Прилепската екипа која рушела се’ пред себе низ цела Југославија пред 40 години: Играле како Бразилци, а за нив може да се напише книга – денеска изгледаат вака..

Славната екипа во мал фудбал постои над 40 години

– Името го носела од Будимир, кој само помагал, а никогаш не играл

Во Прилеп најсигурен начин да се стане славен и секогаш незаборавен е да се стане успешен спортист, особено фудбалер. Многу работи ги јаде забот на времето, ама фудбалските брендови остануваат.

Таков е Будо, екипата од малиот фудбал. Нема повозрасен човек кој не се сеќава,иако поминале многу децении. Над 40 години. Иако само кусо го носела тоа име. Потоа, во зависност од спонзорите, се менувало името и малку составот, но не менувајќи го пласманот – секогаш при врвот.

Малкумина знаат што значи Будо. Тоа е скратено име или прекар на Будимир Секулоски, наш сонародник, прилепчанец, кој од 1985 година живее во Австралија. За чудо, ниту бил фудбалер, ниту играл, а екипата го носела неговото име. Бил голем другар со играчите. Им помагал како организатор, менаџер.

Кога екипата се мислела кое име да го пријават на првиот турнир во 1977 година, од благодарност кон другарот кој секогаш е со нив, во пријавата го запишале неговото име. Впишале име кое стана историја.

Легендата за Будо е од седумдесеттите години. Фудбалот тогаш бил најголемата забава. Децата и младите се воодушевувале од Победа. Сонувале да станат големи фудбалери. Во сите градски маала цели денови, се играло мал фудбал, особено во викендите. Главно екипите биле маалски или составени од другари, како примерот со Будо.

Во оваа екипа сите тренирале во подмладокот на Победа. Претежно играле на игралиштето кај Вишата економска школа или кај училиштето Кочо Рацин. Откако се изградила Универзалната сала почнале и зимските турнири.

Се играло и на други помали периферни игралишта. Практично немало простор, ширинка, каде што младите не шутирале со топка. Игралиштето кај Вишата школа било центарот. Таму се соочувале најдобрите. Се чекало ред. Кој губи отпаѓа и тешко да дочека второ вртење.

Игралиштето практично било првото успешно учество на Будо. Во 1977 година освоено е третото место. Тинејџерите со тој висок пласман навестиле пробив нагоре. Следната 1978 се искачуваат на самиот врв, на турнирот во Универзалната сала, каде учествувале 30 екипи. Според грижливо чуваната документација на Димитар Мендизоски, во финалето се играло продолжение од двапати по пет минути, каде Будо со 6-3 ја совладува екипата Ленин.

Составот на Будо е: Кирил Десоски, Марјан Гулески, Стеван Хаџикочоски, Петар Димитриоски, Љупчо Ристески, Роберт Јашмакоски, Диме Мендизоски, Никола Атески и Живко Тодороски. Јашмакоски е најдобриот стрелец на турнирот со 15 гола.

Малиот фудбал станува многу популарен. Во Белград, Мостар и Загреб се одржуваат турнири, за кои нашироко се чита по весниците. Играчите на Будо размислуваат за настап и на престижните натпреварувања. За првиот настап во Белград одлучувиле случајно. Имено, Универзалната сала била наполнета со тутун, служела како магацин и младиве од Будо немале каде да играат. Во дневниот весник од ЈУ, Спорт, бил најавен турнирот во Белград. И се пријавиле.

Првото коло некоја претходна победничка екипа студенти од Белград ја совладале 3-1. Од непознати, прилепчаните стануваат фаворити. Толку биле омилени што гостувале на Белградска хроника на ТВ Белград. Биле пречекани како ѕвезди од Холивуд. Во Белград постојано патуваат со воз. Не само заради ефтиниот превоз преку Феријално, туку заради дружењето, секогаш да бидат на едно место. Од дома носеле храна, некој кифли, друг колбаси, трет кокошка печена…

Во возот доминирала гитарата на Јашмако. Веднаш се разлеале песни и расположението било весело. Натпреварите биле само за викенд. Да не се прават трошоци играле по еден меч сабота, вториот во недела. Станувале атракција. На наслови во белградски Спорт од февруари 1980 година за Будо пишува ,,Одушевили београѓане,, ,,Прилепчани као Бразилци,, и ,,Прилепчани донели рекорд,,. Новинарот напишал: ,,Над 1500 гледачи што претставува рекорд на салата ,,Пинки,, ги поздравуваат мајсторите на фудбалот од Прилеп, кои поради досегашните игри ги сметаат за фаворити. Составот е: Десоски, Гулески, Јашмакоски, Димитриоски, Карески, Ристески, Димоски, Мендизоски, Тодорчески, П. Јованоски, Печијарески.

Во составот влегуваат најдобрите и од други екипи, како Петар Ветаџокоски, голманот Пеце Секулоски – Вукасо, а често придонес дава и Рубин Ѓорѓиоски, фудбалер на Победа. Во еден случај екипата на Будо, под името Прилеп настапува на два турнира одеднаш. Тоа е во 1982 година. Во Белград влегува во четвртфиналето, во Скопје во финалето. Бидејќи мечевите се во ист ден, прилепските фудбалери одлучуваат за финалето во Скопје.

Го откажуваат учеството во Белград. Скопскиот турнир е престижен со учество на над 500 тима. Салата Кале преполна, со 3000 гледачи. Поради преголемиот интерес, ТВ Скопје првпат врши директен пренос од мал фудбал со коментарот Атанас Костовски. Мечот го суди тогаш прволигашкиот арбитер Гоце Попев.

Прилепчаните победуваат 5-3 во финалето против Па – Бап, за која настапува 17-годишниот Дарко Панчев, идна фудбалска ѕвезда од светски размери. И неговиот гол со проектил-удар не помогна за избегнување на поразот. Прилеп доби пехар и награда од 40 илјади динари.

За сите победи, пехари во Белград, Загреб, Скопје, Прилеп, Битола, Охрид може да се напише книга. Има иницијатива за нешто слично, има и материјали. Повод е првиот пехар со јубилеј од 40 години.

За некои од случките беше вратен филмот наназад летово, на средбата во Алинци. Домаќин беше иселеникот Будимир, виновникот за името на екипата, како и безмалку сите играчи што продефилирале на турнирите. Времето е незапирливо, итаат часовите, деновите и годините, но засекогаш останува споменот за екипата со славно име – Будо.

Многу помагатели

Будо е доказ како се помагал спортот. Помагале претпријатија, како Витаминка. Затоа на сликите на дресовите го пишува нејзиното име. Пред натпреварите се фрлале кон гледачите кесички Стоби флипс.

Помагале и поединци, како Кире Дрзманоски. Една година екипата во последен момент решила да настапи на турнир, а немале пари. Кире ги дал сите пари од џеб и тимот на Будо се пријавил на турнирот.

Трчале од работа за да ги гледаат

Мајсторите од Будо биле како американските кошаркарски магионичари Харлемовци. Како што Харлемовци оделе од град в град да прикажуваат кошаркарски атракции, пречекувани од многу народ, така и играчите на Будо каде и да се појавеле трибините биле преполни.

Возрасните се сеќаваат дека трчале од работа да стигнат навреме во Универзална, оти ќе немало празно место. Исто било во Скопје, Белград.

– Зошто не сакаше публиката? Игравме на прва топка, брзо, технички како Бразилци. Беше нешто ново. Се познававме одлично, долго игравме заедно, се ,,читавме,, и можевме да се проигруваме со врзани очи. Затоа атракција бевме секаде – се сеќава Димитар Мендизоски.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.