Претседателот на Здружението „Пазари“ – Прилеп, Звонко Мирчески, преку објава на социјалните мрежи јавно му се обрати на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, барајќи институционално решение за, како што наведува, проблемот со дивите продавачи во градот.
Во своето обраќање Мирчески истакнува дека како долгогодишен продавач на Градскиот пазар и претседател на здружението, реагира поради, како што вели, нееднаквиот третман на закупците кои редовно ги подмируваат своите обврски во однос на лицата кои продаваат надвор од предвидените локации.
Во продолжение ја пренесуваме неговата објава во целост:
„Почитуван градоначалник Дејан Проданоски,
Ви пишувам пред сè како претседател на Здружението „Пазари“ – Прилеп, а воедно и како загрижен граѓанин и човек кој 30 години работи на Градскиот пазар и придонесува за нашиот град преку подмирување на сите обврски во вид на даноци и други давачки пропишани со закон.
Но, постои едно големо разочарување со начинот на третирање на нас, продавачите во Градскиот пазар. Пред сè, недозволиво и забрането со закон е издавање тезги и нивно поставување во просторот предвиден за паркинг со кој стопанисува ЈП ПУП. Таа локација моментално е узурпирана од страна на разни продавачи на сè и сешто, пред сè на земјоделски производи, кои наместо да бидат на тезгите во пазарот и да се наплаќаат онака како што е пропишано во правилникот за работа на ЈКП „Пазари“, некој си дозволува да продава кој каде ќе стигне и со тоа да ги стави во подредена положба оние што со години редовно си ги подмируваат своите обврски кон горенаведената институција.
Би сакал само да искажам револт дека ситуацијата со т.н. диви продавачи, кои доаѓаат од страна и никнуваат како печурки низ целиот град, воедно создавајќи смет и нехигиенски услови во просторот каде што продаваат, посебно во централното градско подрачје, кое е лицето на градот, а го претворија во депонија и чергарско маало со шатори и корита за капење.
Истото се случува и кај Железничката станица, но тој проблем не е само мој, туку и на граѓаните кои живеат во соседните згради, чии поплаки никој не ги слуша.
Ви пишувам вам пред сè како татко на градот, кој со својата надлежност ќе ги впрегне сите сили и институции надлежни за ваквата проблематика да се реши. Жалосно е еден убав град да ни го грдат вакви слики.
Воедно најавувам дека, доколку не се преземат мерки за целосна дислокација на ваквите и слични продавачи, ние како здружение ќе преземеме поригорозни мерки, со што најмногу ќе биде оштетено ЈКП „Пазари“. За да нема такви и слични настани, би сакал ова да се реши во најбрз можен рок и истите да се дислоцираат на соодветна за тоа локација. Истото важи и за бувљакот на стари работи, кој е лоциран на паркинг простор што е и тоа како потребен за функционирање на пазарот”.
























