиски. Но ваквите одлуки се главни во нашиот живот. Дојде и денот кога требаше да заминам. Бев цврст и одлучен. Се качив во авионот и заминав. Во мене тлееше стравот од непознато. Кога пристигнав тука се чувствував подобро. Фала му на Бога сè беше во најдобар ред. Овде имам многу пријатели и другари. Сите од различни земји.


Колку долго престојуваш во Русија и што те прави среќен таму?

Веќе втора година како ја претставувам нашата татковина – Македонија пред руската и странската публика. Чест ми е кога настапувам под нашето знаме. Среќен ме прави тоа што многу од странските студенти се запознаа со нашата култура и традиција. Пеам песни од незаборавниот Тоше Проески со целото срце и душа.

Кажи ни повеќе за твоите успеси и за тоа како се снаоѓаш во средината во која престојуваш?

Минатата година живеев и студирав во Воронеж. Таму го научив рускиот јазик. Тоа беше мојата подготвителна година. На меѓународниот фестивал- песни и танци на народите во светот добив ЛАУРЕАТА. Учествував на градскиот фолклорен фестивал посветен на денот на славјанската писменост и култура „Славјански венок“ и бев награден со диплома. Оваа година живеам и студирам во Казан, третиот главен град во Русија. Прва година во Казанската ветеринарна академија. Тоа е најстарата академија во Русија. Јас сум првиот студент од Македонија во оваа академија. Добро ми оди. Претседател сум на странскиот сектор во академијата, член на студенскиот совет, и претседател на мојата група. Желбата да се биде прв и најдобар, никогаш не згаснува.
Учествував во академскиот конкурс „Ден на студентите“ и добив диплома за најдобра вокална изведба. На осмиот меѓу универзитетски фестивал „Дружба на народите-2015“ бев награден со диплома.

Една порака до твоите Македонци?

Секој ја сака и претставува својата татковина. Странската публика ја цени и почитува нашата култура и традиција, ја сакаат нашата Македонија. Македонци! Сакајте ја својата татковина, и претставувајте ја во најдоброто светло.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.